Не е точно дека Египет е „под американска марионетска власт“

Каиро, Египет август 2015 Фото: Nina R from Africa, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Нема вистина во тврдењата дека САД го предизвикале падот на Хосни Мубарак, тоа беа внатрешни фактори, се случија масовни демонстрации на граѓаните на Египет кои бараа крај на неговото тридецениско владеење. За време на револуцијата од 2011 година која доведе до повлекувањето на Мубарак имаше демонстрации, маршеви, заземање на плоштади, ненасилен граѓански отпор, акти на граѓанска непослушност и штрајкови. Не е точно ниту тврдењето дека Египет е „под американска марионетска власт“, за тоа во објавата не се понудени никакви аргументи. Двете држави имаат соработка, меѓутоа Египет соработува и со Русија. Соработката меѓу двете држави не означува контрола на едната врз другата

Нема вистина во тврдењата дека САД го предизвикале падот на Хосни Мубарак, тоа беа внатрешни фактори, се случија масовни демонстрации на граѓаните на Египет кои бараа крај на неговото тридецениско владеење. За време на револуцијата од 2011 година која доведе до повлекувањето на Мубарак имаше демонстрации, маршеви, заземање на плоштади, ненасилен граѓански отпор, акти на граѓанска непослушност и штрајкови. Не е точно ниту тврдењето дека Египет е „под американска марионетска власт“, за тоа во објавата не се понудени никакви аргументи. Двете држави имаат соработка, меѓутоа Египет соработува и со Русија. Соработката меѓу двете држави не означува контрола на едната врз другата

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Египет 2014 … Странски аѓентури го рушат Хосни Мубарак по “српско студентско сценатио” ширејки оваков тип видеа по социјални мрежи … Операцијата ја контролира УСА и е наречена “Арапска прилет” … Им ветуваат брда и долини ако падне Мубарак , “Муслиманско братство” го дига народот и го обара Мубарак … Но УСА во тој “момент на хаос” носи своја нова “марионета” која ги затвара овие од “Муслиманско братство” и ги турка од власт без избори … Во 2022ра Египет е уште под “америчка марионетска власт” но една свое воено пристаниште го дава на Русија … Никогаш не се знае може УСА на својата марионета да и сврти грб ( што ги знаеш ) … Голтајте , ама после не плачете …

Прво, не е точно наведеното во објавата дека Хосни Мубарак „паднал“ од претседателската функција во Египет во 2014 година. Тоа се случи во 2011 година, на 11 февруари после 18 денови  масовни демонстрации на улиците во Египет, протести во кои се бараше крај на 30-годишното негово владеење . Тогашниот потпретседател Омар Сулејман ја објави оставката на Мубарак на државната телевизија со зборовите:

Претседателот Мухамед Хосни Мубарак одлучи да се повлече од функцијата претседател на републиката.

Граѓаните на Египет со восклик го дочекаа моментот, собрани беа во речиси секој поголем град од 25 јануари (2011) со барања за „леб, слобода и социјална правда“. Многумина од нив преживеаја водени топови, солзавци и возила со вооружени лица во нив, за да може да им биде чуен гласот. Мубарак владееше 30 години, со потиснување на дисидентите и протестите и затворајќи ги противниците во зандани.

Видеото кое се споделува во објавата што ја рецензираме не е од странски агентури, ниту пак, странски агентури го срушиле Мубарак со „српското сценарио“. Протестите во Србија кои се случуваат во моментов и се масовни, се од различни причини споредено со тие после кои се повлече Мубарак, но заедничко и за едните и за другите, е дека не се поттикнати ниту организирани од странски агентурни мрежи.

Револуцијата од 2011 година која доведе до повлекувањето на Хосни Мубарак беше почната од групи на млади луѓе на „денот на полицијата“, како протест против полициската бруталност која беше изразена во последната година од неговото владеење. Револуцијата од 2011 се состоеше од демонстрации, маршеви, заземање на плоштади, ненасилен граѓански отпор, акти на граѓанска непослушност и штрајкови. Милиони граѓани со различна социоекономска и религиозна позадина бараа Мубарак да се повлече. Насилните судири меѓу безбедносните сили и демонстрантите резултираа со 846 загинати и 6 илјади повредени. Демонстрантите се одмаздија со палење на 90 полициски станици ширум Египет. Протестите во Египет во 2011 година не се организирани од Америка туку ги почна Асма Махфоуз, 26 годишна девојка од Египет која е една од клучните активистки што ги разгоре протестите преку социјалните мрежи Јутјуб, Твитер и Фејсбук со стотици илјади прегледи и следбеници онлајн. Некои од нејзините објави погледнете ги овде, вклучително и тие во кои кажува дека 4 лица се самозапалиле барајќи правичен и поинаков Египет. Демонстрантите во Египет протестираа за правни и политички прашања, вклучително полициската бруталност, недостигот на политичка слобода, недостигот на слобода на говор, високата стапка на невработеност, инфлацијата на цените на храната и ниските плати – сите внатрешнополитички прашања кои ги афектираат Египќаните, а не Американците или некои други надворешни фактори, како што невистинито се тврди во објавата.

Како што може да се види во тоа време државниот секретар Хилари Клинтон изјавила:

Владата на Египет има важна можност да одговори на аспирациите на египетскиот народ и да овозможи политички, економски и социјални реформи кои може да ги подобрат нивните животи и да помогнат Египет да просперира.

Но, поддршката за подобар Египет не е еквивалентна на организација на протестите. Тогашниот американски амбасадор во Египет побарал властите да дозволат мирни демонстрации.

Што се однесува на протестите во Србија, и тие не се организирани однадвор. Граѓаните што протестираат се Срби со различен бекграунд, кои бараат промени.

Ваквиот наратив и дискурс дека надворешни фактори предизвикуваат политички гарнитури да паднат, имаат за цел дискредитација на автентични внатрешни протести со кои граѓани на различни држави изразуваат незадоволство за внатрешни прашања што ги тангираат нивните животи. Протестите во Србија конкретно се поврзани со нешто внатрешно-политичко, трагичниот настан во кој беа загубени 15 животи, кога падна натстрешницата на железничката станица во Нови Сад. Оттогаш студентите од повеќе универзитети во Србија протестираат. Но за Вучиќ, ова се „инсценирани протести организирани во Белград и во други градови“, а „Западот е вклучен во обидите да инсценира шарена револуција во Србија, со користење на студентите“.

Не е точно дека „операцијата Арапска пролет ја контролирале САД“. Некои од активистите што се дел од протестите учествувале во програми спонзорирани од организацијата National Endowment for Democracy,  но владата на САД тврди дека не ги иницирала протестите. Под Арапска пролет се сметаат серија антивладини протести околу 2010 година во Тунис (како одговор на корупција и економска стагнација), во Либија, Египет, Јемен, Сирија. Граѓаните се тие кои одлучија дека сакаат да ги сменат режимите. Неможно е толкави маси на граѓани што демонстрираат да се „контролирани од САД“. Поддршката од САД беше за долгорочни економски, политички и трговски реформи на државите во транзиција и за правење суштински реформи.

Улогата на „Муслиманско братство“ во протестите од 2011 година во Египет воопшто не е таква каква што се претставува во објавата – членовите на „Муслиманско братство“ се имаат приклучено кон демонстрациите на крајот од јануари 2011, но организацијата иницијално се држеше нископрофилно и не сакаше да презема лидерска позиција во револуцијата. На парламентарните избори во јуни 2012 лидерот на „Муслиманско братство“ Мухамед Морси победи и стана првиот демократски избран претседател на Египет. Тој е отстранет со воена акција во јули 2013 година после масовни демонстрации против неговото владеење. Падот на Морси беше со помош на египетската војска, а не со надворешни фактори. Четири месеци откако тој беше тргнат од власта, заедно со 14 приврзаници на „Муслиманско братство“ тој беше обвинет дека поттикнувал свои следбеници да убијат новинар и двајца демонстранти опозиционери и дека наредил незаконско затворање и тортура на други во судирот меѓу демонстрантите и „Муслиманско братство“ во Каиро во декември 2012. На судењето тој извика дека е жртва на пуч од војската. Беше осуден на 20 години затвор. Почина во суд на 17 јуни 2019, каде беше суден за шпионажа. Но, САД не беа тие што го направија преземањето на власта, туку војската, а Барак Обама во тоа време изрази голема загриженост. Toj посочуваше дека само египетскиот народ може да одлучува за својата иднина.

Протестите што го сменија Морси од претседател беа мотивирани од гнев кон навидум големото исламско влијание врз јавниот живот, како и продолжената лоша економска состојба. Како што притисокот се зголемуваше на крајот на јуни 2013 г. генералот Сиси предупреди дека армијата ќе интервенција ако владата не се покори на „волјата на граѓаните“, пишува Би Би Си.

Генералот Сиси се појави на телевизија на 3 јули 2013 г. да објави дека претседателот бил отстранет од функција, уставот суспендиран и воведена преодна влада. Тој изјави дека Морси „потфрлил да ја исполни надежта за национален консензус“. По изборот на Сиси за претседател, САД изразија загриженост за рестриктивната политичка клима во Египет во која се одвиваа изборите.

САД константно изразува загриженост за ограничувањето на слободата на собирање и изразување и ја повикува владата да ги овозможи овие слободи за сите Египќани. Иако изборите се интегрален дел од демократското општество, вистинската демократија се гради на темели на владеење на правото, граѓански слободи и отворен политички дискурс. Го повикуваме избраниот претседател и владата да ги усвојат реформите што се потребни за да се владее со одговорност и транспарентност, да осигурат правда за секој граѓанин, да демонстрираат заложба за заштита на универзалните права на сите граѓани на Египет. Египет и неговиот народ јасно ставија до знаење дека бараат достоинство, правда и политички и економски можности. САД целосно ги поддржува демократските аспирации на египетскиот народ и ќе стоиме со нив додека бараат иднина каква што заслужуваат.

Египет во 2022 година не е под „американска марионетска власт“, како што се тврди во објавата. Двете држави имаат соработка, меѓутоа Египет соработува и со Русија. 

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека нема вистина во тврдењата дека САД го предизвикале падот на Хосни Мубарак, тоа беа внатрешни фактори, се случија масовни демонстрации на граѓаните на Египет кои бараа крај на неговото тридецениско владеење. Не е точно дека Египет е „под американска марионетска власт“ и за тоа не се понудени никакви аргументи. Соработката меѓу двете држави не означува контрола на едната врз другата.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција