Не е точно дека Ел Салвадор е најбезбедна земја на светот

Припадници на националната цивилна полиција Фото: Presidencia El Salvador from San Salvador, El Salvador, América Central, CC0, via Wikimedia Commons

Фактите покажуваат дека Ел Салвадор има драматично намален криминал и е меѓу најбезбедните во Латинска Америка, но не е најбезбедна земја во светот и ниту еден глобален индекс не го потврдува тоа.

Фактите покажуваат дека Ел Салвадор има драматично намален криминал и е меѓу најбезбедните во Латинска Америка, но не е најбезбедна земја во светот и ниту еден глобален индекс не го потврдува тоа

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

Од најкриминална земја на планетата, до најбезбедна, само за еден политички мандат, Ел Салвадор и ПОЛИТИЧАРОТ Најиб Букеле.

Тоа пред се е израз на ПОЛИТИЧКА ВОЛЈА и на ништо друго!

Инаку за менталната матрица „ние сме мали“, Ел Салвадор е по површина колку и Македонија.

Објавата тврди дека Ел Салвадор денес е „најбезбедната земја во светот“, особено откако на нејзино чело е Најиб Букеле. Иако земјата има драматичен пад на криминалот, ниту еден релевантен глобален индекс не ја рангира како најбезбедна во светот.

Факт е дека Ел Салвадор направи историски пресврт: од 106 убиства на 100.000 жители во 2015 година до околу 1,9 – 1,3 на 100.000 во периодот 2024–2025 година. Тоа е пад од над 98% – еден од најголемите во светот.

Во пракса тоа значи дека Ел Салвадор денес има пониска стапка на убиства од многу западни земји и се смета за најбезбедна земја во Латинска Америка, но ова е само еден индикатор – криминалот.

Според Глобалниот индекс на мир, што го објавува Институтот за економија и мир, Ел Салвадор со индекс ~2.13 за 2025 г. не е ни во првите десет земји, односно не ни блиску до врвот на најбезбедни земји во светот. Во топ 5 безбедни земји според овој индекс, се земјите: Исланд, Ирска, Нов Зеланд, Австрија и Швајцарија.

Овој индекс анализира 163 држави според 23 индикатори, групирани во три категории: безбедност во општеството (криминал, насилство), конфликти (внатрешни и меѓународни) и милитаризација.

Колку е понизок резултатот, толку е државата побезбедна.

Global Safety Index кој комбинира податоци од криминал, здравство, политичка стабилност и природни катастрофи, во топ 5 безбедни земји ги сместува Данска, Швајцарија, Исланд, Финска и Норвешка.

Овој индекс не оценува само „дали има криминал“, туку и „дали државата функционира“.

Ел Салвадор, според овој индекс, е на 120. место.

Според Composite Safety Index кој комбинира криминал, политички ризик, киднапирања и тероризам, и кој често користи податоци од UNODC, Risk Control и безбедносни агенции, Ел Салвадор повторно не е на врвот глобално.

Во однос на Ел Салвадор, некои извештаи укажуваат и на недостиг на транспарентност во податоците и можни „скриени“ убиства (преку исчезнувања).

Фактите покажуваат дека Ел Салвадор има драматично намален криминал и е меѓу најбезбедните во Латинска Америка, но не е најбезбедна земја во светот и ниту еден глобален индекс не го потврдува тоа.

Според тоа, може да се каже дека Ел Салвадор направил огромен напредок во намалување на криминалот, но не е глобално најбезбедна земја според релевантни индекси.

Поради тоа, објавата која ја анализираме ја оценуваме делумно невистинита.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција