Не е намалена стапката на ДДВ за ветеринарните лекови

Фото: flickr.com

 

ВЕТУВАЊЕ: Ќе го намалиме ДДВ за ветеринарно-медицинските препарати од 18% на 5%. Со тоа ќе обезбедиме поевтини ветеринарни лекови на сточарите и ќе го подобриме здравјето на сточниот добиток.

[Извор: Програма на СДСМ за парламентарни избори 2016 година „План за живот во Македонија“, стр. 221, декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

И покрај тоа што СДСМ за предвремените парламентарни избори во 2016 година вети дека ако дојде на власт, во првите шест месеци од мандатот ќе ја намали стапката на ДДВ за ветеринарно- медицински препарати од 18 отсто на 5 отсто,  сепак досега (21.08.2018), тоа не го стори.

СДСМ го даде ова ветување со намера да им помогне на сточарите и ветеринарните станици во борбата со болестите на добитокот. Имено, со години ветеринарните станици бараат изедначување на оданочувањето на ветеринарно-медицинските препарати, со оние од здравствената дејност и земјодлеството кои имаат пониски даночни стапки. Тие бараат да се примени моделот на даночни ослободувања за ветеринарните лекови како во многу европски земји со развиено сточарство, Словенија и Полска, но и Косово, каде што има потполно ослободување за ветеринарни услуги и лекови или целосно изедначување со здравствениот сектор.

За тоа дека има потреба од намалување на стапката на ДДВ за ветеринарните лекови, во септември 2016 година зборува и социјалдемократот Љупчо Ноколовски., сегашниот министер за земјодлество, а во тоа време дополнителен министер во овој ресор. Тој тогаш во изјава за медиумите дадена по повод исплатата на ветеринарните друштва за справување со болеста јазлеста кожа, меѓу другото, побара и:

Намалување на стапката на ДДВ од 18 на 5 % за ветеринарните лекови што ќе претставува големо олеснување како за сточарите така и за ветеринарните друштва кои ќе можат да ги направат нивните услуги подостапни за клиентите.

Но, повеќе од една година од изборот на Владата на СДСМ, нема предложени измени на Законот за данок на додадена вредност, со кои би се направило намалување на даночната стапка за ветеринарните лекови, што може да се види од веб-страницата на Националниот електронски регистер на прописи (ЕНЕР) и интернет страницата на Министерството за финансии. Нема ниту информации дека Владата расправала за ова прашање.

За разлика од инертниот однос на надлежните институции,  Ветеринарната комора  на 15 септември 2017 повторно го активира старото барање за измени и дополнувања на Законот за ДДВ, во насока на намалување на стапката на ДДВ за ветеринарни услуги и ветеринарно медицински препарати. Барањето и студијата за фискални импликации врз Буџетот на РМ од намалувањето на стапката на ДДВ за ветеринарните лекови е испратено до Министерството за финансии и премиерот Зоран Заев.

Прашањето од страна на Ветеринарната комора е покренато и на средба со директорот на Агенцијата за xрана и ветеринарство Зоран Атанасов , по неговиот избор на функцијата.

Од Комората појаснуваат дека намалувањето на даночната стапка би имало позитивни ефекти врз ликвидноста на ветеринарните друштва, можност за инвестиции во нови технологии и опрема, подобрена едукација на кадарот и севкупно зголемување на квалитетот на ветеринарните услуги за земјоделско-ветеринарниот сектор.

Претседателот на Ветеринарната комора Томислав Николовски во изјава за МИА во мај годинава (2018), потврдува дека сè уште не се подготвени, ниту донесени измени на законот за ДДВ. Барањето, според него, за последните четири години неколкупати е доставувано до Министертвото за финансии, но позитивен исход сѐ уште нема. Последен пат е доставено во август минатата година.

Намалувањето на даночната стапка нема да има значајни фискални импликации врз државниот буџет за што имаме изготвено и специјална студија, а импутот би бил многу голем за развој на ветеринарната професија и за давањето поквалитетни ветеринарно-здравствени услуги, што, пак, ќе се рефлектира и врз сточарското производство и врз јавното здравје. (Николовски 12.мај 2018).

Според него, со намалувањето на данокот значително ќе се намали и внесот на нерегистрирани лекови кои се пуштаат во промет на нелегален начин.

Тој објаснува дека во Македонија еден ист лек е оданочен со пет отсто ако е за хумана употреба, а со 18 отсто, ако е за ветеринарна употреба.

Уште поочигледно е кај земјоделските прапарати. Данокот за инсектицид во земјоделството е пет отсто, а за инсектицид во ветеринарството 18 отсто што е тотална нелогичност. (Николовски)

Сепак и покрај целисходноста, промена на Законот за ДДВ во делот на повластените стапки кои би се однесуувала и за ветеринарните лекови, досега (21.08.2018) не е направена.

Според погореизнесеното, може да се заклучи дека ветувањето на СДСМ за намалување на стапката на ДДВ за ветеринарно- медицински препарати од 18 отсто на 5 отсто во првите шест месеци од доаѓањето на власт, не е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Рада Исовска – Маневска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција