Не е точно дека американски постројки ја контролирале климата во Иран и создавале суша

ХААРП систем од антени Фото: Secoy, A, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Експертите и научниците посочуваат дека не постои технологија што може директно да ја контролира насоката и интензитетот на временските системи. Наместо тоа, тие укажуваат на зголемената веројатност за екстремни временски услови на Блискиот Исток поради климатските промени.

Не е точно дека „во Иран паднал природен дожд откако ги уништиле американските постројки кои им ја контролираа климата и им создаваа суша“. Експертите и научниците посочуваат дека не постои технологија што може директно да ја контролира насоката и интензитетот на временските системи. Наместо тоа, тие укажуваат на зголемената веројатност за екстремни временски услови на Блискиот Исток поради климатските промени

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Ако досега не сте верувале во постоењето на “климатско оружје”, дождот во Иран, после неколку години вештачки наметнати сушни периоди, би требало, барем малку да ве замисли. Им падна природен дожд, на кој му се израдуваа како деца, откако ги уништија американските постројки кои им ја контролираа климата и им создаваа суша. Модифицирање на климата е реалност. Грда реалност, што веќе и не се негира. Употребата на ХААРП системите, авионските хемтрејлови што еуфемистички ги нарекуваат “засејување на облаци” е најубоито оружје што се применува и во мирнодопски услови. И, токму деновиве го забележуваме и кај нас. За право на вистината, го имаме веќе десетина години, токму во периодот кога цветаат овошките и кога се веќе засадени раноградинарските култури. Мислам дека нема потреба посебно да се нагласува што тоа значи за земјоделието, за земјоделските производи, за исхраната. Ниту за тоа дека и тој сегмент е дел од агендата ” ќе немате ништо и ќе бидете среќни”. А да, но ќе имате бубачки како избор, кога веќе нема да имате избор.

ХААРП и засејувањето облаци се две различни работи. ХААРП е американска истражувачка програма која користи радиобранови за проучување на јоносферата и не се користи за создавање дожд или директно менување на временските прилики. Техниката на сеење облаци, иако може да се користи за зголемување на врнежите, има ограничени дејствија (може да ги зголеми врнежите за само 5 до 15 проценти).

Тврдењата што ја поврзуваат сушата во Иран со наводното американско „климатско оружје“ добиваат на популарност на интернет, сугерирајќи дека годините на криза со вода не биле природни, туку измислени. Сепак, експертите велат дека нема веродостојни докази за таков систем, наместо тоа укажувајќи на климатските фактори и долгогодишното лошо управување со водата како причинители на сушите. Не е точно дека „американски постројки ја контролирале климата во Иран и создавале суша“.

Поради својата географска положба, Иран отсекогаш бил подложен на суша. Голем дел од територијата е сушен или полусушен, а периоди со мали врнежи се редовни со децении.  Значи, сушата во Иран не е нешто ново или необично, и најчесто е резултат на природни климатски варијации, зголемување на температурите и климатски промени.

Исто така, не е невообичаено во Иран, погоден од суша, да има периоди на интензивни врнежи од дожд – а климатските промени ја влошуваат сериозноста на овие суши и екстремни врнежи од дожд. Во декември 2025 година во Иран имаше силни ненадејни поплави и излевање на реките, според Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања, објави Дојче Веле.

Не е точно дека „во Иран паднал природен дожд откако ги уништиле американските постројки кои им ја контролираа климата и им создаваа суша“.

Самите власти во Иран користат техника со хемикалии за да предизвикаат дожд, во обид да се и беше спроведена над сливот на езерото Урмија во ноември 2025 година, објави Би-Би-Си, повикувајќи се на иранската официјална новинска агенција Ирна.

Иранската метеоролошка организација соопшти дека врнежите од дожд се намалиле за околу 89% во 2025 година во споредба со долгорочниот просек, објави Ирна. 

Би-Би-Си на 29 април 2026 година објави текст во кој се дебанкира тврдењето дека може да се влијае врз климата во одредена држава, поради војната во Иран, и дека тоа го прави „некоја трета држава“.

Оние што споделуваат вакви неосновани тврдења на социјалните медиуми тврдат дека употребата на процес наречен „сеење облаци“ како оружје за политички цели е во сржта на проблемот. Сеењето облаци е метод за менување на времето за да се произведе повеќе дожд или снег. Овој метод вклучува прскање на честички на сребрен јодид, во облаците. Ова предизвикува влагата во облаците да се кондензира во капки вода, што може да предизвика дожд. Минатата година, Иран доживеа многу малку врнежи од дожд, оставајќи ги акумулациите речиси празни. Потоа властите одлучија да користат сеење облаци во сливот на Урмија во обид да предизвикаат дожд. Иако технологијата се користи во десетици земји, вклучувајќи ги САД, Кина и Саудиска Арабија, научниците велат дека има многу ограничени придобивки. Тие велат дека произведува само околу 15 проценти повеќе дожд, објави Би-Би-Си.

Експертите и научниците во истиот текст на Би-Би-Си посочуваат дека не постои технологија што може директно да ја контролира насоката и интензитетот на временските системи. Наместо тоа, тие укажуваат на зголемената веројатност за екстремни временски услови на Блискиот Исток поради климатските промени. Сеењето облаци поттикнува, но не може да го контролира времето.

Тоа е како да се поттикнува облак што веќе е формиран, а не да се контролира времето, вели професорката Дајана Франсис, која раководи со Лабораторијата за еколошки и геофизички науки на Универзитетот Калифа во Абу Даби.

Експертите веруваат дека лажните тврдења за обид за контрола на времето или водните ресурси ќе продолжат. Доктор Сара Смит, истражувач за климатска физика на Универзитетот во Оксфорд изјави дека „сложеноста и конфзијата се како магнети за теоретичарите на заговор“.

Во објавата што ја рецензираме не се прави разлика меѓу „засејувањето облаци“ и „кемтрејлс“, што се две различни работи. Засејувањето облаци е реална, научно користена техника, а кемтрејлс е теорија на заговор без докази. Техниката на сеење облаци помага капките вода да се формираат и да паднат како дожд, се користи за зголемување на врнежите со мал ефект, и за подобрување на водоснабдувањето. Оваа техника функционира само ако веќе има облаци, нејзиниот ефект е ограничен (не може да создаде дожд од ништо) и не може да предизвика суша или „да украде дожд од друга земја“.

Теоријата на заговор за кемтрејлс невистинито тврди дека авионите намерно испуштаат хемикалии за контрола на времето, луѓето, здравјето или климата. Но, на небото се гледаат контрејлс, траги од кондензација позади авионите, кои се формираат кога топли издувни гасови од авион се мешаат со ладен воздух на голема висoчина. Нема докази дека постои тајна програма за кемтрејлс и ова е широко отфрлено од научната заедница. Ниту кемтрејлс, ниту засејување облаци, ниту ХААРП се користат за да се модифицира климата на друга држава како „оружје во мирнодопски услови“ како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме.

Во објавата неверодостојно се тврди и дека во Македонија изминатите 10 години се случувало ова во периодот кога цветаат овошките и се засадени раноградинарски култури како дел од агенда за „луѓето да немаат ништо и да бидат среќни“.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција