Не е точно дека Дино Мерлин побарал да се изгаси осветлувањето на крстот на Исарот
На социјалните мрежи се појави дезинформација дека балканскиот музичар Дино Мерлин, во пресрет на настапот на „Пастрмајлијада“ во Штип, побарал за време на неговиот настап да биде изгаснато осветлувањето на крстот на Исарот. Дезинформацијата не се темели на никаков извор, а за неа демант стигна директно од градоначалникот на Штип
На социјалните мрежи се појави дезинформација дека балканскиот музичар Дино Мерлин, во пресрет на настапот на „Пастрмајлијада“ во Штип, побарал за време на неговиот настап да биде изгаснато осветлувањето на крстот на Исарот. Дезинформацијата не се темели на никаков извор, а за неа демант стигна директно од градоначалникот на Штип
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
ЖАЛНА МАКЕДОНИЈА: Требало веднаш да му се откаже настапот после ова барање ама ние…
Во склоп на објавата се споделува текст со фотографија на пејачот Дино Мерлин и наслов: „Дино Мерлин побарал да се изгаси крстот на Исарот? Викендов сите патишта водат кон Штип“. Објавата е исклучително вирална со над 65 споделувања, над илјада допаѓања и повеќе од 900 коментари.
Кога ќе се пристапи до текстот, се споделува истиот наслов од Фејсбук-статусот со надополнување дека се работи за настап на Мерлин на Пастрмајлијада во Штип.
Меѓутоа, во објавата нема извор на ваквите тврдења, ниту пак, став од Дино Мерлин. Со крстот во Штип нема никакви промени во режимот на осветлување, а градоначалникот на Штип Иван Јорданов најостро демантираше дека Дино Мерлин барал да се исклучи осветлувањето на крстот на Исарот.
ДЕМАНТ!
Згрозен сум од лажните вести кои намерно се пласираат, а се во врска со најголемиот настан во Македонија, кој ќе се случи овој викенд во Штип.
Целосно демантирам дека изведувачот Дино Мерлин имал специјални барања во делот на исполнување посебни услови во изгледот и обележјата на градот.
Свесен сум дека живееме во време на изместени вредности, свесен сум дека ова е само еден од методите за ширење на омраза и политичко лешинарење. Се прашувам до каде ќе оди човечката злоба?
Нашиот Штип веќе добива од овој настан, а оние кои ја пласираа оваа невистина на медиумите, јасно е дека веќе губат, затоа и се изгубени во нивната злобна и бесцелна политичка кампања!
И да не изоставам, овие кои ги шират дезинформациите, се истите оние кои неколку години го оставија крстот на Исарот во темница!, напиша градоначалникот на Штип на Фејсбук.
Тој објави фотографија од осветлениот крст на Исарот како потврда дека нема никаква промена на режимот на осветлувањето на обележјето.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар