Не е точно дека брадосани вахабисти ќе ги легитимираат граѓаните
На полицајците ќе им биде дозволено да носат брада, но таа мора да биде кратка, уредна и редовно одржувана. Барањето за измените на правилникот го поднел Независниот синдикат на полицијата, а не „командантите од ДУИ“.
На полицајците ќе им биде дозволено да носат брада, но таа мора да биде кратка, уредна и редовно одржувана. Барањето за измените на правилникот го поднел Независниот синдикат на полицијата, а не „командантите од ДУИ“
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
ПО БАРАЊЕ НА КОМАНДАНТИТЕ НА ДУИ ЛЕГЕНДИТЕ НЕОПЕАНИ ОД ВЕМЕРЕТО ДОНЕЛЕ НОВ ПРАВИЛНИК. ПОЛИЦАЕЦОТ МОЖЕ ДА НОСИ И БРАДА.
И ДА НЕ СЕ ИЗНЕНАДИТЕ АКО ВЕ ЛЕГИТИМИРААТ БРАДОСАНИ ВАХАБИСТИ СО 3/4 ШИРОКИ НОГАВИЦИ НАД ГЛУЖДОВИ ОД УЧК ИЛИ ZZTOP ВО УНИФОРМА.
НЕЗНАМ ДАЛИ И ПОЛИЦАЈКИТЕ И СО БУРКА И ФЕРЕЏЕ КЕ МОЖЕ ДА РАБОТАТ.
НАПРЕД МОЦКО УШТЕ ТОА ОСТАНА ДА ГО РАСКУРЦАШ ЗА ПУСТИ КРЕДИТИ.
Точно е дека Министерството за внатрешни работи донело нов правилник за однесувањето и меѓусебните односи на работниците во министерството со кое се дозволува полицајците да носат брада, но не е точно дека тоа било направено на барање на „командантите на ДУИ“ и дека во иднина граѓаните ќе ги легитимираат „брадосани вахабисти“, како што тоа го тврди објавата што ја анализираме.
Имено, се цел проверка на фактите, Вистиномер се обрати во Министерството за внатрешни работи за да видиме што предвидува новиот правилник.
На 04.05.2026 година беше донесен Правилникот за однесување и меѓусебни односи на работниците во Министерството за внатрешни работи. По неговото донесување, од страна на Гранскиот независен синдикат на полицијата беше доставен предлог за измена на одредени одредби од Правилникот, кој се однесуваше на прашањето за носење брада од страна на полициските службеници. Во образложението на предлогот беа наведени практики од повеќе европски држави во однос на уредувањето на изгледот и однесувањето на полициските службеници.
По разгледување на доставениот предлог, истиот беше прифатен, при што на 01.06.2026 година беа извршени измени и дополнувања на одредени членови од Правилникот. Согласно извршените измени, на полициските службеници кои носат униформа им се дозволува да носат брада, но исклучиво доколку истата е кратка, уредна и редовно одржувана, односно не го нарушува професионалниот и службениот изглед на полицискиот службеник. Со оваа измена не се предвидува можност за носење долга или неуредна брада, туку се утврдува обврска за одржување на уреден и достоинствен изглед, соодветен на природата и угледот на полициската професија. Со наведените измени се постигна усогласување на Правилникот со современите практики и потребите на полициските службеници, притоа задржувѕајќи ги стандардите за професионалност, дисциплина и углед на полициската служба, ни одговорија од МВР.
Значи, на полицајците ќе им биде дозволено да носат брада, но таа мора да биде кратка, уредна и редовно одржувана. Барањето за измените на правилникот го поднел Независниот синдикат на полицијата, а не „командантите од ДУИ“.
Информацијата ја потврдија и од Независниот синдикат на полицијата на својата официјална Фејсбук-страница.
Еден можеби мал чекор за Министерството и синдикатот, но многу значаен во насока на подготвеноста за спроведување на реформи и слух за потребите на колегите од страна на раководството. Како резултат на континуираното барање на Независниот синдикат на полицијата, во целост е прифатен предлогот за укинување на забраната за користење на мобилни телефони на граничната полиција, сообраќајната полиција и управните служби, како и дозвола за носење на уредна брада и тетоважи од страна на униформираната полиција што е значаен чекор за либерализација и модернизација на условите. Ова претставува уште една потврда дека преку аргументиран дијалог, упорност и заедничка работа може да се дојде до решенија кои го подобруваат професионалниот статус и работните услови на полициските службеници.
Независниот синдикат на полицијата останува посветен на заштитата на правата и интересите на своите членови и ќе продолжи активно да предлага и поддржува мерки кои придонесуваат за помодерна, помотивирана и поефикасна полиција, стои во објавата на синдикатот во прилог на која е објавен и документ со измените на правилникот.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е делумно неточна.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар