Не е точно дека ХПВ вакцината предизвикува ХПВ

Вакцина против ХПВ Фото: melvil, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Не е точно наведеното во објавата дека во некои пратки вакцини има само физиолошки раствор, и дека тие што ќе ги примат баш нив, нема „ништо да им биде“. Ова е чиста шпекулација без докази, сите вакцини содржат ист состав и се под строг регулативен мониторинг на државите и производителите.

Не е точно наведеното во објавата дека во некои пратки вакцини има само физиолошки раствор, и дека тие што ќе ги примат баш нив, нема „ништо да им биде“. Ова е чиста шпекулација, сите вакцини содржат ист состав и се под строг регулативен мониторинг на државите и производителите. Тврдењето од објавата не нуди ниеден доказ

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Еве, воала, мини-статистика, чисто информативно. Вакцините се вектори на самите болести против кои се вакцинирате, и вие и вашите деца и милениците. Во турите на вакцини постојат одредени тури кои се само физиолошки раствор, за оние што ги примиле да се јават како сведоци дека “ништо не им е”. Кој примил таква, имал среќа тој пат, што не значи дека ќе ја има и следниот пат. Човештвото постои многу векови, вакцините, пак, се актуелен “третман” само од неодамна, во тој временски размер. И еве како изгледа светот на медицината и здравјето на луѓето денес. Да се чуди човек како воопшто опстанала човечката раса без вакцини толку многу векови.

Во склоп на фотографиите во објавата се тврди дека „најверојатно имате примено некоја поквалитетна вакцина, бидејќи јас и покрај неа имам ХПВ 16 и 18“, како и прашање дали „доколку девојчиња на 12 години не примат задолжителна ХПВ вакцина се плаќа казна“. Воедно, објавен е и анонимен коментар во кој се тврди дека „и покрај тоа што ја имам примено ХПВ вакцината вирусот поради слаб имунитет се активираше и имам тип 52“.

Наспроти наведеното, во објавата што ја рецензираме не е објавена никаква „мини статистика“. Објавени се три коментари од кои два се однесуваат на присуство на ХПВ вирусот и покрај вакцинирањето, а во третиот се поставува прашање дали доколку не се вакцинира 12-годишно девојче со задолжителната ХПВ вакцина, за тоа ќе се плати казна.

Понатаму, во објавата се тврди дека „вакцините се вектори на самите болести против кои се вакцинирате вклучително и за милениците“.

ХПВ вакцината не е вектор за ХПВ вирусот. Не содржи никаков жив вирус, мртов вирус или ДНК од вирусот. Наместо тоа, користи безопасни, неинфективни „честички слични на вирус“ (VLP – virus like particles) направени од протеини кои ја имитираат надворешната обвивка на вирусот, кои го стимулираат имунолошкиот систем да произведува заштитни антитела. Значи, вакцината против ХПВ не е „вектор“ (систем што носи жив вирус). Наместо тоа, функционира како безбедна имитација што го обучува имунолошкиот систем да го препознае ХПВ. Некои вакцини (на пример, одредени вакцини за ковид-19) користат вирусни вектори – изменети безопасни вируси за пренос на генетска информација. Но, ХПВ вакцината не ја користи оваа технологија. Таа е базирана на рекомбинантни протеини, а не на жив или векторски вирус.

ХПВ вакцината не може да предизвика ХПВ инфекција и не е вектор што го носи вирусот. Таа е дизајнирана безбедно да создаде имунитет и да помогне во спречување на рак поврзан со HPV.

На страницата на Гардасил, вакцината против ХПВ што се администрира и во Северна Македонија, едно од поставуваните прашања е „дали моето дете може да добие ХПВ или било какви болести предизвикани од ХПВ од Гардасил 9“.

Луѓето не може да добијат ХПВ или друга болест од Гардасил 9, гласи одговорот на производителот.

Безбедноста на Гардасил 9 е проучена во клинички тестирања на повеќе од 15 илјади учесници пред да биде лиценцирана и вакцината продолжува да биде предмет на мониторинг. Таа штити против 9 видови ХПВ кои предизвикуваат рак – типовите  6, 11, 16, 18, 31, 33, 45, 52 и 58.

Европската агенција за лекови споделува студија за ефективноста на Гардасил 9 на 14 илјади жени на возраст меѓу 16 и 26 годишна возраст.

Студијата испитуваше колку жени на кои им бил даден Gardasil 9 развиле болест (израстоци или рак) поради HPV инфекција предизвикана од HPV типови 31, 33, 45, 52 и 58 во споредба со вакцината Gardasil (претходно одобрена вакцина која штити од типови 6, 11, 16 и 18). Оваа студија покажа дека 1 од 6.016 жени вакцинирани со 3 дози на Gardasil 9 развиле болест поврзана со HPV типови 31, 33, 45, 52 и 58, во споредба со 30 од 6.017 жени вакцинирани со 3 дози на Gardasil. Оваа студија, исто така, покажа дека нивоата на антитела против типовите 6, 11, 16 и 18 биле соодветни за заштита од овие четири типа на HPV инфекција. Жените биле следени околу три и пол години по третата доза од вакцината, пишува на сајтот на ЕМА

Вакцината значително го намалува ризикот, особено за најопасните типови на ХПВ, но не ја елиминира целосно можноста за каква било ХПВ инфекција ако имунолошкиот одговор не бил доволно силен.

Mожно е, но е многу малку веројатно да се добие ХПВ 16 или 18 по целосно вакцинирање, бидејќи вакцината е речиси 100 отсто ефикасна против овие соеви ако се прими пред изложеноста. Вакцинираните лица генерално се заштитени од инфекција, но сепак им се потребни редовни скрининзи, бидејќи ниедна вакцина не делува 100 проценти и не ги лекува постоечките инфекции.

Не е точно наведеното во објавата што ја рецензираме дека во некои пратки вакцини има само физиолошки раствор, и дека тие што ќе ги примат баш нив, нема „ништо да им биде“. Ова е чиста шпекулација, сите вакцини содржат ист состав, се под строг регулативен мониторинг на државите, производителите. За ваквото тврдење не се нуди ниеден доказ.

Toa што вакцините постојат од поново време, односно се најголемата придобивка на современата медицина, не значи дека болестите од кои тие штитат претходно не одземале животи и не носеле скратување на животниот век.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција