Не е формиран секретаријат за родова рамноправност
Ќе востановиме Секретаријат за родова рамноправност при Влада на Република Македонија кој ќе се грижи за имплементација на родова перспектива во креирање на политиките и буџетите на национално и локално ниво.
[Извор: Изборна програма на СДСМ ( 2016 ) „План за живот во Македонија“, стр. 245, датум: декември 2016]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
За предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.) СДСМ вети дека во првите две години по доаѓањето на власт ќе биде формиран секретаријат за родова рамноправност . Ова изборно ветување на социјалдемократите дадено во нивната програма: „План за живот во Македонија“ , најнапред на почеток од програмата во делот „Развој на домашните капацитети и пристојна работa“ (стр.111), а потоа и во рамките на „Планот 24м – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 2 години“ (стр.245), досега (28.05.2019)“, не е исполнето.
Според дадените изборни проекции на СДСМ, секретаријатот за родова рамноправност требаше да биде формиран најдоцна до крајот на овој месец, со оглед на тоа што Владата предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 година. Проверката на „Вистиномер“ покажа дека до моментот кога е пишуван овој текст не е основан ваков секретаријат.
На веб-страниците на Владата и на Министерството за труд и социјална политика не може да се најдат информации дека е донесена одлука/ решение за формирање на ваков Секретаријат. Иако, на пример, на интернет страниците на Владата и на Министерството за информатичко општество (МИОА) може да се најдат информации дека се формирани Совет за реформа на јавната администрација (декември 2017 Г.) и Секретаријат за реформа на јавната администрација (февруари 2018 г.), како и податоци за нивните активности.
Исто така, информација за основање на секретаријат за родова рамноправност, не може да се добие ниту со детална проверка на интернет преку Гугл и македонските агрегатори на вести. Единствено нешто што може да се најде, се информации поврзани со формирањето на Интер-ресорска советодавно консултативна група за еднакви можности на жените и мажите (октомври 2017 г.), на чија конститутивна седница во Владата присуствувале премиерот Зоран Заев и министерката за труд и социјала, Мила Царовска.
Сепак, имајќи предвид дека форматот на телото даден во изборното ветување е далеку поамбициозен – секретаријат за родова рамноправност, кој ќе се грижи за имплементација на родова перспектива во креирање на политиките и буџетите на национално и локално ниво, ова изборно ветување на социјалдемократите го сметаме за неисполнето.
ИЗВОРИ:
- Предизборна програма на СДСМ (2016) „План за живот“,стр.245 [Пристапено на 28.05.2019]
- Веб-страница на Владата [Пристапено на 28.05.2019]
- Веб-страница на Минстерство за труд и социјална политика [Пристапено на 28.05.2019]
- Веб-страница на МИОА: Реформа во јавната администрација ( [Пристапено на 28.05.2019]
- Веб-страница на Владата (20.10.2017): Премиерот Заев со министерката Царовска на формирањето Интер-ресорска група за еднакви можности: Македонија ќе биде земја за пример, имаме системски пристап кон родовото прашање [Пристапено на 28.05.2019]
- Веб-страница на Министерство за труд и социјална политика: Интер ресорска група за еднакви можности на жените и мажите [Пристапено на 28.05.2019]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар