Не е познато дека Мијалков и Јанкулоска официјално ја одбиле милоста на Иванов

Жестоко интервју на новинарот на Дојче Веле, Мишел Фридман со министерот Никола Попоски Фото: Принтскрин

 

Министерот за надворешни работи Никола Попоски, во интервју за специјалниот магазин „Зона на Конфликти“ на Дојче Веле,  одговарајќи на провокативните прашања за прислушувањето, политичката криза, аболицијата, меѓу другото,  рече:

Треба да знаете дека сите лица (Груевски, Јанкуловска и Миајлов  н.з.) кои ги споменавте побараа да бидат исклучени од претседателската аболиција (Попоски)

 [Извор: Доче Веле (Видео: Кој побарал повлекување на аболицијата?)    Датум:25.05.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Станува збор за изјава на шефот на дипломатијата Никола Попоски, што тој ја даде во жестокото интервју  кое со него го водеше новинарот на Дојче Веле, Мишел Фридман. Во оваа изјава Попоски тврди дека  експремиерот Никола Груевски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и ексдиректорот на Управата за контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, побарале од претседателот Ѓорѓе Иванов да ја повлече нивната аболиција. Но, овој негов исказ  е само делумно точен.

Имено, не е познато дека Јанкулоска и Мијалков доставиле до Иванов официјално барање – писмо да ја повлече одлуката за нивното помулување.  Според информациите кои беа објавени во јавноста, досега само Груевски официјално побара од Иванов повлекување на аболицијата. Мијалков најави такво нешто преку изјава за еден портал, којашто потоа ја пренесоа и други медиуми, но нема информации дека тоа официјално го побара од Иванов. За Јанкулоска пак, која е помилувана за 13 случаи, нема информации дека побарала од претседателот  да ги поништи одлуките за прекин на кривичните постапки против неа.

На 15.04.2016 година медиумите информираа дека поранешниот премиер  Груевски, поднел  барање до Иванов за поништување на одлуката за  аболиција . Барањето се однесува на секоја поединечна одлука која беше објавена во Службен весник.

Одлуката директно задира во реформскиот процес започнат со политичкиот договор од 2 јуни 2015, како и Протоколот од 15 јули 2015 и затоа бараме да ја разгледате и во најкус можен рок да донесете одлука за надминување на новонастаната ситуација, се вели во писмото од ВМРО-ДПМНЕ до претседателот Ѓорге Иванов.

Поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков на 16.04.2016 за еден проратл изјави дека е убеден во добрата намера на претседателот Иванов, но го повикува да ги повлече одлуките за прекин на постапките кои се однесуваат на него.

Знам дека сум работел чесно и совесно во интерес на безбедноста на граѓаните и на мојата земја. Постапките кои СЈО ги покрена или има намера да ги покрене против мене, немаат никаква правна основа и единствено се базираат на политички нарачан прогон спротивен на Уставот и законите, вели Мијалков.

Поранешниот шеф на УБК,  додава дека не сторил ништо незаконско и затоа смета дека „со одлуката на претседателот граѓаните нема да имаат можност до крај да се уверат во сценариото кое беше подготвувано со единствена цел да бидат политички оцрнети влијателни личности од ВМРО ДПМНЕ.“

Убеден сум дека Претседателот Иванов имал најдобри намери, но во мое лично име го повикувам да ги повлече одлуките за прекин на постапките кои се однесуваат на мене, вели Мијалков.

Сепак, и покрај ваквата изјава на Мијалков, нема информации дека тој официјално поднел писмено барање до Иванов за повлекување на аболицијата.

На 19 мај  од кабинетот на Иванов соопштија дека до нив се стигнати 12 поединечни писмени барања да се повлече  аболиција. На список на оние што бараат да им се повлече помилувањето се:

поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот претседател Бранко Црвенковски, опозицискиот лидер Зоран Заев како и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, тројцата обвинители од Специјалното јавно обвинителство , Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски и Лиле Стефанова, членот на Државната изборна комисија Бедредин Ибраими, директорот на затворот Идризово Живко Пејковски, битолскиот градоначалник Владимир Талески, бизнисменот Божидар Јанковски како и поранешниот градоначалник на Центар Владимир Тодоровиќ.

Како што може да се забележи, Јанкулоска и Мијалков не се меѓу лицата кои ја одбиле милоста на претседателот Иванов.

 

Имајќи ги предвид сите овие аргументи изјавата на Попоски дека Груевски, Јанкулоска и Мијалков „побарале да бидат исклучени од претседателската аболиција“, ја оценуваме како  полувистина

 

ИЗВОРИ:

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.