Не е точно дека Бил Гејтс направил „приватен геноцид“ за да заработи близу 500 милиони американски долари
Инвестицијата од 55 милиони американски долари во Бионтек од страна на Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс, која се случи порано пред да биде откриен коронавирусот во декември 2019 во Кина, беше за да се поддржи развојот на мРНК базирани вакцини против ХИВ и туберкулоза, а не против ковид 19 кој тогаш не постоеше.
Инвестицијата од 55 милиони американски долари во „Бионтек“ од страна на Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс, која се случи порано пред да биде откриен коронавирусот во декември 2019 во Кина, беше за да се поддржи развојот на мРНК базирани вакцини против ХИВ и туберкулоза, а не против ковид-19 кој тогаш не постоеше
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Ем ќе си направиш ,,приватен,, геноцид, онака поради забава, ем ќе си лапнеш 495 милиони долари!
Потоа се споделува фотографија од Бил Гејтс на којашто пишува:
Во 2019 година Бил Гејтс инвестираше 55 милиони долари во Бионтек. Неколку месеци подоцна се појави ковид. Бионтек стана главниот играч зад мРНК вакцините на Фајзер. Неколку години подоцна таа инвестиција вреди повеќе од 550 милиони долари.
Не е точно наведеното дека вакцините биле „приватен геноцид“ на Бил Гејтс. Вакцините против ковид-19, само до 2022 година спасија 20 милиони животи според студија објавена од ГАВИ (Глобалната алијанса за вакцинација). Во вкупно 185 држави каде што се одвиваше вакцинацијата, само во првата година од вакциналната кампања против ковид-19, околу 19,8 милиони смртни случаи беа превенирани благодарение на самата вакцина. Намалувањето на смртните случаи можело да биде уште поголемо ако Светската здравствена организација ја постигнеше целта од 40 проценти вакцинации од популацијата во секоја држава до крајот на 2021 година, што ќе придонесеше да се спасат дополнителни 599.300 животи.
Има податоци и за спасителните ефекти на вакцините против ковид-19 во европскиот регион. Така, Светската здравствена организација објави дека во европскиот регион смртните случаи за време на пандемијата биле намалени барем за 57 проценти по воведот на вакцините против ковид -19. Најголемиот дел од спасените животи биле на лица повозрасни од 60 години, групата која е во најголем ризик од тешка болест и смрт од коронавирусот.
Овие вакцини не се поврзани со Бил Гејтс лично, ниту пак, со некаков „приватен геноцид“ кој му се имплицира. Во објавата се имплицира дека Гејтс инвестирал во „Бионтек“ зашто ковид пандемијата доаѓала за неколку месеци, тврдење што претставува теорија на заговор.
Првиот факт е дека инвестицијата не била направена лично од Бил Гејтс, туку од Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс. Иако Бил Гејтс е нејзиното најпрепознатливо лице, оваа фондација е водена и управувана од борд со директор и пет независни експерти, и истата е советувана од советодавен комитет на научници.
И „Бионтек“ и Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс ја објавија инвестицијата на 4 септември 2019 година. Инвестицискиот договор беше потпишан на 30 август 2019.
Во соопштението за јавност на „Бионтек“ јасно е наведено дека инвестицијата е дел од партнерство за да се развијат претклинички вакцини и кандидати за имунотерапија за ХИВ и туберкулоза. Ова не беше обичен пи-ар. Всушност имаше правен договор меѓу Фондацијата Бил и Мелинда Гетјс и Бионтек кој ограничуваше за што може да се користат парите. Овој договор за „Стратешка врска меѓу Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс и Бионтек“, кој беше потпишан на 30 август 2019 година, јасно наведуваше дека Бионтек ќе комплетира работи поврзани со ХИВ и туберкулоза. Исто така во него пишува дека „дополнителни проекти нема да бидат финансирани од инвестицијата освен во ограничен број случаи“. Со други зборови, 55 милиони долари од Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс беа ограничени за развој на вакцини против ХИВ и туберкулоза и имунотерапии.
Како што пишува „Текарп“, Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс е втора во светот хуманитарна организација којашто само за борба против гладот и болестите има издвоено над 7 милијарди долари. Со други зборови, 55 милиони долари споредено со целосниот имот и вредност на фондацијата е мала сума. Ако Бил Гејтс знаел однапред за ковид-19 и ако некако знаел дека „Бионтек“ и мРНК технологијата за вакцини ќе победи во пандемијата што претстои, тогаш би инвестирал многу поголеми суми, а не само 55 милиони долари.
Соопштението на Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс потенцира дека целосното финансирање би можело да достигне 100 милиони долари. Инвестицискиот договор предвидувал дека ако „Бионтек“ ги достигне нивоата во развојот во своите проекти против ХИВ и туберкулоза, тогаш Фондацијата ќе обезбеди нови грантови во вредност до 45 милиони долари.
Инвестицијата од 55 милиони долари во „Бионтек“ од страна на Фондацијата (која се случи порано пред да биде откриен коронавирусот во декември 2019 во Кина) беше за да се поддржи развојот на мРНК базирани вакцини против ХИВ и туберкулоза, а не против ковид -19 кој тогаш не постоеше.
Германската компанија „Бионтек“ веќе работеше на развојот на мРНК технологијата, ветувачки нов метод за вакцините. Кога пандемијата почна во 2020, „Бионтек“ ја форсираше својата мРНК платформа за да создаде ковид вакцина и стапи во партнерство со Фајзер за да ја произведе. Фондацијата на Гејтс подоцна го поддржа процесот на пристапност до вакцините преку глобалните иницијативи како КОВАКС а не преку контрола на „Бионтек“ или „Фајзер“. Самото инвестирање на фондацијата во „Бионтек“ во 2019 година не претставуваше „предзнаење“ за пандемијата што следуваше ниту „геноцид“, туку дел од долготрајно финансирање на истражувањето на вакцините во мРНК технологијата.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар