Не е формирано обвинителско одделение за кривични дела од лица со полициски овластувања

Фото: jorm.org.mk

 

Владата на Република Македонија во „Планот 3-6-9“ за итни рефорски приоритети го има запишано следното ветување за кое оценуваме дека е делумно исполнето:

 

Реформа во безбедносните и разузнавачките служби

Формирање на посебно одделение во рамките на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кое ќе биде надлежно за кривично гонење на кривични дела извршени од страна на вработените во МВР со полициски овластувања како и од припадниците на затворската полиција

[Извор: Влада на РМ – План 3-6-9, датум: октомври 2017 година]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ова ветување го нема директно како такво во предизборната програма на владејачката партија СДСМ, План за живот во Македонија (стр 235), иако се говори за зајакнување на борбата против корупцијата во редовите на МВР и се споменува со него комплементарното ветување, за полицискиот омбудсман. Ветувањето не е наведено ниту во Програмата за работа на Владата 2017-2020, ниту во Програмата за работа на Владата за 2018 година.

За првпат ова ветување е запишано во Планот за итни рефорсмки приоритети 3-6-9 на Владата на РМ, во Наративниот дел за планот 6-9, при што, рокот за исполнување е поставен заклучно со март 2018 година, а по проверката констатиравме дека е во рана фаза на реализација.

Ова ветување се наоѓа во делот на Реформа на безбедносните и разузнавачките служби во Наративниот план 6-9 и е групирано заедно со ветувањето за посебно тело и кај Народниот правобранител, кое би имало слична функција, се разбира со различни надлежности.

Впрочем, уште на 12-ти септември 2017 година, Владата преку министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој зборуваше на прес – конференција по првите сто дена од раководењето со МВР, ја најави оваа реформа што е поврзана со безбедносните служби:

Дефиниран е моделот и правната рамка за воспоставување на надворешен независен механизам за надзор на работата на полицијата во соработка со Советот на Европа и Народниот правобранител. Овој модел предвидува формирање на посебно одделение во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (Обвинителство плус) и формирање на посебна организациона единица кај Народниот правобранител како механизам на граѓанска контрола (Омбудсман плус или Полициски омбудсман). Овој модел ќе биде одлична законска гаранција за независна контрола над работата на полицијата – изјави тогаш Спасовски.

На 26 декември 2017 година на седница на Влада на Република Македонија беше усвоен пакетот закони поврзани со реформите на безбедносните и разузнавачките служби меѓу кои и предлогот за измени на Законот за Јавно обвинителство:

Владата го разгледа и утврди Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за јавното обвинителство. Со предложените измени и дополнувања на Законот за јавното обвинителство се врши формирање на посебно Одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, се предвидува неговата надлежност, формирањето на истражен центар, како и други прашања поврзани со ова посебно одделение – се наведува во соопштението за 45-тата редовна седница на Владата на РМ.

Заедно со овој предлог е утврден и предлогот за измени на Законот за јавнообвинителска служба, за потребите на новото одделение:

Владата на РМ го разгледа и утврди Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за јавнообвинителска служба. Со предложените измени, кои произлегуваат од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавното обвинителство и со кои се предлага во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да се формира посебно Одделението за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, се предвидува во ова одделение, покрај јавните обвинители, да бидат вработени и јавнообвинителски службеници кои ќе бидат на ниво В1 и со позиција на јавнообвинителски советник-истражител. (соопштение од Влада)

Веќе следните работни денови пред крајот на 2017 година во Собранието се испратени споменатите измени на законските решенија, кои носат датум од декември 2017 година.

Но, во Собранието поради подолгите паузи во јануари и февруари, делумно и во март, текстовите на овие законски решенија, малку задоцнија. Во моментот кога го проверуваме ова ветување, тие се во фаза на второ читање, односно пред усвојување. Поточно измените на Законот за јавнобвинителска служба е поминат во прво читање и може да оди во второ, додека измените на Законот за јавно обвинителство сè уште чека во групата на текстови во второ читање, што значи допрва треба да биде разгледуван на пленарна седница на Собранието. Според последните информации овој законски предлог е ставен токму на 35-тата пленарна седница на Собранието што е закажана за денеска (12.04.2018), во моментот кога го заклучуваме овој текст.

Она што е интересно како податок, е дека ветувањето е практично дополнето од она што е формално е запишано. Имено, кога ќе се разгледа прелогот за измени на Законот за јавно обвинителство ќе се види дека со измените новото одделение нема да се занимава само со кривични дела сторени од вработени со полициски овластувања во МВР и во затворската полиција, туку и со вработените со полициски овластувања и во финансиската полиција и во Царинската управа на РМ:

Под лице со полициски овластувања во смисла на став 1 од овој член се подразбира полициски службеник, овластено службено лице за безбедност и контраразузнавање со полициски овластувања, припадници на финансиска полиција, со закон овластени лица на Царинската управа кои работат на откривање на кривични дела и овластени службени лица на Министерство за одбрана кои работат на откривање и истражување на кривични дела – се наведува во еден од членовите на изментеиот и дополнет закон кој се уште чека на усвојување во Собранието на РМпишува во еден од членовите на предложените измени.

Поради горенаведените факти околу реализацијата на ветувањето на Владата кое требаше да биде остварено заклучно со март 2018 година, но тоа досега (12.04.2018) не се случи,  може да се каже дека проектот е во фаза на рана реализација. Законските измени се при крај, меѓутоа реално е да се очекува дека заради неопходните подготовки ќе помине барем уште некој месец додека се формира одделението, така што, во моментот оценката за ветувањето е дека тоа е само делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција