Не е точно дека 3.150 луѓе биле парализирани по примањето на вакцината против ковид-19

Фото: скриншот

Кога ќе се пронајде конкретниот извештај на кој што се повикува постот и кој што се нуди како референца за наводната оправданост на изнесеното тврдење, се доаѓа до недвосмислен заклучок оти во извештајот зборот парализа не е споменат ниту еднаш.

 

Во вирален пост на Фејсбук изнесено е невистинито тврдење дека 3.150 луѓе биле парализирани по примањето на вакцината против ковид-19. Постот е поткрепен со фотографија од странски медиум, кој што, пак, се повикува на извештај на американскиот Центар за контрола и превенција на болести.

Меѓутоа, кога ќе се пронајде конкретниот извештај на кој што се повикува постот и кој што се нуди како референца за наводната оправданост на изнесеното тврдење, се доаѓа до недвосмислен заклучок оти во извештајот зборот парализа не е споменат ниту еднаш. Извештајот се однесува на тоа колку луѓе од вакцинираните, развиле анафилакса, што претставува четврти степен на алергиска реакција. Нема никаква сличност меѓу анафилакса и парализа. Во дискусии на интернет веќе поголем број граѓани забележале дека станува збор за дезинформација, затоа што го прочитале оригиналниот извештај од Центарот за контрола и превенција на болести на САД.

Во овој извештај е наведено оти е изработен на 19 декември 2020 година од страна на Томас Кларк, и е насловен „Анафилакса по вакцинација против ковид-19“. Се наведува дека на 8 декември започнала вакцинацијата против ковид-19 во Велика Британија, со вакцината на Фајзер и Бионтек. На 9 декември властите потврдиле два случаи на анафилакса по вакцинацијата. Се додава дека во упатството за користење на вакцините и на Фајзер и Бионтек и на Модерна, се наведени информации за можна анафилакса! Анафилакса е сериозна алергиска реакција на некоја компонента од вакцината. Во извештајот се наведува дека во САД, до 18 декември годинава имало шест случаи на анафилакса кои што биле соодветно третирани, а еден од случаите имал историја на анафилакса.

И кога ќе се погледне клучниот слајд од оваа кратка презентација, се гледа дека до 18 декември годинава, вкупно имало 112.807 лица што примиле прва доза од вакцината. Од нив, 3.150 лица се наведува не дека се парализирале туку дека имале настани кои што им влијаеле на здравјето по вакцинацијата. Во описот на овие настани се наведува дека тоа можат да бидат еден или комбинација од овие симптоми: неможност да ги извршуваат дневните активности, неможност да работат или дека им била потребна лекарска помош по вакцинацијата. Парализа не се споменува никаде во овој извештај и таа е измислена и додадена во насловот и постот кој го рецензираме и кој го оценуваме како дезинформација. 

Во Македонија, пак, како што најавија од Комитетот за имунизација, медицинските лица ќе ги прашуваат граѓаните дали имаат алергија на некоја компонента од вакцината уште пред да ја примат. Во секој случај, анафилакса и парализа се две различни работи.

Анафилакса е сериозна алергиска реакција која што настапува рапидно и во екстренми случаи може да предизвика смрт. Но, вообичаените симптоми се чешање, потекување на јазикот и на грлото, неможност да се земе здив, повраќање, вртоглавица, низок крвен притисок и привремено слепило. Овие симптоми вообичаено настапуваат за неколку минути или часови. Најчести причинители на анафилакса се храна, лекови, убоди од инсекти.

Во светот само 2 проценти од населението ќе доживее анафилакса во одреден период од животот.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција