Не е точно дека хантавирусот е несакан ефект од ковид вакцината

Вакцини Фото: Whispyhistory, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Вакцините против ковид не содржат хантавирус и не постои познат биолошки механизам со кој тие би создале хантавирусна инфекција.

Вакцините против ковид не содржат хантавирус и не постои познат биолошки механизам со кој тие би создале хантавирусна инфекција. Изложеноста на хантавирус најверојатно е поврзана со активности и престој во области каде постои природно присуство на глодари – природни резервоари на хантавирусите

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Инфекцијата на белите дробови хантавирусот е една од негативните несакани ефекти на вакцината против ковид 19. Сега поминаа 5 години, ефектите на среден рок и, на крстарење полно со стари лица почнаа да паѓаат.

Не е точно дека хантавирусот е негативен ефект од ковид вакцината. Според Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија, кој се повикува на меѓународни здравствени организации, изложеноста на хантавирус најверојатно е поврзана со активности и престој во области каде постои природно присуство на глодари – природни резервоари на хантавирусите.

Во тек е дополнителна анализа за утврдување на точниот тип на вирусот и евентуалните фактори кои придонеле за појавата на кластерот. Хантавирусите претставуваат група на зоонозни вируси кои циркулираат кај различни видови глодари. Луѓето најчесто се инфицираат преку вдишување на аеросоли контаминирани со урина, измет или секрети од инфицирани глодари, како и преку директен контакт со контаминирани површини. Ограничен пренос од човек на човек е документиран само кај одредени типови на хантавирус и се смета за редок, велат од ИЈЗ.

Институтот додава дека заболувањето може да се манифестира со различна клиничка слика, од лесна
фебрилна болест до потешки форми со инфекција на бубрезите или белите дробови. Клинички најчесто се манифестираат во два основни синдроми: хеморагична треска со бубрежен синдром, која е регистрирана во нашата земја, и хантавирусен белодробен синдром.

Хеморагичната треска со бубрежен синдром претежно се јавува во Европа и Азија, а е предизвикана од вируси како Hantaan, Dobrava-Belgrad и Puumala. Болеста обично започнува нагло, со висока температура, главоболка, болки во грбот и стомакот, како и општа слабост, а подоцна се развиваат бубрежен синдром (намалено излачување или целосен престанок на излачување урина) и хеморагичен синдром (зголемена пропустливост на крвните садови и крвавења во кожата, слузокожите и органите). Смртноста е релативно ниска и се движи од 1 отсто до 15 отсто. Одделението за вирусологија при ИЈЗ располага со реагенси за детекција на оваа група вируси.

Хантавирусниот белодробен синдром, познат и како хантавирусен кардиопулмонален синдром, се јавува главно во Северна и Јужна Америка, а најчесто е поврзан со Sin Nombre вирусот. За разлика од Хеморагичната треска со бубрежен синдром, се карактеризира со доминантно зафаќање на белите дробови. Почетните симптоми се неспецифични и потсетуваат на грип (температура, малаксаност, болки во мускулите), но брзо се развива респираторна инсуфициенција. Има значително повисока стапка на смртност. Кај повеќето хантавируси, вклучително и оние кои предизвикуваат Хеморагичната треска со бубрежен синдром во Европа (на пример Puumala и Dobrava-Beograd вирус), не е докажан пренос меѓу луѓе. Инфекцијата речиси секогаш се случува преку контакт со излачевините од заразени глодари. Меѓутоа, кај Andes вирусот во Јужна Америка е потврден ограничен интерхуман пренос, најчесто при близок контакт (на пример членови на семејство, здравствени работници) преку респираторни секрети во раната фаза на болеста. Не постои специфична антивирусна терапија или вакцина за хантавирусна инфекција. Лекувањето е супортивно. Превенцијата на хантавирусните инфекции првенствено зависи од намалување на контактот помеѓу луѓето и глодарите. Според моменталните сознанија и проценките на меѓународните здравствени институции, ризикот за пошироката популација останува низок, велат од Институтот

Светската здравствена организација и Европскиот центар за превенција и контрола на болести во моментов не препорачуваат воведување дополнителни рестриктивни мерки за патување или трговија. Сепак, се препорачува зголемена внимателност при престој во области каде постои ризик од изложеност на глодари и нивни излачувања. Институтот за јавно здравје останува во постојана комуникација со меѓународните здравствени мрежи за рано предупредување и одговор, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за сите нови сознанија, проценки на ризик и евентуални препораки.

Проверувачите на факти на „Лид Сторис“ пишуваат дека хантавирусот не е несакан ефект од ковид вакцината. Она што всушност се случува е дека објавите на социјалните мрежи погрешно го толкуваат документот за фармаковигиланца на Фајзер/ФДА.

Не станува збор за список на несакани ефекти за кои е докажано дека се предизвикани или поврзани со вакцината, туку за широк список на здравствени состојби на кои истражувачите сакаат да внимаваат или внимателно да ги следат за безбедност за време на испитувањата на вакцините или пошироката имплементација, пишуваат проверувачите на факти на Лид Сторис.

Тие додаваат дека ова се здравствени состојби што истражувачите сакаат внимателно да ги следат доколку се појават за време на испитувањето или воведувањето на вакцината – а не состојби предизвикани од вакцината.

Документот содржи долг список на „несакани настани од посебен интерес“ – состојби што регулаторите сакаат да ги следат по вакцинацијата – а не докажани несакани ефекти од вакцината. „Хантавирусна белодробна инфекција“ се појавува на таа листа за надзор, но тоа не значи дека вакцината го предизвикала хантавирусот. Овие бази на податоци и документи за следење ја вклучуваат секоја состојба пријавена по вакцинацијата, без разлика дали е поврзана или неповрзана.

Здравствените агенции експлицитно предупредуваат дека извештаите не утврдуваат причинско-последична врска. Вакцините против ковид не содржат хантавирус и не постои познат биолошки механизам со кој тие би создале хантавирусна инфекција.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција