Не е изградена ветената поликлиника во Општина Бутел

Фото: Општина Бутел и официјална слика на градоначалникот Дарко Костовски

Иако Општина Бутел доби средства од т.н унгарски кредит на Владата и има одредено локација каде ќе се гради поликлиниката, сепак нејзината изградба сè уште не е започната. Дури и под претпоставка сега да стартува изградбата на поликлиниката, шансите таа да се изгради во наредните 4-5 месеци до крајот на мандатот на Костовски – октомври 2025 г., се многу мали

Иако Општина Бутел доби средства од т.н унгарски кредит на Владата и има одредено локација каде ќе се гради поликлиниката, сепак нејзината изградба сè уште не е започната. Дури и под претпоставка сега да стартува изградбата на поликлиниката, шансите таа да се изгради во наредните 4-5 месеци до крајот на мандатот на Костовски – октомври 2025 г., се многу мали

 

 

Во предизборната програма за локалните избори во 2021 година, градоначалникот на Општина Бутел Дарко Костовски сподели повеќе идеи за тоа како тој сака да ја развие општината, при што најави и неколку капитални инфраструктурни проекти.

Ветување: ИЗГРАДБА НА НОВА МОДЕРНА ПОЛИКЛИНИКА Изградба на нова модерна поликлиника од цврста градба со којашто ќе бидат задоволени здравствените потреби на сите луѓе од Општина Бутел и околните општини. Во неа ќе има ординации по општа медицина и ординации со специјалистичка дејност, како и пункт на итна медицинска помош. Рок: 2025 година.

[Извор: Програма на Дарко Костовски: „За Бутел гарантираме – Создади нова иднина“ (стр. 8); Датум: октомври 2021]

Образложение

Првото ветување што градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, го дава во својата предизборна програма е изградба на нова и модерна поликлиника. Иако за овој приоритетен проект се добиени средства од т.н. унгарски кредит и има одредено парцела според ДУП каде што треба да „никне“ клиниката, самата изградба сè уште не е започната. Затоа, ова ветување го оценуваме како неисполнето.

Градоначалникот Костовски уште пред почетокот на неговиот мандат, за време на ковид пандемијата,  вети дека ако биде избран уште во првиот месец ќе ја отстапи општинската зграда за таа да биде пренаменета во поликлиника. Костовски тогаш рече дека во недостиг на таква медицинска јавноздравствена установа во Општината, вработените во Општината ќе се преселат на нова поскромна локација, а општинската зграда ќе служи како поликлиника. Но, како што пишуваше Вистиномер, тоа не се случи

Две години подоцна, Костовски информираше дека тој и Општината се спремни да ја изградат поликлиниката, но според него, тогашната Влада предводена од социјалдемократите го кочела:

Па како што најави самиот Костовски во Фејсбук објавата, се очекуваше дека по доаѓањето на власт, неговите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја забрзаат процедурата. 

На почеток, изгледаше како навистина  дека ќе за забрза изградбата на поликлиниката. Како што пренесува Канал 5, во август минатата година Костовски и тогашниот министер за здравство Арбен Таравари (кој во меѓувреме ја напушти Владата) остварија средба на која биле договорени следните чекори за изградбата на оваа нова поликлиника во Општина Бутел.

Фото: Средба меѓу тогашниот министер за здравство Таравари и градоначалникот на Бутел, Костовски Извор: Официјална Фејсбук страница на Дарко Костовски

Во меѓувреме немаше информации за изградбата на ветената поликлиника сѐ до минатиот месец – 24 април, кога Костовски гостуваше во емисијата ,,За или против“ на телевизија Алфа. Тогаш тој се пофали дека во рамки на владиниот јавен повик за поддршка на инфраструктурни проекти, финансирани со пари од тн. унгарскиот кредит, Општината аплицирала на 38 проекти, меѓу кои е и капиталниот проект за изградбата на оваа поликлиника:

Една недела подоцна, на трети мај, од Општината споделија дека Општина Бутел ќе добие од Владата 6 милиони евра, со кои ќе се изградат повеќе проекти:

Во општина Бутел ќе биде изградена нова модерна поликлиника, нов дом на културата со плоштад, нов затворен базен, нови мостови, нови спортско-рекреативни центри или вкупно 35 проекти кои се долгоочекувани од граѓаните на општина Бутел, пишува во објавата на Општинската веб-страница.

Но, од почетокот на месецот, кога беше споделено дека Општината го добила своето парче колач од унгарскиот кредит, досега (30.05.2025) изградбата на поликлиниката не е започната. Таква информација нема на веб-страницата на Општината, ниту пак, е објавена во медиумите. 

Дури и под претпоставка сега да стартува изградбата на поликлиниката, многу се мали шансите таа да се изгради во наредните 4-5 месеци до крајот на мандатот на Костовски – кого ВМРО-ДПМНЕ го утврди како градоначалнички кандидат и за претстојните локални избори, па ова негово ветување го оценуваме како неисполнето.

 

******

Инаку, претходникот на Костовски на градоначалничката функција во Општина Бутел, Велимир Смилевски, исто така вети, но не успеа  да изгради нова поликлиника за време на неговиот мандат (2017-2021). 

 

Извори:

Оцени: Матеј Тројачанец

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција