Не е направена надградба на ОУ „Тихомир Милошевски“ во Ново Село
Проширување со надградба на ОУ „Тихомир Милошевски“ с. Ново Село (рок: декември 2015 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Сокол Митровски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Ѓорче Петров, на локалните избори во 2013 година во својата изборна програма на 11 страница, меѓу приоритетните проекти за новиот мандат, го наведе проширувањето со надградба на основното училиште „Тихомир Милошевски“ во Ново Село, наведувајќи го како рок декември 2015 година. Според утврденото, ова ветување на Сокол Митровски е неисполнето.
Рокот е поминат, а информација дека е направено проширување со надградба на училиштето нема. Ја нема ниту на општинскиот веб-сајт, на којшто инаку редовно се објавуваат информации, а ја нема ни во медиумите. Но, да почнеме со ред.
Пребарувањето на веб-сајтот на Општина Ѓорче Петров дава повеќе информации за ОУ „Тихомир Милошевски“. Во објавата од 28 април годинава, за посета на учениците од училиштето на Општината, Митровски зборува во идно време за надградување и реконструирање на нивното училиште.
Затоа треба да направиме се‘ за да ги подобриме условите за работа и престој на дечињата во училиштата. Тоа го правеве сите овие изминати години. Вашето училиште ќе се надградува и целосно ќе се реконструира, а со тоа вие и вашите другарчиња ќе имате уште подобри услови за работа.“ ,заклучи Митровски.
За реконструкцијата на ова училиште има и во реакцијата на градоначалникот и на претседателот на Советот, Гоце Петрески, на прес-конференција на советничката група на СДСМ.
Изјавата дека Буџетот не е развоен го негираат бројните проекти кои се во фаза на релизација и кои ќе бидат финализирани во текот на 2016 година, како што се: изградба и реконструкција на 30 улици во урбаниот и руралниот дел, довршување на водоводната и канализационата мрежа во населените места Волково,Волково-Пржина, Ново Село, Кисела Јабука, Орман, изградба на ново училиште во населба Хром и доградба на оснвното училиште Тихомир Милошевски во с.Ново Село,
Со оглед на тоа што во реакцијата на Митровски и на Петрески е наведено дека доградбата на училиштето треба да се реализира, логично е тој голем зафат да е внесен во буџетот за 2016 година. Но, во него не најдовме место во кое се споменува училиштето, односно негова доградба.
На веб-сајтот на општина Ѓорче Петров на која, инаку, се објавуваат информации за сите градежни зафати кога ќе се почнат, некогаш и неколкупати во текот на изведбата, но и на крајот – нема информација дека е нешто преземено за проширување и надградба на училиштето. Таква информација нема ниту во делот „Активности“ на веб-сајтот на училиштето.
Имајќи го предвид фактот дека рокот што градоначалникот Митровски го наведе во својата изборна програма е одамна изминат, а не можевме во буџетот да најдеме информација дека е испланирана доградба на ова училиште, ниту, пак, информации на сајтот на општината и на училиштето дека се преземени градежни работи, ова ветување на Сокол Митровски го оценуваме како неисполнето.
ИЗВОРИ
- Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ за локални избори 2013-2017 – Сокол Митровски (стр. 11) [Пристапено на: 09.08.2016]
- Веб-сајт на Општина Ѓорче Петров [Пристапено на: 09.08.2016]
- (28.04.2016) Веб-сајт на Општина Ѓорче Петров – Посета на ученици од ООУ „Тихомир Милошевски“ на Општина Ѓорче Петров [Пристапено на: 09.08.2016]
- (25.12.2015) Веб-сајт на Општина Ѓорче Петров – Демант на прес конференцијата на советничката група на СДСМ Ѓорче Петров [Пристапено на: 09.08.2016]
- (23.12.2015) Веб-сајт на Општина Ѓорче Петров – Буџет на Општина Ѓорче Петров за 2016 Пристапено на: 09.08.2016]
- Веб-сајт на Општина Ѓорче Петров – Пребарување за „Тихомир Милошевски“ [Пристапено на: 09.08.2016]
- Веб-сајт на ОУ „Тихомир Милошевски“ – Активности [Пристапено на: 09.08.2016]
Оценето од: Сашо Спасоски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар