Не е точно дека европската посета на Милеи се одвиваше „под масовна медиумска цензура“

Од инаугурацијата на аргентинскиот претседател Хавиер Милеи, 10.12.2023 фото: President.am, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

„Вистиномер“ ги пребара насловите поврзани со Милеи и неговата посета на Италија на агрегаторот на вести Тајм.мк и пронајде бројни вести во кои се известува за посетата. Тие може да се погледнат на следниот линк

„Вистиномер“ ги пребара насловите поврзани со Милеи и неговата посета на Италија на агрегаторот на вести Тајм.мк и пронајде бројни вести во кои се известува за посетата. Тие може да се погледнат на следниот линк

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Посетата на аргентинскиот претседател Хавиер Милеи на Европа, се одвива под масовна медиумска цензура. Европа па и светот, не смеат да дознаат дека животниот стандард најбрзо се подобрува со деполитизација на економијата! Срамота!

Не е точно наведеното во објавата, дека „посетата на аргентинскиот претседател Хавиер Милеи на Европа се одвива под масовна медиумска цензура“. „Вистиномер“ ги пребара насловите поврзани со Милеи и неговата посета на Италија на агрегаторот на вести Тајм.мк и пронајде бројни вести во кои се известува за посетата. Тие може да се погледнат на следниот линк.

И Европа и светот дознаа за посетата на Милеи и тоа преку екстензивни известувања во медиумите на најрелевантните европски и светски медиуми. Тука може да го погледнете текстот на „Дојче Веле“ за посетата. Европското издание на „Политико“ има анализа за посетата. Италијански „Ил Глобо“, исто така, пишуваше за посетата. Voice of America не е исклучок од медиумите кои известија за посетата. И други медиуми. Главната вест од посетата беше што Милеи добил италијанско државјанство.

Бројни македонски медиуми на 13 декември 2024 година известија дека аргентинскиот претседател доби италијанско државјанство како резултат на неговите италијански корени. Исклучок не претставуваа ниту светските медиуми, кои, исто така, не само што не ја „цензурираа“ посетата на Милеи во Италија, туку и екстензивно со фотографии и со текстови известуваа за истата. Станува збор за најреномираните медиуми кои уживаат голема меѓународна доверба, како, на пример, „Гардијан“.

Милеи беше во Рим за да се сретне со италијанската премиерка Џорџа Мелони и да учествува на божиќната прослава на нејзината партија Браќата на Италија (ФДИ).

Во дел од македонските медиуми се објавија и изјавите на Милеи кои ги дал на прославата на партијата во кои тој повикува на „глобален сојуз на радикалната десница“.

Инаку, на средината на 2024 година, во јуни, кога Милеи имаше европска турнеја, за тоа извести Македонската информативна агенција на чиј сервис се претплатени бројни македонски медиуми и чие известување и покривање на настани, придонесува за широка распространетост на медиумски текстови поради самиот факт што вестите од МИА доаѓаат до бројни редакции во Северна Македонија.

Хавиер Милеи дојде на власт во Аргентина пред една година со цел да се справи со хроничната хиперинфлација и да ја реконструира долготрајната економија. Си Ен Ен во детална анализа ги наведува неговите успеси во поглед на кратење на буџетите, коишто кај обичните Аргентинци предизвикале стапката на сиромаштија да порасне над 50 проценти од веќе високото ниво на кое се наоѓала.

Милеи кој ги симболизира буџетските кратења со симболот на моторна пила, го намали бројот на владини министерства од 18 на 8 и отпушти повеќе од 30 илјади државни службеници досега. Тој исто така ги намали енергетските и транспортните субвенции, ги запре речиси сите јавни инфраструктурни проекти, ги прекина субвенциите за локалната самоуправа и ги замрзна платите и пензиите на јавниот сектор. На пример, во ноември 2023 година автобуски билет во Буенос Аирес чинеше само 70 пезоси (7 центи) благодарение на субвенциите, цена што беше прениска за со неа да се менаџираат трошоците за работа, а камоли инвестиции во транспортната инфраструктура. Цените на јавниот превоз оттогаш десеткратно се зголемија, што значи дека дневниот билет за многу Аргентинци станува нешто што не можат да си го дозволат, пишува Си Ен Ен.

Состојбата на Аргентина по доаѓањето на Милеи е опфатена во бројни анализи. „Франс Прес“ пишува дека самопрогласениот анархо-капиталист ветил даночна реформа која би го намалила даночното оданочување за 90 проценти и се обврза да ги отстрани контролите врз валутата на Аргентина, така што луѓето „би можеле да ја користат валутата што ја сакаат во дневните трансакции“.
Тој вети дека ќе ги намали даноците на извоз од 2025 година. Иако месечната инфлација се намалила во октомври, годишната бројка од 236 проценти во август, останува една од највисоките во светот, пишува Франс Прес. 

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција