Не е точно дека глуварчето убива 90 проценти од канцерогените клетки за 48 часа

Глуварче Фото: Anastasija Zakovska, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Точно е дека има некои истражувања околу коренот на глуварчето за да се испитаат неговите антиканцерогени перформанси, меѓутоа нема цврст научен или медицински доказ кој ја поддржува тезата дека коренот од глуварче е ефективен лек против рак.

Точно е дека има некои истражувања околу коренот на глуварчето за да се испитаат неговите антиканцерогени перформанси, меѓутоа нема цврст научен или медицински доказ кој ја поддржува тезата дека коренот од глуварче е ефективен лек против рак

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Глуварчето ги убива ќелиите на канцерот за 90 проценти во текот од 48 часа.

Наспроти наведеното во објавата, научните докази немаат покажано дека цветното растение глуварче ги убива ќелиите на ракот со ефикасност од 90 проценти во рок од 48 часа. Како што пишуваат проверувачите на факти на „Сноупс“, коренот на глуварчето е проучуван за можни антиканцерогени перформанси, но нема апсолутно никаков доказ дека убива над 90 проценти од канцерогените клетки за 48 часа. Точно е дека има некои истражувања околу коренот на глуварчето за да се испитаат неговите антиканцерогени перформанси, меѓутоа нема цврст научен или медицински доказ кој ја поддржува тезата дека коренот од глуварче е ефективен лек против рак.

Како што наведува центарот „Меморијал Слоан Кетеринг канцер“, кој ја истражува релацијата на коренот од глуварче со карциномите уште од 2010 година, коренот од глуварче демонстрирал антиканцерогени својства против меланом, леукемија, како и канцерогени клеточни линии на колоректален карцином. Но, иако лабораториските студии покажале дека глуварчето има антиканцерогени својства, клиничките студии го немаат потврдено овој ефект кај луѓето.

Постојат извештаи за потенцијална корист кај пациенти со рак на крвта, но не е јасно дали ова дефинитивно се должи на суплементацијата со глуварче. Потребни се клинички испитувања за да се утврдат условите под кои глуварчето може да биде безбедно и ефикасно, наведуваат оттаму.

Дополнително, оттаму предупредуваат дека бидејќи глуварчето има влијание на активноста на хормонот естроген, всушност може да предизвика раст на некои видови на карциноми кои се хормон-сензитивни.

Како што пишуваат проверувачите на факти на „Фулфект“, не постојат научни докази дека екстракт од глуварче е корисен третман за рак кај луѓе.

Секој потенцијален нов третман треба да помине ригорозни испитувања кај луѓето пред да се потврдат неговата безбедност и ефикасност, доколку постојат. Им препорачувам на сите што размислуваат да земат било каков суплемент или недокажан третман прво да разговараат со својот лекар за тоа, рече за „Фулфект“ Мартин Ледвик од британскиот центар за истражување на ракот.

Наведеното во објавата што ја рецензираме не го наведува изворот на оваа информација, но според проверувачите на факти на „Фулфект“, најверојатно потекнува од текст објавен во 2016 година на сајтот Health Eternally. Текстот се однесува на 72 годишен пациент Џон ди Карло кој наводно се лекувал од рак во Регионалниот центар за рак Виндзор во Онтарио, Канада.

Леукемијата третирана со традиционални третмани кај него продолжила да напредува, но била во ремисија (привремено или трајно олеснување на симптомите на болест) откако почнал дома да пие чај од глуварче.

Специфичното тврдење дека канцерогените клетки се уништуваат за 48 часа најверојатно доаѓа од студија од 2016 година од Универзитетот Виндзор која покажала дека 95 проценти од клетките на ракот на панкреас биле убиени за 48 часа со екстракт од корен од глуварче. Сепак, оваа студија е спроведена во лабораторија врз глувци, на кои им бил даден екстрактот. Оваа студија не го тестираше ефектот на екстрактот од глуварче врз луѓе, пишуваат проверувачите на факти на „Фулфект“. 

Како што пишуваат проверувачи на факти од Португалија, нема научни докази дека корен од глуварче е ефективен при лекување рак.

Ниедно растение, чај или еликсир не може да се смета за лек за болест која е толку комплексна, силна, интелигентна и резистентна како што е ракот, изјави лекарката, нутриционистка и истражувачка Паула Раваско.

Специјалистката за имунохематологија и клиничка и онколошка исхрана, признава дека посакува „тврдењата да беа вистинити, но за жал, не се“.

Гарантирам дека ако беа научно докажани, јас би била првата личност што би го зграпчила ова растение и би извикувала за неговите својства од покривите, вели Раваско.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција