Не е точно дека „делумно“ нè вакцинираат преку земање брис при тестирање за ковид-19

Фото: скриншот

Молекуларните тестови ги бараат знаците на активната инфекција, а примерокот што се користи за ова тестирање е брис, кој се зема подлабоко од грлото со стапче со памучен врв. На овој памучен врв нема ништо друго освен памук! Потоа, овој примерок под посебни услови се испраќа на испитување во лабораторија. Не може да се врши вакцинирање против ковид-19 со самото земање на брисот

Во пост на Фејсбук лажно се тврди дека досега преку тестирањето за ковид-19, се вршела и делумна вакцинација на населението и тоа преку нано честички во мозокот на луѓето. Постот е поткрепен со видео материјал на кој што докторка од САД, Лорејн Деј, изнесува тврдења кои се медицински неиздржани и едноставно, невистинити.

Таа во видео материјалот тврди дека со тестирањето за ковид-19, всушност, се врши вакцинација на населението. Доколку ова е вистинито, тогаш воопшто не би имало потреба да се развива вакцина, туку сите луѓе би можеле со едноставно тестирање да бидат заштитени. На крајот од видеото, претставени се два слајда преку кои се тврди дека во процесот на наводната присилна вакцинација, се уфрлаат гени на канцер во телото на оној што се тестира, со цел да се намали светската популација.

Меѓутоа, тестот за ковид-19 не е назална вакцина и со него не се допира мозокот.

Пред да почнеме со изнесување на фактите за тоа што, всушност, се прави со ковид-19 брисот за тестирање, да изнесеме неколку факти за тоа која е докторката Лорејн Деј.

Повеќе извори предупредуваат јавноста да биде внимателна кога ги перцепира нејзините тврдења. Таа преживеала рак, по што на нејзиниот веб сајт почнала да тврди дека целиот третман на конвенционалната медицина за лекување на канцерот се базира на грешка. Нејзините видеа тврдат дека стандардните третмани за канцер никогаш не излекувале никого и дека никој не би требало да прима хемотерапии или радијација за третман на канцер. Таа тврди дека сите видови рак се, всушност, исти и дека основната причина за нивното појавување е слабост на имунолошкиот систем и дека со нејзината програма фокусирана главно на исхраната, на луѓето ќе им помогне да го зајакнат нивниот имунолошки систем. Според неа, сите болести се комбинација од три фактори – лоша исхрана, дехидратација и стрес. Им вели на луѓето дека лековите не излекувале никого, туку дека само ја менуваат формата и локацијата на болеста. Тврди дека шеќерот создава исто толку голема зависност како и кокаинот, дека остеопорозата не е предизвикана од недостаток на калциум и дека колку повеќе млеко пиете, толку повеќе остеопороза ќе имате. И, се разбира, таа заговара против вакцинација на луѓето!

Во конкретниот пост, тврдењето на доктор Лорејн Деј дека тестирањето за ковид-19 се врши преку брис од носот, а не преку плунка, е невистинито. Постојат тестови за ковид 19 кои се вршат преку плунка. Меѓутоа, не се толку ефикасни како ПЦР тестовите со брис од носот и од грлото!

Анализа покажала дека примерокот земен преку плунка е помалку сензитивен отколку брис земен од носот, бидејќи има помала концентрација на вирусот во плунката, отколку во брисовите земени од носот и од грлото. Ова е причината зошто се земаат брисови од носот и од грлото и зошто тие се попрепорачливи, а не некаква теорија на заговор.

Тврдењето дека има нано честички кои се на врвот од стапчето со кое се врши брисот, веќе го имаме побиено во претходна анализа.

Фактите се дека земањето брис од носот, нема апсолутно никаква врска со било какво пробивање на мозочната бариера кај човекот и тоа ни го потврдија експерти од областа на микробиологијата и епидемиологијата.

Молекуларните тестови ги бараат знаците на активната инфекција, а примерокот што се користи за ова тестирање е брис, кој се зема подлабоко од грлото со стапче со памучен врв. На овој памучен врв нема ништо друго освен памук! Потоа, овој примерок под посебни услови се испраќа на испитување во лабораторија. Не може да се врши вакцинирање против ковид-19 со самото земање на брисот.

Американскиот центар за контрола и превенција на болести детално има објаснето како функционираат вакцините против ковид-19. Не постои ниту теоретска можност да се вакцинирате преку земање брис од нос.

Според образложението на Центарот за контрола и превенција на болести, различните вакцини функционираат на различни начини за да заштитат, но за сите е заедничко што се создаваат т-лимфоцити кои што ќе „запомнат“ како да се борат со вирусот во иднина.

На телото му се потребни неколку недели за да создаде т-лимфоцити по вакцинацијата.

Оттука, изнесените тврдења во постот и видеото што ги рецензираме, ги оценуваме како невистинити.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција