Не е квази пандемија туку пандемија, а маските и дистанцата се исправни мерки

Pixabay

Микс од полувистини, невистини и контрадикции, изнесени во пост на Фејсбук, ги убедува читателите дека не постои пандемија и дека мерките од типот носење маска и физичка дистанца немало да помогнат

 

Микс од полувистини, невистини и контрадикции, изнесени во пост на Фејсбук, ги убедува читателите дека не постои пандемија и дека мерките од типот носење маска и физичка дистанца немало да помогнат

 

Пост објава на Фејсбук на македонски јазик во врска со корона вирусот, изнесува повеќе дилеми и констатации, главно базирани на полувистини или нецелосно објаснети состојби, изнесува и аргументи кои не се базирани врз факти, изнсува и невистини, за на крај да заврши со констатација дека мерките не чинат, дека иако има корона вирус пандемија не постои и дека не треба да се носат маски и да се одржува дистанца, зашто тоа немало да помогне.

Во постот постојат повеќе елементи кои се набројани и тој во целост можете да го прочитате тука:

Кој има време нека одвои некоја минутка…ова го нема на Сител, Телма или фејсбук страната на „нашиот министер”.
Пред да почнам сакам да расчистам некои работи.
Верувам дека постои корона вирусот, не знам дали Бил Гејст ќе не чипира, и дали 5G има некаква врска со ова. Но верувам и во мојот здрав разум и факти.
Ама ај да позборуваме и за другата страна на оваа квази пандемија.
Гледам последниве 6 месеци секојдневно не пумпаат со бројки и шират страв. Толку заболеле, толку починале, онолку се излечиле…Па ќе почнам и јас со бројки.
Смртноста на вирусот
Според државен завод за статистика во Македонија во 2019 година починале 20.446 лица, од кои 4.4% од случаите причина за смрт биле респираторни проблеми или во превод околу 900 луѓе.
Од КОВИД – 19 до сега, за 7 месеци починале околу 862 случаеви, иако голем дел од нив се сомнителни. Сигурно и вие, како и јас сте слушнале случаеви каде што постсмртно луѓе се тестирани и наводно наодот бил позитивен. А најголем дел од починатите имале најмалку два коморбидети, односно придружени со некоја друга болест.
Значи не е проблем КОВИД – 19, туку имунитетот на луѓето.
Но ајде да речеме и дека вистина сите починале од ковид – 19 пневмонија, навистина не гледам некоја голема разлика во смртноста. Значи ако знаеме дека лани починале само 900 луѓе поради респиратнорни проблеми, а годинава околу 862 од КОВИД (кој нели ги напаѓа белите дробови), значи имаме околу 95% смртност од други болести.
Дали јавното здравје претставува фокусираност само на една болест? Не.
Јавното здравје претставува грижа и за другите болести.
Заради таа квази-пандемија имаме илјадници луѓе со други болести кои чекаат со месеци, за преглед, операција, третман…
Зарем нивното здравје не е важно? Како тоа се дава приоритет на една болест во однос на друга?
Уште еден интересен феномен, или нуспојава од PCR пандемијата, е фактот што од Март па наваму над 44.000 луѓе ја загубиле својата работа.
Се прашувам каков стрес доживуваат тие луѓе? А стресот е причинител број 1 за нарушено здравје.
Сте се запрашале какво е менталното здравје на граѓаните во Македонија?
Мислите дека луѓето носат маска оти се совесни или се грижат за здравјето?
– Не.
Луѓето носат маска оти се преплашени до смрт. Ако им било грижа, најверојатно ќе се погрижеле да имаат здрав имунитет. Да бидат физички активни, да се хранат здраво, да се заштитат од аерозагадувањето…
Зошто воопшто не споменувате никаде како луѓето да го зајакнат својот имунитет и да станат поотпорни на секакви вируси? Зошто ги терате да носат маска и кога се сами, која создава хипоксија во мозокот, односно недостиг на кислород, што директно влијае на општо здравствената состојба на единката.
Ни го ограничивте правото на движење. Го забранивте спортот. Нема витамин Д, нема физичка активност. Ширите страв секојдневно, ја затворивте и економијата.
Стрес, намалена физичка активност, нарушено ментално здравје, негативни мисли и негативна средина. Одлична комбинација за нарушување на здравјето.
Дали тоа е грижа за јавното здравје?
Дали „нашиот министер” кој глуми дека се грижи за здравјето на граѓаните е истиот тој кој лажеше дека ја вакцинирал неговата внука?
– ДА
Дали „нашата” влада која се „грижи” за нашето здравје е истата таа која го укина законот за забрана за пушење во затворени места?
– ДА
На отворено во природа, кога сте сами, носете маски. На затворено дишете катран.
Дали „нашата влада” која се „грижи” за нашето здравје е истата таа, која 4 години нема мрднато со прст за да го реши проблемот со аерозагадувањето, кој според мене е поголема опасност од КОВИД – 19?
– ДА
Така да не гледам причина зошто слепо да им верувате, на некого кој само слуша наредби од запад, и притоа глуми лудило дека се грижи за вашето здравје.
Ги затворивте границите, а сите си имате дипломатски пасоши и можете слободно да шетате.
Па сега и дома ќе ни влегувате? Кој ви го дал тоа право?
Делевте ваучери за летување, и потоа криви ви беа луѓето што отидоа да ги искористат ваучерите?
Па ги обвинувате и младите дека тие го ширеле вирусот од забави и зголемената бројка е поради и нив. Да имаат грижа на совест. Кога делевте ваучери, зарем немаше тогаш забави? Зошто не се зголеми тогаш бројката? Или требаше да ги поткупите граѓаните пред избори?
Им го уништивте и детството на децата. Детенце од 7 години требало да носи маска, а братчето негово од 5 години не. Како ќе им објасните зошто е тоа така?
Како по алгоритам одлучувате кој треба да излези од изолација а кој не? Роботи сме ние или луѓе?
Знаете дека и по 40 дена здрави луѓе седат во изолација поради тие ваши PCR тестови?
А кога сме кај PCR тестовите…Еве ви ги можните сценарија…
Може да имате корона, да имате позитивен тест
Можи да имате корона, да имате негативен тест
Можи да немате корона, да имате позитивен тест
Можи да имате корона, да имате симптоми, да имате позитивен тест.
Можи да имате корона, да имате симптоми, да имате негативен тест.
Можи да имате корона, да немате симптоми, да имате позитивен тест.
Можи да имате корона, да немате симптоми, да имате негативен тест.
Можи да немате корона, да имате симптоми, да имате позитивен тест.
Можи да немате корона, да имате симптоми, да имате негативен тест.
Можи да немате корона, да немате симптоми, да имате позитивен тест.
И секое од овие сценарија е можно.
PCR – пандемија !
Сочуство до оние семејствата на оние кои починале од КОВИД – 19. Вирусот постои, и ќе постои, како што постоеле и други вируси претходно и сме живееле со нив.
Но сочуство и до семејствата на оние кои останале без работа и немаат да ги наранат децата.
Сочуство до оние кои немаат можност да им обезбедат услови на децата за онлајн настава.
Сочуство и до оние кои починале од други болести, поради ставање приоритет на една болест во однос на друга.
Сочуство до работничката класа – тие се оние најпогодените, а овие што ги носат мерките, купуваат мерцедеси за време на криза, си делат лаптопи по 1000 евра, и (не)работат од дома.
ОпШесво за сите.
За жал повеќе луѓе ќе страдаат поради страничните ефекти на оваа оваа квази-пандемија, а не поради корона вирусот.
Плашејќи се од смртта, заборавивме да живееме.
Бидете физички активни, хранете се здраво, зајакнете го имунитетот, мислете позитивно, и изолирајте се од медиуми доживотно.
Само така ќе го надминеме ова. Со маска, дистанци и мерки – нема.
А јас ќе ги слушам вашите препораки и ќе одржувам што поголема дистанца од вашите платени медиуми и портали, а не од луѓето кои ги сакам.
Чунки што ќе ни е живот ако се плашеме да не умреме и го живееме изолирани, сами, без љубов?

Бидејќи авторот на текстот, на пост објавата наведува многу елементи, па потоа се осврнува и на политички одлуки, а бидејќи еден важен дел од нив се полувистини или факти кои не можат да бидат утврдени веднаш, а еден дел се невистини, ќе се обидеме да ги рецензираме по групи.

Првата група факти со кои авторот на постот се обраќа до пошироката јавност е статистиката за брoјот на починати лица во однос на причината на смртноста и прави компарација со бројот на починати лица од Ковид-19 од официјалните статистики, но сето тоа го прави без целосни факти, што претставува полувистина.

 

Бројот на починати од респираторни проблеми не е споредлив

Имено, точно е, како што е наведено, дека во 2019 година во РСМ починале вкупно 20.446 лица и дека бројот на лица што починале како последица на нарушување на респираторниот систем е 4,4 проценти или околу 900 лица, поточно 899 граѓани. И сега непринципилено и без можност за утврдување на фактите, се наведува дека од Ковид-19 починале 862 лица за 7 месеци и дека не гледа некоја разлика во бројките, зашто оние што починале од Ковид-19 сите би требало да имаат респираторни проблеми како причина.

Разлика во бројките има, но колкава, тој факт засега не може да се утврди. Прво, статистиката за годинава од Државниот завод не е објавена. Дури откако ќе биде објавена ќе може да се направи споредба за процентот за респираторните проблеми како причина за смртноста во однос на други болести, па да се прави споредба дали е тој во 2020 година е поголем или нема разлика.

Оттука, под прашање е доведена и констатацијата во текстот дека луѓето во 95 отсто случаи умираат од други болести. Но, и под претпоставка да е точна наведената бројка и за оваа година на епидемија, тоа не значи, како што е констатирано во постот, дека во грижата за јавно здравје не се води сметка за другите болести. И тука во постот е употребена една од клучните синтагми невистина – квази пандемија: „Заради таа квазипандемија имаме илјадници луѓе со други болести кои чекаат со месеци, за преглед, операција, третман…“

Од фактите со кои располага јавноста, со месеци се чека за преглед, операција или третман, но само кај оние здравствени состојби кои не се од итна природа. Сите установи во примарното, секундарнот и јавното здравство имале и имаат должност и ги третираат сите итни случаи на кое било заболување. Во хируршките установи, пак, единствено се откажани т.н. елективни операции, кои не се живото – загрозувачки. Системот „Мој термин“ не бил откажан никогаш за пациентите со назнака – итно. Но, авторот на постот оперира со терминот „квази-пандемија“, со што дезинформира дека станува збор за пандемија во светот и епидемија конкретно во државата, од која како што може да се види, за седум месеци починаа над 900 пациенти.

 

Бројот на невработени од епидемијата не е 44 илјади лица

Понатаму, авторот на постот се занимава со стресот како причинител, па го споменува стресот на 44.000 лица во државата кои ја загубиле работата поради оваа PCR-пандемија, па се прашува каков стрес доживеале тие луѓе, а стресот бил причинител бр. 1 за смртноста. Невистини и полувистина. Точно е дека бројот на невработени лица е зголемен од март досега за над 44 илјади лица, но, тоа не се луѓе кои сите се отпуштени од работа поради епидемијата, односно последиците врз стопанството од епидемијата. Во многу прецизното толкување од Агенцијата за вработување се појаснува дека како директна последица за споменатиот период без работа останале под 15 илјади лица:

Лица на кои им престанало пријавувањето на задолжително пензиско осигурување се 14 819 лица. Останатите лица кои дојдоа на евиденција како невработени се дојдени по повеќе основи. Невработени кои подолг период не биле евидентирани во Агенцијата за вработување, лица кои за прв пат се евидентираат како што се младите до 29 години (извор ТУКА).

 

Повторно за маските и хипоксијата

Со измешани факти и полуфакти во постот се наведува дека луѓето се преплашени и затоа ги носеле маските и дека на властите „ако им било грижа, најверојатно ќе се погрижеле (луѓето-н.з.) да имаат здрав имунитет. Да бидат физички активни, да се хранат здраво, да се заштитат од аерозагадувањето…“. Па, се додава дека „ни го ограничивте правото на движење. Го забранивте спортот. Нема витамин Д, нема физичка активност. Ширите страв секојдневно, ја затворивте и економијата“. Дали граѓаните практикуваат физичка активност, дали да се хранат здраво, дали има заштита од аерозагадување или, дали невистинитиот факт, дека „нема витиман Д“, имаат врска со мерките што се преземаат против ширење на заразната болест? Карантините беа и поминаа. Имаше само два-три карантини на почетокот на епидемијата кои траеја сврзано 3 до 4 дена. А, мерката за носење заштитна макса, која, невистинито, според авторот на постот, предизвикувала хипоксија, не е ширење страв секојдневно, туку токму грижа за јавното здравје.

 

Преувеличени сценарија околу ПЦР тестовите

Во постот авторот се служи со друга невистина, дека постоеле дури 10 можни сценарија околу ПЦР тестовите и корона вирусот. Па вели, може ова, може она, итн.

Факте е дека постојат четири, а не десет основни сценарија кои се утврдуваат со тестот. Тоа е контаминираност со вирусот, по што е можно ПЦР тестот да е позитивен, а лицето ниту е заразено ниту ќе пројави симптоми на болеста, потоа заразено, при што ПЦР тестот покажува позитивен, но не мора да се развијат симптоми, потоа симптоми на болеста кои се класифицираат во три типа клиничка слика, при што ПЦР тестот, исто така, е позитивен и четвртото сценарио, да сте заразени, а тестот да биде негативен ако се направи прерано или истиот ден кога сте се посомневале дека сте биле во близок контакт со заразено лице. Впрочем, за ова многу поречито појаснуваат здравствените работници и не е лошо да се погледне сè за најновите факти околу пандемијата и корона вирусот, на линкот наведен ТУКА.

Постојат уште серија „аргументи“ кои ги наведува авторот во постот – од набројување на некои политички одлуки во минатото и сега, до констатациии пласирани како вистини од типот, „им го уништивте и детството на децата“, за на крај да дојде до поентата: „Од странични ефекти од квази-пандемијата ќе настрадале повеќе луѓе“ и дека само со физичка активност и зголемен имунитет ќе се надминела опасноста од зараза , а со маска, дистанца и мерки нема“.

Постот, инаку, започнува соверувам во корона вирусот, не знам дали Бил Гејтс ќе не чипира, и дали 5G има некаква врска со ова.

Сè на сè, станува збор за микс од полувистини, невистини и контрадиктороности во исказот, а во целина за пост, кој комуницира со јавноста дека има вирус, но нема пандемија, таа била „квази-пандемија“, дека мерките проти вирусот сите се лоши и дека ширењето на зарaзата ќе спласне со други мерки и активности, а „не со маска и дистанца“. Кога ќе се земе во целост, во најмала рака е полувистина, а главните пораки се невистина.

Ваквиот пост објавен на 22 октомври за пет дена достигнал исклучителна виралност, па е споделен дури 862 пати, а коментиран 206 пати.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција