Не е точно дека ХААРП се користи за депопулација
Тврдењето дека ХААРП претставува геоинженерски систем кој се користи за депопулација и за вештачка контрола на временските услови е неточно и не е поткрепено со научни докази.
Тврдењето дека ХААРП претставува геоинженерски систем кој се користи за депопулација и за вештачка контрола на временските услови е неточно и не е поткрепено со научни докази
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
09.08.2028
Геоинженерството на H.A.A.R.P. се користи за депопулација. Вештачка контрола на временските услови со електромагнетни бранови и фреквенција.
Во склоп на објавата се споделува видео од 15 јуни 1995 година, каде Роберт Флечер, претставник на Militia of Montana, навистина сведочел пред поткомисија на Сенатот, во која учествувал сенаторот Херберт Кол. Флечер тврдел дека американската влада развила технологии за модификација на времето и дека „тие можат да се користат за предизвикување глад и контрола на населението“. Тој дури тврдел дека 85 торнада биле предизвикани со таква технологија. Извештајот на „Вашингтон Пост“ го опишува неговото сведочење како тврдење на милициски лидер за „технологија за модификација на времето“.
Но клучната разлика е во тоа што тврдењата на Флечер пред Сенатот не значат дека Сенатот утврдил дека тие се точни и веродостојни. Во достапниот транскрипт, Кол всушност му ја повторува тезата на Флечер „дека владата создала технологии за манипулација со времето за новиот светски поредок да може да изгладнува милиони Американци“, а Флечер одговара дека тоа е негово верување и дека располага со документи. Важно е исто така да се напомене дека сенаторот Кол не го потврдил тврдењето на Флечер туку само го испрашувал сведокот. Извештајот на „Вашингтон Пост“ токму така го претставува настанот, како сведочење на припадници на милициското движење кои изнесувале различни конспиративни тврдења.
Тврдењето дека ХААРП се користи за депопулација преку вештачка контрола на временските услови не е базирано на ниеден доказ. ХААРП (High-frequency Active Auroral Research Program) е истражувачка постројка во Алјаска, која денес е под управување на Универзитетот во Аљаска, Фербенкс и е наменета за проучување на јоносферата, високиот дел од атмосферата, приближно 80 километри над Земјата. Според официјалната страница на ХААРП, неговиот главен инструмент е систем од 180 антени што испраќа високофреквентни радио-сигнали во јоносферата за научно проучување на нејзиното однесување.
Во објавата дополнително се мешаат три различни поими: ХААРП, геоинженерство и модификација на времето. Геоинженерството опфаќа различни предложени технологии за влијание врз климатскиот систем, додека модификацијата на времето, како „сеење облаци“, има локални или регионални цели. Американската EPA експлицитно ги разликува овие технологии и наведува дека HAARP е истражувачка постројка за јоносферата.
Постоењето на реални технологии за модификација на времето не е доказ дека ХААРП може да создава бури, поплави, суши или други катастрофи за да убива или намалува население, како што тврдат теориите на заговор. За тврдењето дека ХААРП се користи за депопулација не се презентирани проверливи научни или документарни докази. Напротив, американската Агенција за заштита на животната средина (EPA) наведува дека не располага со научни докази што ги поткрепуваат тврдењата за злонамерни активности поврзани со ХААРП.
На страницата на ХААРП на прашањето дали ХААРП може да го контролира времето, пишува:
Не. Радиобрановите во фреквентните опсези што ги емитува ХААРП не се апсорбираат ниту во тропосферата, ниту во стратосферата, двата слоја на атмосферата што го одредуваат времето на Земјата. Бидејќи не постои заемно дејство, не постои начин да се контролира времето. Системот ХААРП во суштина претставува голем радиопредавател. Радиобрановите стапуваат во заемно дејство со електричните полнења и струи, но немаат значително влијание врз тропосферата. Понатаму, ако јоносферските бури предизвикани од самото Сонце не влијаат на временските услови на Земјата, нема никаква можност тоа да го стори ХААРП.
Нема научен доказ дека HAARP може преку своите радиобранови да предизвикува масовни смртни случаи, да таргетира население или да спроведува програма за депопулација. „Фактчек.орг“ повикувајќи се на експерти за атмосферски науки, наведува дека постојните техники на модификација на времето не можат значајно да создаваат или контролираат урагани.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар