Не е откриен нов вирус 10 пати поопасен од Ковид-19, туку негова мутација

Фото: pixabay.com

Објава на Фејсбук манипулира дека се појавил нов вирус и дека тој е многу поопасен од коронавирусот. Истражувањето коешто е спомнато во текстот каде што како извор се цитира „Раша тудеј“, всушност, е истражување направено за да се види влијанието на вакцините на оваа мутација на коронавирусот, а не за да се открие нов вирус

Објава на Фејсбук манипулира дека се појавил нов вирус и дека тој е многу поопасен од коронавирусот. Истражувањето коешто е спомнато во текстот каде што како извор се цитира „Раша тудеј“, всушност, е истражување направено за да се види влијанието на вакцините на оваа мутација на коронавирусот, а не за да се открие нов вирус

 

Во медиумска објава се тврди дека е откриен нов вирус десет пати поопасен од тој во Вухан, односно од коронавирусот. Но, ова е само уште еден медиумски напис кој непотребно додава масло на огнот и крева паника таму каде што нема простор за такво нешто.

Од насловот на овој текст се добива впечаток дека станува збор за нов вирус и дека тој е многу поопасен од коронавирусот со кој се соочува и бори целиот светот веќе една година. Сосема доволно да се предизвика страв кај оние кои ќе го прочитаат овој текст или ќе го видат овој наслов на социјалните мрежи.

Но, ова е манипулација.

Не станува збор за нов вирус, ниту за 10 пати поопасен вирус. Се работи за мутацијата Д614Г на коронавирусот.

И веста воопшто не е нова. Мутацијата Д614Г е откриена уште во февруари во Европа. Мутацијата е многу мала – една аминокиселина се менува од Д (аспарагинска киселина) во Г (глицин), па оттука и Д614Г. До почетокот на март, случаи на Д614Г биле забележани низ целиот свет и оваа специфична мутација тогаш сочинувала околу една четвртина од сите случаи. До мај 70 проценти од сите случаи биле предизвикани од оваа мутација, а сега се смета дека бројката надминува 85 проценти и е најчестиот вид на мутација на коронавирусот во светот односно преовладувачка варијанта во Европа и САД. Светската здравствена организација соопшти дека нема докази дека тој вид води до потешка болест. Мутацијата е откриена и во последните епидемии во Кина.

Тоа значи дека е неточно тврдењето во медиумскиот напис дека ова е нов вирус и неточно е тврдењето дека оваа мутација е десетпати поопасна, туку таа е позаразна.

Истражувањето коешто е спомнато во текстот каде што како извор се цитира „Раша тудеј“, всушност, е истражување направено за да се види влијанието на вакцините на оваа мутација на коронавирусот, а не за да се открие нов вирус.

Оваа сензационалистичка вест која ги манипулира читателите стана вирална и е објавена на неколку портали кои како да се тркале кој ќе стави посензационалистички и поударен наслов, а со тоа и повеќе да ја изманипулира јавноста.

Во морето негативни вести на кои наидуваме секојдневно, никому не му е од корист ваквото пласирање на сензационалистички објави кои само го зголемуваат стравот кај јавноста кој веќе одамна е присутен и го окупира животот на луѓето.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција