Не е Јане од Македонија, туку Исмаил од Турција

Фото: скриншот од дел од постот

Во пост со фотографија лажно се тврди дека содржината на фотографијата е од Македонија. Станува збор за изменета содржина на фотографијата на која е прикажан сиромашен ученик кој морал на училиште да оди со импровизиран ранец бидејќи немал пари за вистински. Со пребарување на интернет се утврди дека фотографијата е од Турција и се однесува на извесен Исмаил

Во пост со фотографија лажно се тврди дека содржината на фотографијата е од Македонија. Станува збор за изменета содржина на фотографијата на која е прикажан сиромашен ученик кој морал на училиште да оди со импровизиран ранец, бидејќи немал пари за вистински. Со пребарување на интернет се утврди дека фотографијата е од Турција и се однесува на извесен Исмаил

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Овој ученик е Јане. Мајка му му направила чанта од скинатото старо ќебе. Нека го погледнат политичарите но и сите ние. Покажете им го и на вашите деца!

Во склоп на објавата има фотографија од ученички ранец изработен од старо ќебе, а на фотографијата  на англиски јазик пишува ,,Македонија во моето срце”.

Но, Вистиномер ја пронајде фотографијата објавена во постот кој го рецензираме и на неа не се наоѓа ученикот „Јане“ од Македонија (со самото тоа што на фотографијата пишува ,,Македонија во моето срце”, се алудира дека „Јане“ е од Македонија), туку на сликата е дете од Турција. Медиумите во Турција известувале за детето кое се вика Исмаил, а чија мајка го испраќа во училиште со ранец изработен од старо ќебе. Текстот од е од 2018 година.

Во Турција каде минималната плата е 1.603 лири, месечните трошоци за храна потребни за едно четиричлено семејство да има урамнотежена исхрана се 1.943 лири. Оние кои не можат да го продолжат задолжителното образование, оние кои треба да работат за да се грижат за своите семејства, оние кои живеат на улица и уште многумина други… Овие деца кои се највидливото лице на сиромаштијата немаат еднакви права со нивните врсници. Тие не можат да играат игри, да се смеат на улица, ниту да живеат во топла куќа. Чантата на оваа фотографија направена од Селван Ерек, е направена од старо ќебе. Мајката не можела да си дозволи ранец за своето дете, па го зашила ќебето во куќата со јорган, го претворила во вреќа, ги ставила книгите внатре и го испратила синот во училиште, пишува во текстот од турските медиуми.

Во друг текст на турски јазик, пак, од 2022 година, се известува за истиот случај на ранец од ќебе, но и за други посиромашни ученици кои на различни начини ги носат учебниците во училиштата во Турција.

 

На Исмаил му подариле ранец по објавената фото-сторија

Училишна чанта му беше подарена на Исмаил Ерол, десетгодишен основец, кој на пат кон училиште беше фотографиран со искината чанта, направена од парче ќебе во селото Чинарди во областа Коркут. Окружниот директор за национално образование, Чанер Будак, отишол во селото и му подарил чанта на основецот кого го посетил. Гувернерството на областа Муш се огласило во врска со објавата дека ова дете нема ранец, туку во училиште доаѓа со торба направена од ќебе.

Канцеларијата на нашиот гувернер утврди дека фотографијата ја споделил наставник кој работи во предметното училиште на 14 декември 2018 година. На семејстовото како додаток за образовна помош му се давале во просек 600 лири месечно. Сочувствителната рака на нашата држава ќе продолжи да посегнува кон семејството и сите други сиромашни луѓе, како што беше и досега, ги цитираат турските организации тогашните официјални изјави.

Турската Црвена полумесечина, исто така, обезбедила помош во облека за сите ученици во ова училиште.

Медиумот Хуријет потоа објави статија дека Исмаил се насмевнал откако ја добил новата чанта.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека на фотографијата од постот кој го рецензираме се наоѓа Јане од Македонија. На фотографијата е дете од Турција, Исмаил Ерол и фотографијата е од 2018 година.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција