Нe е почната реконструкцијата на водоводот во Општина Арачиново
Ветување: Реконструкција на водоводот
Буџет: 1 милион евра Рок: 6 месеци
[Миликије Халими, градоначалничка на Општина Арачиново, датум: 29.12.2017 година]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
По победата на последните локални избори одржани на 15.10.2017 година, градоначалничката на Општина Арачиново, Миликије Халими вети обновување на водоводот во Општина Арачиново во првите шест месеци по стапувањето на функцијата, а во нејзината програма во делот „Капитални инвестиции“ е ветено целокупна нова мрежа на водоводот во сите села на Општина Арачиново. Ова ветување на Миликије Халими досега (18.04.2018) не е исполнето.
На 29.12.2017 година градоначалничката Миликије Халими елаборирајќи ги за „Порталб“ нејзините приоритети во Општина Арачиново, во првите шест месеци од градоначалничкиот мандат вети реконструкција на водоводот во вредност од еден милион евра.
Но, во врска со ова ветување на 26.01.2018 година портпаролот на Општината Насер Алими, во изјава за порталот „Алмакос“ вели:
Проектите се подготвени нема некој конкретен датум кога би требало да почнат со реализација. Важно е што имаме поддршка од Владата и ни е ветено помош од нивна страна. Прв проект што ќе започне да се реализира е водоводот и тоа ќе се сменат сите стари цевки со нови. Истата процедура важи и за канализацијата каде, исто така, старите цевки ќе се менуваат со нови, а таму каде што нема ќе се ставаат нови.
Според Алими во Буџетот на Општина Арачиново за 2018 година се предвидени помалку од 200 илјади евра за реализација на водоводот и канализацијата. Според него, овие средства не се доволни за реализација но овие проекти, но тие сметат на поддршката од Владата, иако не прецизираат колку би бил финансискиот придонес на Владата за овие проекти и кога ова помош би се реализирала.
Информации за почеток со градежните работи за водоводот, или, пак, информација за владина помош за Општина Арачиново за овој проект, нема ниту на веб – страницата на Општина Арачиново, ниту на официјалниот Фејсбук профил на Општината.
Па, имајќи ги предвид фактот дека Буџетот со кој располага Општина Арачиново за овој проект е недоволен, а нема информации, ниту, пак, рокови за конкретна финансиска поддршка од Владата, ветувањето на градоначалничката Халими дека во првите шест месеци од мандатот ќе биде обновен водоводот во Општина Аерачиново, досега (18.04.2018) е неисполнето.
ИЗВОРИ:
- Порталб (29.12.2017 ): Што вети Миликије Халими во првата година на нејзиниот мандат во Општина Арачиново [проверено на 18.04.2018]
- Веб – страница на Општина Арачиново [проверено на 18.04.2018]
- Алмакос (26.01.2018): Со 200 илјади евра не се гради водовод и канализација во Арачиново (Видео) [проверено на 18.04.2018]
- Политичката програма на градоначалничката на Општина Арачиново, Миликије Халими [проверено на 18.04.2018]
- Лајмпрес (26.01.2018): Со 200 илјади евра не се гради водовод и канализација во Арачиново (Видео) [проверено на 18.04.2018]
Оцени: Дрилон Салиу
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар