Не е изграден кружен тек кај автобуската станица во Неготино
Проект: Изградба на кружен тек кај новата автобуска станица.
Наша цел во наредниот мандат ќе биде соодветно уредување на локалниот сообраќај во градот Неготино. Затоа ќе изградиме кружен тек кај новата автобуска станица. Средства: 3 милиони денари. Извор на средства: Буџет на Општината. (Рок на реализација: 2013-2014 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето за изградба на кружен тек кај новата автобуска станица во Неготино е неисполнето ветување на градоначалникот на Неготино Ванчо Апостолов од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Проектот е содржан во предизборната програма за локалните избори 2013-2017 година насловена како: „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра општина Неготино!“ (стр 62).
На 28.10.2016 година, порталот Тиквешија инфо, објави текст со наслов: „Што вети а што заборави градоначалникот на Неготино?“. Во текстот, меѓудругото, се спомнува и дека сè уште не е изграден кружен тек кај новата авотбуска станица.
За поголема безбедност во сообраќајот Апостолов најавуваше дека ќе прави и кружни текови. Еден кај автобуската станица, а друг во центарот на градот. Се ветија, но не се направија!
Еден месец подоцна, на 18.11.2016 година, порталот Неготино инфо, објави дека се изготвува инфраструктурен проект за изградба на кружен тек кај Автобуската станица.
Општина Неготино веќе го има порачано инфраструктурниот проект кој е во фаза на изработка, врз основа на кој пак ќе се изработи основниот проект и ревизија на истиот. Потоа, согласно законските прописи, следува издавање на одобрение за градење и започнување на активностите за изградба на кружен тек кај Автобуската станица во Неготино.
Изградбата на кружниот тек е најавена за оваа година (2017) и во отчетот на градоначалникот Апостолов за сработеното во 2016 година, објавен на официјалната веб страна на општина Неготино.
Покрај гасификацијата и подобрување на водоснабдувањето како приоритетни, планираме и завршување и асфалтирање на патниот правец Горни Дисан – Вешје, патот од село Калањево до излетничкото место Бела вода. Потоа реконструкција и изградба на спортски-забавен парк кај Спомен-костурницата, изградба на нова површинска фонтана на градскиот плоштад, изградба на кружен тек на влезот во Неготино,…
Имајќи го предвид сето ова, како и фактот дека мандатот на Апостолов е веќе истечен, може да се заклучи дека ветувањето за изградба на кружен тек кај новата автобуска станица во Неготино е негово неисполнето ветување.
ИЗВОРИ:
- Програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013-2017 година – „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра општина Неготино!“ (стр 62) [Пристапено на 25.05.2017]
- Тиквешија инфо (28.10.2016) – Што вети а што заборави градоначалникот на Неготино? [Пристапено на 25.05.2017]
- Неготино инфо (18.11.2016) – Се изготвува инфраструктурен проект за изградба на кружен тек кај Автобуската станица [Пристапено на 25.05.2017]
- Официјална веб страна на општина Неготино – Отчет на градоначалникот Апостолов [Пристапено на 25.05.2017]
- Официјална фејсбук страна на Ванчо Апостолов (03.02.2017) – Отчет на градоначалникот Апостолов [Пристапено на 25.05.2017]
Оцени: Ана Анастасовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар