Не е точно дека ЦДЦ потврдил дека мајмунските сипаници се сексуално пренослива болест
Наспроти изнесеното во постот, не е вистина дека Центарот за контрола и превенција на болести во САД (ЦДЦ) потврдил со сигурност дека мајмунските сипаници се сексуално пренослива болест. На страницата на ЦДЦ пишува дека мајмунските сипаници не се сексуално пренослива болест, но честопати се пренесуваат преку близок одржлив физички контакт, кој може да вклучува и сексуален контакт. И покрај тоа што моментално епидемијата ги погодува претежно лицата од ЛГБТ заедницата, мајмунски сипаници може да добие секој, независно од неговата возраст, пол, сексуална ориентација или раса
Наспроти изнесеното во постот, не е вистина дека Центарот за контрола и превенција на болести во САД (ЦДЦ) потврдил со сигурност дека мајмунските сипаници се сексуално пренослива болест. На страницата на ЦДЦ пишува дека мајмунските сипаници не се сексуално пренослива болест, но честопати се пренесуваат преку близок одржлив физички контакт, кој може да вклучува и сексуален контакт. И покрај тоа што моментално епидемијата ги погодува претежно лицата од ЛГБТ заедницата, мајмунски сипаници може да добие секој, независно од неговата возраст, пол, сексуална ориентација или раса
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели дека Центарот за контрола и превенција на болести во САД (ЦДЦ) и голем број на научници и доктори потврдиле со сигурност дека мајмунските сипаници се сексуално пренослива болест којашто се пренесува исклучиво меѓу мажите што имаат секс со мажи како и кај „жени со пениси“.
Ваквите тврдњеа се неточни. Не вистина дека ЦДЦ потврдил со сигурност дека мајмунските сипаници се сексуално пренослива болест. На страницата на ЦДЦ пишува дека мајмунските сипаници не се сексуално пренослива болест, но честопати се пренесуваат преку близок одржлив физички контакт, кој може да вклучува и сексуален контакт. Мајмунските сипаници наспроти изнесеното во постот, може да ги добие секој независно од сексуалната ориентација.
Специјалист по инфективни болести за „Ју Ес Еј Тудеј“ изјави дека кој било може да биде инфициран со мајмунски сипаници и дека болеста не е ограничена само на геј мажи. Мајмунските сипаници не се сексуално пренослива инфекција, бидејќи може да се пренесат на најразлични начини.
Вистина е дека многу од пријавените случаи на мајмунски сипаници се кај мажи кои имаат секс со мажи. „Си Ен Би Си“ пренесе изјава на Росамунд Левис, експерт за мајмунски сипаници на Светската здравствена организација (СЗО), во која тој вели дека:
Околу 99 проценти од случаите се меѓу мажи и дека 95 проценти од тие пациенти се мажи кои имаат секс со мажи.
Без оглед на сè, секој може да добие мајмунски сипаници, независно од неговата возраст, пол, сексуална ориентација или раса. И покрај тоа што моментално епидемијата ги погодува претежно лицата од ЛГБТ заедницата, тоа сигурно ќе се промени, вели доктор Метју Хамил, професор по медицина на Џонс Хопкинс Универзитетот за „Ју Ес Еј Тудеј“.
Многупати низ децениите научивме дека сексуалните врски не се фиксни. Повеќепати видовме, како на пример во раните осумдесетти години, кога ХИВ беше гледан како инфекција што само ги заразува геј мажите. Брзо научивме дека тоа не е вистина. Има многу голем број на други луѓе кои се засегнати.
Мајмунските сипаници се малку покомплицирани бидејќи постојат со децении во делови на Западна и Централна Африка и во тој контекст нивниот главен начин на трансмисија не е преку сексуален контакт, туку преку несексуален контакт, вели доктор Хамил
Исто така, мајмунските сипаници не се класифицирани како сексуално пренослива инфекција. Иако вирусот може да се пренесе преку орален, анален и вагинален секс, според ЦДЦ, може да се пренесе и на други начини.
Вирусот може да се прошири со директен контакт од инфицирана личност преку течност од рана на кожата. Исто така, може да се пренесе со допирање на предмети, ткаенини и површини користени од страна на некој со вирусот, а и преку контакт со респираторни секрети, вели доктор Ричард Мартинело, доктор по инфективни болести на Јејл Медицина.
Како што објави ЦДЦ, и бремена жена може да го пренесе вирусот на фетусот преку плацентата. Исто така, има и извештаи за мајмунски сипаници кај деца и бремени жени. Две деца во САД во близок контакт со инфицирани членови на семејството биле инфицирани со вирусот. Првиот познат случај во САД на заразен пациент со мајмунски сипаници е бремена жена за која имаше извештај во јули годинава.
Наспроти лажните тврдења на социјалните мрежи, повеќе различни странски сервиси за проверка на факти, оценуваат дека не е вистина дека мајмунските сипаници се сексуално пренослива болест,
Да се каже дека е болест која само ја има меѓу геј популацијата е и невистинито и нефер. Сексуалноста и сексуалната ориентација на лицето не е начин на пренесување. Секој може да ги добие мајмунските сипаници доколку има контакт со инфицирано лице, вели за „Ројтерс“ доктор Андреј Ли, професор по јавно здравје на Универзитетот Шефилд.
Понатаму, во постот што го рецензираме се вели дека две кучиња во сопственост на геј пар фатиле мајмунски сипаници:
А како кучињата фатиле човечка СЕКСУАЛНО пренослива болест, е прашање на векот!
Иако тоа воопшто не е прашање, со оглед на тоа што самиот пар изјавиле дека со кучето спиеле во ист кревет и така се случил првиот случај на трансмисија на мајмунски сипаници во Париз, за кој беше информирано во реномираното медицинско списание „Лансет“.
Двајца мажи кои живееле во исто домаќинство и кои биле геј пар, забележале дека истите лезии кои тие ги имале на телото, се појавиле и кај нивното куче 12 дена откако почнале да пројавуваат симптоми. Генетската анализа покажала дека вирусот кој го инфицирал кучето, е сосема истиот кој ги инфицирал и мажите што биле негови сопственици. Како што пишува „Би Би Си“, тие двајцата изјавиле дека кучето спиело со нив во ист кревет, а мајмунските сипаници се шират со близок контакт од кожа на кожа и исто така кога некој ќе допре платно, како облека, чаршафи или крпи коишто биле користени од страна на некој што бил инфициран со вирусот.
Сексуалното образование нема врска со ширењето на мајмунските сипаници
Во постот што го рецензираме се прави неиздржан обид, да се поврзат мајмунските сипаници со постоењето на сексуално образование во училиштата во САД, а и да се окарактеризира сексуалното образование во Македонија како причинител на сексуално преносливи болести. Дури и да беа мајмунските сипаници сексуално пренослива болест, а не се, во Македонија нема ниеден случај на оваа болест. Така, постоењето или непостоењето на сексуално образование во државава, не е никаков индикатор за таа болест. Изнесените квалификации во постот се во најблага форма кажано, манипулација. Мајмунските сипаници постојат и во држави каде што има и во држави каде што нема сексуално образование. Не станува збор за сексуално пренослива болест, ниту пак, сексуалното образование на некој начин може да го поттикне појавувањето на оваа инфекција.
Според македонскиот Институт за јавно здравје мајмунска сипаница кај луѓе за првпат била идентификувана во 1970 година во Демократска Република Конго кај 9-годишно момче во регион каде што големите сипаници биле елиминирани во 1968 година.
Оттогаш, повеќето случаи се пријавени во руралните, дождовни шуми на Сливот на Конго, особено во Демократска Република Конго, а случаи на луѓе сè повеќе се пријавуваат од цела Централна и Западна Африка.
Во 2003 година, првата епидемија на мајмунски сипаници надвор од Африка се случи во Соединетите Американски Држави и беше поврзана со контакт со заразени миленичиња од прериските кучиња. Овие миленичиња биле сместени заедно со гамбиски стаорци кои биле увезени во земјата од Гана. Оваа епидемија доведе до над 70 случаи на мајмунски сипаници во САД.
Мајмунските сипаници се пријавени и кај патници од Нигерија во Израел во септември 2018 година, во Обединетото Кралство во септември 2018 година, декември 2019 година, мај 2021 година и мај 2022 година, во Сингапур во мај 2019 година и во Соединетите Американски Држави во јули и ноември 2021 година.
Нема докази дека во Европа мајмунските сипаници се појавиле од геј паради.
Сексуалното образование не шири промискуитет и сексуално преносливи болести
Во постот, исто така, се вели дека целта на сексуалното образование во земјава има само еден ефект, а тоа е ширење промискуитет и сексуално преносливи болести.
Од ХЕРА за Вистиномер велат дека, според УНИЦЕФ, ССО ќе им овозможи на младите да се стекнат со знаења, вештини, ставови и вредности кои ќе ги поттикнат да го ценат своето здравје, благосостојба и достоинство, да развијат социјални и сексуални врски базирани на меѓусебно почитување и да разберат како нивниот избор влијае на нивната благосостојба и благосостојбата на другите и да ги знаат и штитат правата во сферата на сексуалното и репродуктивното здравје.
Ако се споредат податоците од другите земји каде има ССО и нашата земја, евидентно е дека младите во нашата земја релативно порано стапуваат во прв сексуален однос за разлика од своите врсници од западноевропските земји. С. Македонија е на едно од последните места во Европа по користење на современа контрацепција каде само 14 проценти од младите на возраст од 20 до 24 години користат некое современо контрацептивно средство и кондом, а најголем дел, 36 проценти, се потпираат на прекинување на сексуалниот однос како метод за заштита од непланирана бременост. Бројот на малолетнички породувања во земјава е речиси трипати поголем од земјите на ЕУ.
Од ХЕРА велат дека ССО не придонесува за промискуитет и сексуално преносливи болести и како доказ за тоа посочуваат дека во земјите каде има воведено сеопфатно сексуално образование недвосмислено се гледа дека стапката на сексуално преносливи инфекции, малолетничка бременост и стапување во сексуален однос за првпат е значајно пониска во споредба со земјите каде младите го немаат ова образование.
Понатаму, во ССО има компонента каде се опфаќаат темите поврзани со ризичното однесување со што се намалува ризикот од сексуално преносливи инфекции. Компонентата како што е насилство, исто така, значајно влијае на намалувањето на насилството меѓу врсниците, градењето здрави врски и развивањето позитивна слика за своето тело.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар