Не е точно дека целта на ковид кризата е да се формира глобална светска влада

Фото: Image by Michal Jarmoluk from Pixabay

Најголемиот доказ дека зад ковид кризата нема некаков имагинарен заговор за формирање светска влада, е фактот што и по кризата секоја држава и понатаму функционира со единствена своја влада, исто како и пред и за време на кризата. Фактот што постоеше усогласеност меѓу дел од владите и координација во справувањето со пандемијата, во смисла на воведување на превентивни заштитни мерки, не беше за да се подготви населението за вакцинација, туку за да се даде покохерентен, посинхронизиран одговор на пандемијата

Најголемиот доказ дека зад ковид кризата нема некаков имагинарен заговор за формирање светска влада е фактот што и по кризата секоја држава и понатаму функционира со единствена своја влада, исто како и пред и за време на кризата. Фактот што постоеше усогласеност меѓу дел од владите и координација во справувањето со пандемијата, во смисла на воведување на превентивни заштитни мерки, не беше за да се подготви населението за вакцинација, туку за да се даде покохерентен, посинхронизиран одговор на пандемијата

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој е пренесен напис од сајтот Коловрт, според кој извесен доктор, кардиолог, Питер Мек Кулох, изјавил дека вистинската цел на ковид-19 и самата криза е формирање глобална светска влада.

Во написот, ковид кризата е означена со наводници, што треба да ја симулира нејзината наводна невистинитост. Во текстот се вели:

Она што сега го гледаме е употреба на вaкцините како начин за глобална усогласеност на луѓето. Покорување на целото светско население во исто време, со истиот метод. Дека нашите права се поврзани со крајот на хиподермичната игла, изјавил тој.

Во текстот се пренесува дека тој од раните фази на ковид-19 постојано зборувал за опасностите од мРНК вакцините, како и дека наводно рани третмани за детекција на ковид-19 биле отфрлени од медицинскиот естаблишмент. Во текстот исто така се вели дека Мек Кулох напишал книга која се занимава со, како што се вели, „криминалот на забрана на раното лекување и наводната вистинска поента на денешницата, која според него е да се создава страв, страдање, хоспитализација и смрт за да се подготви светот да прифати масовна вакцинација”.

Тврдењето дека зад ковид кризата се крие некаква цел, (во случајов светска влада), не е базирано на факти. Ковид-19 е болест предизвикана од коронавирусот, која што одзема огромен број животи, афектираше милиони заразени ширум светот, од кои дел имаат и постковид симптоматологија и последици кои не се повлекуваат месеци по прележувањето на вирусот, а воедно предизвика глобален одговор од сите влади на сите држави во светот со цел да се намали ширењето на заразата и да се помогнат економски девастираните домаќинства како последица на пандемијата. Најголемиот доказ дека зад ковид кризата не нема некаков имагинарен заговор за формирање светска влада, е фактот што и по кризата секоја држава и понатаму функционира со единствена своја влада, исто како и пред и за време на кризата. Фактот што постоеше усогласеност меѓу дел од владите и координација во справувањето со пандемијата, во смисла на воведување на превентивни заштитни мерки, не беше за да се подготви населението за вакцинација, туку за да се даде покохерентен, посинхронизиран одговор на кризата. Така на пример, кога се воведуваа вакцинални сертификати за влез во државите, тоа се правеше во сите држави, за да се спречи само некои од нив да имплементираат мерки, а други да дозволуваат слободна циркулација на вирусот.

Во постот што го рецензираме невистинито се тврди дека употребата на вакцините е начин за глобална усогласеност на луѓето и покорување на целото светско население во исто време, со ист метод.

Меѓутоа, дека ова не е вистина, говори фактот што вакцинацијата е доброволна, пред нејзината апликација се потпишува изјава за согласност и никој никого не го има принудено да се вакцинира спротивно на неговата волја. Точно е дека повеќето влади во текот на пандемијата набавија дози од вакцините за да го заштитат своето население и промовираа масовна вакцинација со цел постигнување колективен имунитет, меѓутоа тоа не е никаква контрола за некаква глобална усогласеност на целото светско население.

Вакцината претставува ефикасно средство за намалување на негативните ефекти од ковид-19, односно спречува хоспитализација и развој на тежок тек на болеста како и смртен исход. Ова не значи дека некои лица нема да починат, иако се вакцинирани, меѓутоа ризикот за смртен исход кај невакцинираните е исклучително поголем. Токму фактот што вакцините спасуваат животи, беше пресуден владите ширум светот, така и во Република Северна Македонија да набават и администрират вакцини кај своето население.

Во постот што го рецензираме се тврди дека „нашите права се поврзани со крајот на иглата“, односно дека самото тоа што некој е вакциниран добива поголеми права отколку невакцинираниот. Правото да се биде вакциниран или невакциниран, во С. Македонија во ниеден момент не беше нарушено, односно иако владата и Министерството за здравство ја креваа свеста за важноста на вакцинацијата, во ниеден момент не наметнаа задолжително вакцинирање. Оттаму, сите луѓе и тие што се вакцинирани и тие што не се, имаа исти права. Барањата за вакцинален сертификат беа поврзани со заштита на јавното здравје како општо добро, а не со воспоставување на некаква контрола врз населението. Тоа го покажува и фактот што кога епидемијата на коронавирусот почна да згаснува, укинати беа и најголем дел од рестриктивните мерки, па повеќе не се бара носење заштитна маска освен во аптеки, болници, старски домови и јавен превоз. Не се бара ниту вакцинален сертификат за влез во трговски центри или за излез од државата, а повеќе соседни држави, како на пример Грција, исто така не бараат вакцинален сертификат за влез на нивна територија. Со други зборови, кога епидемиолошката состојба тоа го дозволи, и рестриктивните мерки беа повлечени. Освен тоа, нејасно е како владите воопшто би контролирале некого ако тој реши да прими вакцина. Личниот избор да се прими вакцина или не, на ниеден начин не им дозволува на владите некого да контролираат, туку само им дава слобода да ја стават пандемијата под контрола, да се формира колективен имунитет и да се намалат трошоците по државниот буџет кои се трошат за менаџирање на пандемијата, здравствениот систем и оптовареноста на економијата.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е точно дека целта на ковид кризата е глобална светска влада или покорување на населението преку вакцини. Заедничките соработки меѓу владите за да се контролира пандемијата во нејзината највисока кулминација, не претставува формирање единствена влада.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција