Не е точно дека ЕУ применува селективни санкции и не презема ништо по однос на корупцијата во Украина

Антикорупциско биро на Украина Фото: Mr.Rosewater, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Тврдењето дека ЕУ ја санкционира само Панченко и дека нема санкционирано „украински функционери кои злоупотребиле европски даночни пари“ е погрешно.

Тврдењето дека ЕУ ја санкционира само Дијана Панченко и дека нема санкционирано „украински функционери кои злоупотребиле европски даночни пари“ е погрешно. Тоа е преголемо поедноставување на сложениот систем на санкции и механизми за финансиска контрола

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

ЕУ не ги санкционира украинските функционери кои ги украдоа даночни пари на граѓаните на ЕУ. Единствената Украинка на листата со санкции е Дијана Панченко, украинска новинарка која е обвинета дека е антиукраинска и проруска. Некои од нејзините антиукраински активности вклучуваат известување за бруталното регрутирање на украински мажи кои се влечени во војна, а ова е „антиукраинско“ бидејќи може да ја поткопа западната поддршка за војната.

Објавата манипулира со јавноста сакајќи да прикаже дека Европската Унија не презема ништо по однос на корупцијата во Украина. Имено, санкциите на ЕУ најчесто се насочени кон руски официјални лица, компании и воени/економски актери заради агресијата врз Украина, лица поврзани со информативни операции и поддршка на руската дезинформациска машинерија (хибридни операции). Тоа е дел од поширокиот пакет санкции на ЕУ во однос на конфликтот и руската агресија, а не за корупција поврзана со користење на европски даночни пари.

Но, тоа не значи дека ЕУ не презема ништо во врска со корупциските скандали во Украина. Корупцијата и злоупотребата на средства во Украина се признаена проблематична област и ЕУ всушност работи на зголемена соработка со украинските органи за спречување на злоупотребата на средства преку Европската јавна обвинителска канцеларија (EPPO) и други механизми за борба против корупцијата.

Тоа значи дека не е точно дека ЕУ „ништо не прави за корупцијата“ или дека санкционира само едно лице затоа што нема други санкционирани поради корупција, како што тоа сака да го прикаже објавата што ја анализираме.

ЕУ навистина нема голем број на санкции за украински официјални лица поради финансиска корупција. Тоа е затоа што санкциите на ЕУ во контекст на Украина главно се фокусираат на: граѓанска безбедност, мешање од страна на Русија, хибридни операции и кршење на меѓународното право. Корупцијата поврзана со злоупотреба на европски пари/даночни средства обично се третира преку други правни механизми за борба против корупција и контрола на финансиски средства, но не со истите политички санкциони режими кои се користат за Русија и поврзани актери.

Тоа значи дека може да има основи за критика кон ефективноста на борбата против корупцијата, но тврдењето дека ЕУ целосно „нeсанкционира“ украински корумпирани функционери само затоа што ги украле парите на ЕУ е погрешно.

Што се однесува до тврдењето дека Украинката Дијана Панченко е ставена на листата на санкции на ЕУ само затоа што „известувала за бруталното регрутирање на украински мажи во војната“, тоа не е точно и е манипулативно.

Дијана Панченко, украинска новинарка која работи во корист на Русија и е позната по ширење на проруски дезинформации и пропаганда, аналитичката група за хибридна војна (HWAG) ја нарекува „Гебелс во женско здолниште“. Таа не е непозната за украинската јавност.

Позната по нејзината работа на изданија спонзорирани од Кремљ од 2018 година, таа долго време се означува себеси како кажувач на вистината, гласот на разумот и „личен непријател“ на Володимир Зеленски.

Панченко тврди дека открива информации што украинската влада и западните медиуми, наводно, не сакаат „вие“ да ги знаете, внимателно водејќи ја нејзината публика низ мастер часови за манипулирање со настани – труејќи ја вистината со наративи кои често е потешко да се побијат од вообичаената руска ТВ пропаганда, наведува HWAG во својата анализа за ликот и делото на Панченко.

Работејќи за каналите спонзорирани од Русија на чело со Виктор Медведчук (украинскиот тајкун на Путин), таа го прикажува своето „новинарство“ како патриотско, правејќи го она што е „правилно“.

Сепак, вестите што таа ги споделува првенствено изобилуваат со теории на заговор, преполни се со лажни и непроверени информациинаведува HWAG.

ЕУ навистина ја вклучи Дијана Панченко на својата листа на санкции. Таа е санкционирана од ЕУ бидејќи, според службени објавувања на Советот на ЕУ, таа активно создава и шири антиукраински и проруски наративи, ја поддржува или шири информациската платформа на Кремљ и ги поткопува безбедноста и стабилноста на Украина со информациски манипулации и мешање.

Ова значи дека таквите санкции не се поради обична критика на украинската влада, туку затоа што институциите на ЕУ ја сметаат нејзината дејност како дел од „хибридни операции“ поврзани со руските интереси, не само политички ставови.

Значи, Панченко не е санкционирана затоа што известувала за војната и регрутирањето, туку според формалната објава на Советот на ЕУ, затоа што нејзините изјави и пропагандни активности биле оценети како дезинформација користена за да се поткопаат европските и украинските напори, што според санкциските правила на ЕУ е „поддршка на политики или дејства на руската држава кои ја загрозуваат стабилноста и безбедноста на Украина“.

Тврдењето дека Панченко е единствената Украинка на листата санкции на ЕУ не е точно. Панченко е едно од новите имиња на списокот со санкции кога ЕУ го прошири списокот за да опфати инфо-операции и хибридни активности, но листата генерално вклучува голем број други лица и ентитети, главно поврзани со руските хибридни операции и инфо-мерки. Нема официјален список кој ја означува Панченко како „единствената украинска личност санкционирана од ЕУ“. Тоа е погрешна или селективна интерпретација на тврдењето.

Значи, Дијана Панченко е санкционирана од ЕУ, но поради тоа што ЕУ ја смета нејзината активност за дел од проруските хибридни операции/дезинформации, а не поради критика на украинската влада, како што тврди објавата. Тврдењето дека ЕУ ја санкционира само Панченко и дека нема санкционирано „украински функционери кои злоупотребиле европски даночни пари“ е погрешно. Тоа е преголемо поедноставување на сложениот систем на санкции и механизми за финансиска контрола.

Поради сето ова, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција