Не е создадена правна рамка јавниот обвинител да се избира на предлог на опозицијата

Фото: jorm.gov.mk/

Две години по преземањето на власта, ќе создадеме правен основ јавниот обвинител на Република Македонија да се избира по предлог на опозицијата.

[ИЗВОРИзборна програма на СДСМ „План за живот во Македонија“, стр. 31 и стр. 258 , датум: декември 2016]  

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на СДСМ дадено за предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.), дека во првите две години по доаѓањето на власт ќе биде „создадена правна обврска државниот јавен обвинител да се избира на предлог на опозицијата“, досега (24.06.2019) не е исполнето.

Ова изборно ветување на социјалдемократите го има на две места во нивната изборна програма (2016): „План за живот во Македонија“. Најпрвин, на самиот почеток во делот „Правда достапна за сите“  (стр.31), а потоа и во рамките на „Планот 24м – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 2 години“ (стр.258).

Истото ветување го даде и лидерот на СДСМ Зоран Заев на партискиот Конгрес во декември 2015 година (во тоа време СДСМ беше во опозиција):

Две години по преземањето на власта, ќе создадеме правен основ јавниот обвинител на Република Македонија да се избира по предлог на опозицијата.

Ваков начин на избор на државен обвинител СДСМ  ветуваше  и во текот на кампањата за предвремените избори во 2016 година. Така на пример, потпретседателката на Собранието, пратеничката Фросина Ременски, од една партиска трибина одржана во тој период порача:

Социјалдемократскиот сојуз има вистинска чесна намера да го ослободи од влијание државниот јавен обвинител. Во таа насока предлагаме и мерка којашто ќе го донесе тоа очекување што го испорачуваме, а дека државниот јавен обвинител ќе се избира на предлог на опозицијата. Со тоа што ниту еден министер независно од која власт и да е, ќе нема право да помисли на незаконска работа или одредена злоупотреба, токму заради оваа некаква политичка независност на државниот јавен обвинител 

Што значи, според тогашниот проектиран рок за реализација, ветениот „модел“ на избор на јавен обвинител требаше да биде востановен најдоцна до крајот на минатиот месец, со оглед на тоа што Владата предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 година. Сепак, досега  (24.06.2019) тоа не се случи.

Такво решение (избор на државниот обвинител на предлог на опозицијата) не се предвидува ниту со новиот Закон за јавно обвинителство, кој фактички е заглавен во преговорите меѓу власта и опозицијата, а кој е важен услов за отпочнување на преговорите со ЕУ, како своевидна гаранција дека ќе овозможи право и правда и казнивост на криминалот во нашата држава. Освен разликите со опозицијата за статусот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и важноста на „бомбите“, за власта е неприфатливо и барањето на ВМРО-ДПМНЕ јавниот обвинител да се избира на предлог на опозицијата.

Премиерот Зоран Заев, по лидерската средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, (13. 03. 2019) беше дециден дека не го прифаќаат барањето за избор на јавен обвинител на предлог на опозицијата, затоа што, според него, „ваква опозиција не може да го предлага јавниот обвинител“.

Ваква опозиција, којашто не носела свои ставови за својата земја, а требала да оформи ставови, со ваков однос каков што е, апсолутно ние не прифаќаме да биде предлагач на јавниот обвинител во Република Северна Македонија, рече Заев.

Неколку дена подоцна (18.03.2019) и министерката за правда Рената Дескоска, прашана какви се шансите да се добие обвинител по избор на опозицијата, не остави простор за надеж дека тоа ќе се случи. Дескоска, повикувајќи се на европските стандарди, одговори:

Препораките што ги имаме за начинот на избор, за критериумите, укажуваат дека треба да имаме процедура во која политичките партии нема да имаат мешање. Тоа се европски стандарди и ние ќе се залагаме за имплементирање на европските стандарди со цел законот да биде позитивно оценет од Европската комисија и да ни се овозможи отворање на преговорите.

Имајќи предвид дека рокот за исполнување на ветувањето е поминат (31.05.2019), а сè уште „не е создадена правна обврска јавниот обвинител да се избира по предлог на опозицијата“, ова изборно ветување на СДСМ го оценуваме како неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција