Не е точно дека „Фајзер“ и Бил Гејтс работат на нова пандемија предизвикана од „лајм вирус“

Фото:Photo by Scott Bauer., Public domain, via Wikimedia Commons

Објавата дезинформира дека во Америка се фрлаат „сандаци со бубачки кои личат на крлежи или мали пајаци кои го шират ‘лајм вирусот’ “. Лајмска болест се пренесува преку крлежи и била препознаена во САД уште во 1960-тите и 1970-тите години. И, болеста не ја предизвикува вирус, како што тврди објавата, туку бактеријата Borrelia burgdorferi, која официјално била класифицирана во 1981 година

Објавата дезинформира дека во Америка се фрлаат „сандаци со бубачки кои личат на крлежи или мали пајаци кои го шират ‘лајм вирусот’ “. Лајмска болест се пренесува преку крлежи и била препознаена во САД уште во 1960-тите и 1970-тите години. И, болеста не ја предизвикува вирус, како што тврди објавата, туку бактеријата Borrelia burgdorferi, која официјално била класифицирана во 1981 година. Создавањето вакцини претставува сложен и контролиран процес, со клинички студии и регулаторни одобренија, а подготвувањето нови вакцини вклучително и онаа за лајмска болест не значи дека некој планира „пандемија“, туку дека се таргетира постоечка болест

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Додека трае препукувањето околу Иран, Фајзер и Бил Гејтс го работат своето и ја спремаат следната пандемија.
Имено, Фајзер наредната 2027 година ќе извади вакцина против „лајм вирус“ кој го има и денес, ама нели ќе биде мутиран.
А веќе е започнато со фрлање на бубачките кои личат како крлежи или мали пајаци кои го шират. По Америка фрлаат цели сандаци со тие по фармите.
Не е точно дека „Фајзер“ и Бил Гејтс работат на нова пандемија прдизвикана од „лајм вирус“. Лајмската болест била препознаена во САД уште во 1960-тите и 1970-тите години, а бактеријата што ја предизвикува – Borrelia burgdorferi официјално била класифицирана во 1981 година.
Лајмската болест е предизвикана од каснување од крлеж инфициран со бактеријата Borrelia burgdorferi. Обично започнува со симптоми слични на грип, како што се замор, треска, главоболка и болки во мускулите, честопати придружени со карактеристичен осип во облик на биково око на местото на каснувањето. Доколку не се лекува, инфекцијата може да се прошири и да предизвика други симптоми, главно болки во зглобовите, но понекогаш и замор, главоболки и вкочанетост на вратот, осип и срцеви палпитации, пишува на страницата на Универзитетот Стенфорд.

Не е точно ни дека „почнало фрлање на бубачките кои личат на крлежи или мали пајаци кои го шират ‘лајм вируот’“, како што тврди објавата. Лајмската болест не ја шират ни бубачки ни мали пајаци, туку крлежи кои се заразени со бактеријата борелија. Бидејќи бактериите борелија се наоѓаат во цревата на крлежот, потребни се околу 24 часа за овие бактерии да се пренесат на луѓето.

Како што пишуваат проверувачите на факти на „Сноупс“ не е точно ниту дека „по Америка се фрлаат цели сандаци со крлежи“.

Во март 2026 година, корисници на социјалните мрежи споделија гласина што потекнува од лице кое се претставува како холистичка докторка по име Сара Аутло, која во објави тврдеше дека „земјоделците пријавуваат кутии со крлежи пронајдени на полињата што треба да ве загрижи“. Но, нема докази што ја поткрепуваат ова шпекулација а Аутло не можеше да обезбеди никаков доказ за да го потврди тврдењето, велејќи дека „само таа ги добила информациите од колега, а не директно од земјоделците“, како што првично кажа во своите објави. Таа одби да даде дополнителни детали, повикувајќи се на приватноста на другите, освен тврдењето дека земјоделците пријавиле кутии за крлежи конкретно во Мисури. Сноупс контактираше стотици службеници од Мисури за да ги праша дали добиле какви било информации во врска со земјоделци кои пронашле кутии со крлежи. Ниту еден градски или окружен службеник не потврди таков случај, а повеќе од триесетина окрузи рекоа дека или не добиле никакви пријави за кутии со крлежи или не ни слушнале за таква активност, пишуваат проверувачите на факти на „Сноупс“.

Инаку, фармацевтските фирми „Фајзер“ и „Валнева“ соопштија дека нивната вакцина против Лајмска болест покажала ефикасност од над 70 проценти во студија во доцна фаза. Од „Фајзер“ за Ројтерс изјавија дека вкупните резултати ѝ влеваат доверба на компанијата во потенцијалот на вакцината и планираат да продолжат со поднесоци до регулаторите.

Засега нема одобрена вакцина за Лајмска болест, која се шири преку заразени крлежи и погодува околу 476.000 луѓе годишно во САД. Лајмската болест може да предизвика треска, главоболка, замор и карактеристичен осип на кожата, а доколку не се лекува, може да се прошири на зглобовите, срцето и нервниот систем. Повеќето случаи може да се третираат со антибиотици во рок од неколку недели.

Минатата година, од „Валнева“ изјавија дека очекуваат „Фајзер“ да ја лансира вакцината во втората половина на 2027 година по одобрувањето. Но тоа не значи дека „вирусот ќе биде мутиран“ како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме, ниту пак, дека Лајмската болест ќе биде планирана и предизвикувана со „фрлање бубачки“.

Самото создавање на нова вакцина претставува сложен и сериозно контролиран процес, со клинички студии и регулаторни одобренија, а подготвувањето нови вакцини вклучително и онаа за Лајмска болест не значи дека некој планира „пандемија“, туку дека се таргетира постоечка болест. „Фајзер“ бара одобрение за вакцината од Американската администрација за храна и лекови.

Вистиномер веќе ги дебанкираше невистинитите тврдења околу Бил Гејтс и „планирањето пандемии“.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција