Не е точно дека децата во ЕУ мора да јадат црви и скакулци

Фото:HansPixabay

Одобрувањето на правот од домашен штурец како додаток во исхраната не е задолжителен за консумација за земјите членки на ЕУ, така што неговата употреба не претставува никаква европска вредност, уште помалку, пак, европска вредност е децата да јадат црви и скакулци од причина што такво нешто воопшто нема во Европската Унија. Наративите за инсектите како наметната храна во Европската унија може да се класифицираат под наративите за „големото ресетирање“ или „ресетирањето на храната“

Одобрувањето на правот од домашен штурец како додаток во исхраната не е задолжителен за консумација за земјите членки на ЕУ, така што неговата употреба не претставува никаква европска вредност, уште помалку, пак, европска вредност е децата да јадат црви и скакулци од причина што такво нешто воопшто нема во Европската Унија. Наративите за инсектите како наметната храна во Европската унија може да се класифицираат под наративите за „големото ресетирање“ или „ресетирањето на храната“

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека европски вредности биле да се јадат црви и скакулци.

Европски вредности да ти биле многу модерни црви и скакулци да јадат децата и внуците ама ќе биле нормални луѓе ЕУ ве сака многу, стои во објавата.

Ваквото тврдење не е поткрепено со никакво објаснување, а не нуди ниту некакви факти.

Одлуката на ЕУ во јануари 2023 година, да одобри некои производи добиени од инсекти за човечка исхрана, предизвика бран на дезинформации ширум Унијата. Во многу земји-членки се појавија лажни вести за инсекти скриени во храната или за инсекти кои се опасни за човечка исхрана.  Во својата анализа за лажните вести поврзани со инсектите за јадење, Едмо.еу идентификува три главни дезинформациски наративи, меѓу кои и тој дека граѓаните на ЕУ ќе јадат инсекти дури и против нивна волја.

Европската комисија донесе регулатива со која од 3 јануари 2023 година на пазарот се одобрува употребата на прав од акета доместикус (домашен штурец), како нова храна. Според документот објавен на линкот, на 24 јули 2019 година компанијата Крикет Оне Ко (апликантот), аплицирала во Европската комисија за авторизација на овој прав на пазарот во ЕУ како нова храна. Правот е од домашен штурец со намера да се користи во целозрнести лебови, крекери и лепчиња, во житни барови, суви миксови за печење, бисквити, производи од паста со и без полнење, сосови, процесирани производи од компири, пица, супи и концентрати за супа, пијалаци слични на пиво, во чоколадо и други производи наменети за широката популација.
На 23 март 2022 година Европската комисија усвои научно мислење за безбедноста на овој прав. Во научното мислење, се вели дека правот од домашен штурец е безбеден ако се користи под пропишаните услови и ако се користи во нивоата и количините кои се пропишани.

Затоа, научното мислење дава доволна база за да се заклучи дека правот од домашен штурец кога се користи во полнозрнест леб, житни барови, миксови за печење, бисквити, паста, сосови, процесирани производи од компири, пица, концентрати за супа, пијалаци слични на пиво, чоколади итн, ги исполнува условите за неговото пласирање на пазарот во согласност со европските регулативи, пишува во документот.

Дополнително, во наредните пет години, само еден производител ќе има ексклузивно право да го користи овој прав во своите производи, и ниеден друг. Такво ексклузивно право е исто така наведено.

Kолегите од романскиот портал за проверка на факти Веридика го поврзаа овој тип на дезинформации за инсектите како наметната храна со наративот за „ресетирање храна“. Иако производот од обезмастениот прав од домашен штурец е пуштен на пазарот во Европската унија, потрошувачката на истиот не им е наметната на граѓаните на Европската Унија. Покрај сето ова, јасно ќе бидат означени производите што содржат прав од домашен штурец.

Употребата на инсекти како алтернативен извор на протеини не е нова, а инсектите редовно се јадат во многу делови од светот. Една неодамнешна студија направи синтеза и покажа дека околу 2.000 видови инсекти се јадат во повеќе од 100 земји ширум светот, пишува Веридика. Инсектите кои можат да се јадат, особено штурците, се дел од традиционалната исхрана на неколку земји во Азија, како Кина, Јапонија, Тајван, Камбоџа, Лаос, Мјанмар, Виетнам, Тајланд, но и во Екваторијална Африка, па дури и во Мексико. Нивното консумирање се одвива во различни форми и во различни прилики. Нивната подготовка обично вклучува пржење или варење на пареа за конзумирање како главно јадење или закуска.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека одобрувањето на правот од домашен штурец како додаток во исхраната не е задолжителен за консумација за земјите членки на ЕУ, така што неговата употреба не претставува никаква европска вредност, уште помалку, пак, европска вредност е децата да јадат црви и скакулци од причина што такво нешто воопшто нема во Европската Унија. Наративите за инсектите како наметната храна во Европската унија може да се класифицираат под наративите за „големото ресетирање“ или „ресетирањето на храната“. Поради ова, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција