Не е точно дека исчезнатите деца во Украина се користат за трговија со органи

Скриншот од украински деца бегалци од видео материјал на Индиа Тајмс

Ниту еден факт што е понуден во текстот не е вистинит. притоа се прават манипулации со половични информации или со целосни дезинформации околу дарување органи, трансплантација на органи или како се третирани украинските деца во Русија

Ниту еден факт што е понуден во текстот не е вистинит. притоа се прават манипулации со половични информации или со целосни дезинформации околу дарување органи, трансплантација на органи или како се третирани украинските деца во Русија

 

Пост на Фејсбук тврди дека исчезнатите деца од Украина Западот ги користел за донирање на органи, додека пак оние кои биле однесени во Русија биле згрижени.

60 илјади деца само од Украина се водат како исчезнати. Не се однесува на оние во Русија згрижени со лик, име и презиме.
Украина лани, донесе закон со кој забрзува извозот на човечки органи и според кој не мора да се знае “дарителот”.
Педофилијата во ЕУ веќе не е табу. Ни во САД.
“Среќните” од “исчезнативе”( киднапирани ) деца, ќе пораснат и ќе бидат идната сивилизована војска на убијци или градинари, се вели во објавата која ја анализираме.

Не е првпат, поддржувачи на Путин и неговата војна во Украина, да ја оправдуваат со тоа што Путин ги спасувал децата од Украина од педофилите на Запад, кои ги злоупотребувале за донирање на органи. Ваквите приказни секако се измислица, бидејќи за нив не се нудат никакви докази.

Вакви приказни се плетеа и сè уште се плетат за поранешниот претсeтедател на САД, Доналд Трамп, претставувајќи го како наводен спасител на илјадници деца. Вистиномер има пишувано за овие теории на заговор и очигледно истите се користат со цел да се величи ликот и делото на Путин, без притоа да им се погледне в очи на фактите.

Она што е факт е дека не постојат никакви докази дека Путин спасува деца од „трговија со органи“, како што се тврди во објавата што ја анализираме. Ова е апсурдно, имајќи предвид и дека токму деца на функционери на Кремљ студираат и живеат во западните земји, за што Вистиномер веќе пишуваше.

Судот во Хаг издаде налог за апсење на Путин поради воени злосторства извршени во Украина. Во соопштението на Меѓународниот кривичен суд се вели дека постојат разумни основи да се верува дека и Путин и неговата комесарка за правата на децата, Марија Алексеевна Лавова-Белова, се одговорни за: воено злосторство, илегална депортација на населението и нелегално преселување на население од окупираните територии на Украина, на штета на украинските деца.

Лавова-Белова, комесарка во Канцеларијата на претседателот на Русија за правата на децата, е санкционирана од повеќето западни земји поради нејзината наводна улога во киднапирањето деца.

Напорите на Лавова-Белова вклучуваат принудно посвојување украински деца во руски семејства, таканаречено „патриотско воспитување“ на украински деца, законски измени за забрзување на доделувањето државјанство на Руската Федерација на украинските деца и намерно земање на украински деца, објави американското Министерство за финансии во септемврипренесе Си-Ен-Ен.

Според соопштението на Советот на Европа, објавено на 6 март 2023 година „многу украински деца погодени од војната биле однесени или завршиле во Руската Федерација или на териториите на Украина окупирани од Русија. Посебните околности на таквите случаи значително се разликуваат“. Советот на Европа идентификуваше неколку категории деца подложени на такви практики. Една категорија се сирачиња и деца во институции кои живееле во регионите на Украина окупирани од Русија и кои биле однесени во Русија пред агресијата во 2022 година, од 2014 година, и оние деца однесени во Русија од установи за нега лоцирани во регионите на Украина кои дојдоа под окупација или привремена контрола на руските сили по 24 февруари 2022 година, пренесе Форбс.

Манипулација и со законот за трансплантација

Во постот, исто така, се манипулира и со законот кој се однесува на трансплантацијата на органи донесен лани во Украина. Овој закон е донесен декември 2021 година, а претседателот Володимир Зеленски го потпиша во јануари 2022 година, еден месец пред инвазијата на Русија врз Украина, и нема врска со некакво си целно усвојување на  киднапирање деца и продавање на нивните органи.

Имено, претседателот  Зеленски го потпиша „Законот за изменување и дополнување на одредени закони на Украина кои ја регулираат трансплантацијата на анатомски материјали на луѓе“ бр. 1967-IX, кој беше усвоен од Врховната Рада на 16 декември 2021 година.

Документот е донесен со цел да го реши прашањето за плаќање за трансплантации. Конкретно, законот утврдува дека државата плаќа за сите трансплантации, а тие се бесплатни за пациентот. Исто така, се забележува дека тарифите целосно ги покриваат трошоците на болниците за спроведување на вакви операции.

Дополнително, документот предвидува дека изборот на парот донатор-примател ќе го врши Обединетиот државен систем за трансплантација, кој е целосно независен од човечкото влијание и самостојно врши таква селекција според дефинирани критериуми.

Решено е и прашањето за можноста за доживотна согласност или несогласување за донирање преку електронски ресурси.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека во постот се изнесени низа непоткрепени и манипулативни тврдења, со цел Путин и Русија да се претстават во позитивно светло а да се нападнат Украина и Зеленски, и неговите партнери од Западот кои се претставени како „педофили“ кои вршат трговија со органи од деца. Сето ова не е вистина и е чиста измислица.  Поради тоа, постот го оценуваме како невистинит.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција