Не е точно дека Џорџ Сорос е виновен за млечната криза во земјава

Фото: The image was posted by Couleur on Pixabay

Џорџ Сорос не е сопственик на Имлек, како што пишува авторот на објавата што ја рецензираме, тој не предизвикува вештачка криза со млекото, а кризата настанува поради зголемените трошоци, но и поради намаленото производство предизвикано од намалувањето на сточниот фонд, како во Македонија, така и во Србија. Од Фондацијата „Отворено општество“ за српскиот сајт за проверка на фактите „Истиномер“, веќе ги демантираа тврдењата дека Сорос ја купил „Danube Foods Group“, во чија сопственост се „Имлек“, „Бамби“, „Књаз Милош“ и „Суботичка млекара“

Џорџ Сорос не е сопственик на Имлек, како што пишува авторот на објавата што ја рецензираме, тој не предизвикува вештачка криза со млекото, а кризата настанува поради зголемените трошоци, но и поради намаленото производство предизвикано од намалувањето на сточниот фонд, како во Македонија, така и во Србија. Од Фондацијата „Отворено општество“ за српскиот сајт за проверка на фактите „Истиномер“, веќе ги демантираа тврдењата дека Сорос ја купил „Danube Foods Group“, во чија сопственост се „Имлек“, „Бамби“, „Књаз Милош“ и „Суботичка млекара“

 

 

Пост на Фејсбук шири невистини поврзани со млечната криза која ја погоди Србија, но и С. Македонија. Во објавата се тврди дека виновник за оваа млечна криза е бизнисменот Џорџ Сорос. Ова не е точно.

Најави за млечна криза во Србија и Македонија.

Џорџ Сорос преку неговите компании за млеко предизвикува млечна криза! Имлек најголемата српска млекара го намалува производство поради “зголемени трошоци”. Имлек е сопственик на млекари низ цела екс ЈУ, во БиХ, Црна Гора и Битолска Млекара во Македонија. Имлек ја купи Битолска млекара во 2005 година и оттогаш е монопол. Млекопроизводството континуирано паѓа, фарми се затвараат бидејќи откупната цена на млекото е бетонирана повеќе од 10 години. Фармерите преживуваат само од државните субвенции. Џорџ Сорос преку неговиот инвестициски фонд ја купува Имлек во 2015 година. Сорос ден денес е сопственик на Битолска млекара. 2022,септември, млечна криза во најава!, се вели во постот кој го анализираме.

Објавата содржи неколку невистини.

Прво, не е точно дека Сорос е сопственик на млекарата Имлек во чија сопственост е поранешната битолска млекара. Од Фондацијата „Отворено општество“ на Џорџ Сорос за српскиот сајт за проверка на фактите „Истиномер“, ги демантираат тврдењата дека Сорос ја купил „Danube Foods Group“, во чија сопственост се „Имлек“, „Бамби“, „Књаз Милош“ и „Суботичка млекара“. Истиномер пишува дека станува збор за дезинформација, поточно, за изменета вест од 2015 година.

Нема вистина во оваа гласина. Џорџ Сорос нема врска со споменатите компании, изјавиле оттаму за Истиномер.

Сајтот за проверка на фактите пишува дека лондонскиот инвестициски фонд „Мид Европа Партнерс“ на 02.02.2015 година објавил дека е во процес на купување на „Дануб фудс груп“, во чија сопственост се српските компании „Имлек“, „Суботичка Млекара, „Бамби“ и „Књаз Милош“. Веста за продажбата тогаш ја објавија бројни домашни медиуми, но на некои портали беше веста беше ажурирана со неточно тврдење дека „неофицијален сопственик на најголемиот европски инвестициски фонд ‘Mid Europa Partners’ е контроверзниот бизнисмен Џорџ Сорос.

Втората невистина изнесена во постот е причината поради која се затворале фармите. Во објавата се тврди дека тоа е поради откупната цена на млекото која е бетонирана повеќе од 10 години. Проверката на Вистиномер покажа дека не е точно дека откупната цена на млекото е бетонирана повеќе од 10 години.

На веб-страницата на Земјоделскиот пазарен информативен центар може да се види дека откупната цена на млекото од 2012 до 2015 година варирала и претежно бележала зголемување.

Дека цените не биле забетонирани може да се види и од извештајот на Министерството за земјоделство за периодот од 2013 до 2018 година.

Стеванче Јорданоски, член на УО на Национална федерација на фармери и производител на кравјо млеко, во изјава за „Слободен печат“ вели дека цената на кравјото млеко што го продаваат нашите сточари во моментов е малку зголемена и сега тоа се продава од 24 до 27 денари за еден литар.

Според него, сточарството во Македонија се соочува со голем проблем, затоа што е намален сточниот фонд и нема кој да работи, бидејќи кај младите нема интерес.

Сточниот фонд се намалува и во регионот, не само кај нас. Според сознанијата што ги имаме, тоа се случува дури и во Србија, иако тие имаат земјоделски предели што се развиени. Но, сточарството, во однос на интересот, е во уште полоша состојба во однос на земјоделството. Еве илустративно ќе ви кажам што се случува во моето село, но таква е состојбата насекаде во Македонија. Во прилепското село Мажучиште пред 10 години имаше десетина семејства со по 200 до 300 овци, сега нема ниту едно. Во однос на кравите, сточниот фонд е преполовен. Јас се чудам од каде ќе има храна народот кога никој не сака да се занимава со сточарство, па и со земјоделство. Мора да се направи сериозна и целосна реорганизација на секторот за да се привлечат млади земјоделци и сточари. Мора да се размислува дека некој треба и да произведува храна, вели Јорданоски.

Од сето ова може да се заклучи дека Џорџ Сорос не е сопственик на Имлек, дека тој не предизвикува вештачка криза со млекото и дека таа настанува поради зголемените трошоци, но и поради намаленото производство предизвикано од намалувањето на сточниот фонд, како во Македонија, така и во Србија. Оттука, постот што го анализираме го оценуваме како невистинит.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција