Контраспин: Не е можно „било какви измени на даноците“ да бидат во прилог на сите

Коче Анѓушев: што се може да биде во прилог на граѓаните. Фото: Влада

Ако „било какви измени на даноците“ се во прилог на сите, дајте тогаш да воведеме даночна стапка од 100 отсто. Ако веќе се смета дека „било какви измени на саноците“ се добри. Едноставно, даночните измени, особено, пак, оние кои се однесуваат на зголемување на даночните стапки, по природата на нештата, мора да бидат на нечија штета. Она што бездруго може да се направи е таа да биде што помала и на кус рок

 

 

Ако „било какви измени на даноците“ се во прилог на сите, дајте тогаш да воведеме даночна стапка од 100 отсто. Ако веќе се смета дека „било какви измени на даноците“ се добри. Едноставно, даночните измени, особено, пак, оние кои се однесуваат на зголемување на даночните стапки, по природата на нештата, мора да бидат на нечија штета. Она што бездруго може да се направи е таа да биде што помала и на кус рок

 

Пишува: Владимир Петрески

 

Денешната изјава на вицепремиерот за економски прашања во Владата на РМ, Кочо Анѓушев, е срочена на таков начин секој да може да си ја сфати онака како што му одговара, односно онака како што сака. И заради тоа оваа изјава не кажува ништо, што, пак, води кон заклучокот дека таа бездруго претставува спин.

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

Анѓушев на денешното отворање на саемската манифестација „Технома“ на Скопскиот саем го рече следново:

– И да се донесат било какви измени на даноците, тие  ќе бидат во прилог на граѓаните и стопанствениците.

(Извор: Макфакс, датум: 25.10.2017)

Оваа изјава е многузначна. Таа може да се сфати и дека дури и оние граѓани и компании, кои можеби и ќе треба да плаќаат повисоки даноци, плаќањето тие даноци ќе било во нивен прилог. Што претставува претерување и растегнување на вистината. Да, точно е дека таа може да се сфати и во контекст дека зголемувањето на даноците се врши за Владата да не биде пренатрупана со нови задолжувања и буџетски дефицити, кои сите можат да не банкротираат на подолг рок и од таа гледна точка измените на даноците навистина „ќе бидат во прилог на граѓаните и стопанствениците.“ Но, тоа е само по себе јасно. Никој не воведува нови даноци, освен ако не ептен мора (или барем ако смета дека ептен не мора). Барем не во демократија. Вака ако се сфати оваа изјава, која личи како да претставува производ на современиот ПР инженеринг, таа дури и е точна. Но, од друга страна, е банална. На сите ни е јасно, ако некои од даноците се зголемат или, пак, се воведат нови, зошто тоа би се направило. Конечно, ако е ова се протолкува вака, тогаш за секоја мерка на секоја влада, па макар и недемократска, може да се најде оправдување дека е „во прилог на граѓаните и стопанствениците“.

Но, од друга страна, ако оваа изјава ја сфатиме директно и без потреба од некакви мисловни и ментални гимнастики и барање скриена смисла, таа е неточна. Не е можно даночните измени да бидат во прилог на сите граѓани и стопанственици ако тие треба да плаќаат зголемени даноци. Зголемените даноци можат да значат пониски нето плати за вработените, пониски добивки за сопствениците на фирмите или евентуално повисоки цени во продавниците. Тешко дека може да се оправда логиката според која плаќањето зголемени даноци, кои би опфатиле одредени групи граѓани и стопанственици, оди во нивен прилог. Ако беше така, значи ли тоа дека и плаќањето на даноци со стапка од 100 отсто би била во нивен прилог?

Самиот факт што оваа изјава може да се сфати и како точна и како неточна во зависност од гледната точка и може да се толкува на најразлични начини, ја прави да биде спин. А, од спинови во конкретнава ситуација нема потреба. Точно се знае дека државата има потреба од повеќе пари ако не сака да ги крати или намалува веќе стекнатите бенефиции на граѓаните, односно ако не сака да ги намалува пензиите или платите во државната администрација, да отпушта вишоци вработени во администрацијата како резултат на партиските вработувања на претходната власт и ако се стреми да го намали задолжувањето на државата, која во моментов, а најверојатно и во иднина, не може да ги подмирува своите финансиски обврски без задолжување дома или во странство. Едноставно, товарот кој го носат со себе финансиските обврски и на име на главнина и на име на камати, а кои ни ги наметна претходната власт, се неодржливи и некакви мерки за намалување на непотребните трошења и зголемување на државните приходи мора да се преземат.

Во таква ситуација треба да се изнесат фактите и да се презентираат на начин секој да ги разбере. Особено што оваа власт веќе ја доби довербата на граѓаните пред само неколку месеци. И тогаш не ќе има потреба од спинови.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција