Не е точно дека изминатите денови имало намалување на бројот на новоинфицирани со ковид-19

Фото: Принтскрин видео

Наспроти тврдењето на министерот за здравство, Беким Сали, податоците на Институтот за јавно здравје говорат дека бројот на заразени со коронаврирусот на дневна основа е висок и дека засега нема абер од  негово намалување. Исто така, Комисијата за заразни болести минатата недела донесе Одлука, според која сите асимптоматски случаи со ковид-19 во изолација ќе седат седум, наместо досегашните десет дена. Со ваквата Одлука, Министерството за здравство и ИЈЗ во само еден ден, административно од системот Мој термин избришаа како негативни и оздравени над 7 илјади лица, затоа што на овие пациенти им истече седмиот ден од изолацијата. Па, така бројката на активни случаи падна на 16.442, арно ама утредента, по новите тестови се искачи на 17.182. Освен тоа, на 26 јануари 2022 година, Министерството за здравство информираше дека има зголемен број на граѓани кои бараат хоспитализација, поради што беа реотворени дополнителни болнички капацитети во ковид центрите кои порано беа во функција

Наспроти тврдењето на министерот за здравство, Беким Сали, податоците на Институтот за јавно здравје говорат дека бројот на заразени со коронаврирусот на дневна основа е висок и дека засега нема абер од  негово намалување. Исто така, Комисијата за заразни болести минатата недела донесе Одлука, според која сите асимптоматски случаи со ковид-19 во изолација ќе седат седум, наместо досегашните десет дена. Со ваквата Одлука, Министерството за здравство и ИЈЗ во само еден ден, административно од системот Мој термин избришаа како негативни и оздравени над 7 илјади лица, затоа што на овие пациенти им истече седмиот ден од изолацијата. Па, така бројката на активни случаи падна на 16.442, арно ама утредента, по новите тестови се искачи на 17.182. Освен тоа, на 26 јануари 2022 година, Министерството за здравство информираше дека има зголемен број на граѓани кои бараат хоспитализација, поради што беа реотворени дополнителни болнички капацитети во ковид центрите кои порано беа во функција

 

 

Министерот за здравство, доктор Беким Сали, на 28 јануари 2022 година во изјава за медиумите после примањето на третата доза вакцина против ковид-19, како одговор на новинарско прашање го изјави следното:

Ако забележувате, секој ден имаме ублажување односно намалување на бројот на новоинфицирани и бројот на лежечки хоспитализирани пациенти, така да се надевам дека во пократок временски период нема да има потреба од преземање конкретни мерки кон лабораториите и останато.

[Извор: Изјава на доктор Беким Сали за медиуми, дневник на Алфа телевизија, од 22 минута и 36 секунда до 23 минута и 5 секунда; Датум: 28.01.2022 г.]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

За да ја провериме вистинитоста на она што го изјави министерот за здравство, Беким Сали, дека секој ден има опаѓање на бројот на новоинфицирани и бројот на лежечки хоспитализирани пациенти во државата, решивме да ги користиме податоците за сосотојбата со коронавирусот кои официјално секој ден ги соопштува Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија. А, тие се однесуваат на бројот на изработени дневни тестови, бројот на позитивни резултати од тие изработени тестови, како и процентот на позитивни од земени брисови, со оглед на тоа што секој ден не се тестира ист примерок на граѓани, а особено тоа не се случува за викендите кога бројот на направени тестови и следствено позитивни пациенти е драстично помал.

Ги разгледавме податоците за 24, 25, 26 и 27 јануари, четири последователни денови пред денот кога Сали ја даде изјавата чија вистинитост ја оценуваме.

Податоците на Институтот за јавно здравје за 24 јануари, понеделник (ден еден ден по викендот а за викендот традиционално од почетокот на пандемијата се прават помал број тестови во државата), го говорат следното: Регистрирани се 718 лабораториски позитивни случаи на Сарс Ков 2 и 22 починати лица. Направени се вкупно 3.044 тестови. Процентуално, 23,6 проценти од сите направени тестови излегле позитивни.

Податоците на Институтот за јавно здравје од 25 јануари, покажуваат дека позитивни се 2.341 тест од направени 6.193 тестови, а починале 26 лица. Оваа бројка на позитивни е рекордна највисока од почетокот на пандемијата досега (31.01.2022). Процентуално на 25 јануари позитивни се 37.8 проценти од направените тестови.

Податоците на ИЈЗ од 26 јануари, покажуваат дека позитивни биле 2.019 лица, од направени 6.119 тестови, а починале 19 лица. Позитивни од направени тестови за овој ден се 33 отсто.

Податоците од ИЈЗ за 27 јануари, еден ден пред да ја даде изјавата министерот Сали, покажуваат дека позитивни биле 1.861 лице, ама од направени 5.446 тестови, а починале 27 лица. Процентот на позитивни од тестирани, пак, за овој ден  е 34.2 отсто .

А дента кога Сали ја даде изјавата, бројот на позитивни случаи е 1.908 од 5.834 теста, со процент на позитивни од тестирани од 32.7 отсто.

Дополнително, важно е да се напомене и дека еден ден пред изјавата на Сали, бројот на активни случаи во државата е 16.442, а дента кога ја дава изјавата тој број се покачи на 17.182 случаи. 

Значи минимумот кој се забележува секој ден, е флуктуација на бројките на заразени во високите реони околу 2 илјади случаи, освен во понеделникот (24.01.2022), кога се сумираат податоците од недела, кога нема толку тестови што се прават во државата, зашто некои лаборатории ги затвораат вратите за пациенти.

Друго нешто кое Сали не го кажува, е дека Комисијата за заразни болести минатата недела донесе Одлука која беше потврдена на владина седница, а според која, сите асимптоматски случаи со ковид-19, во изолација ќе седат седум, наместо досегашните десет дена. Со ваквата Одлука, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје во само еден ден, административно од системот Мој термин избришаа како негативни и оздравени над 7 илјади лица, со што бројот на активни случаи се намали, затоа што на овие пациенти им истече седмиот ден од изолацијата. Така бројката на активни случаи падна на 16.442, арно ама утредента, по новите тестови се искачи на 17.182.

Дека засега нема абер од намалување на бројот на новозаразени, спротивно на тоа што го тврди доктор Сали, покажува и последниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 17 до 23 јануари 2022 година.

Од 17 до 23 јануари тестирани се вкупно 39.289 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на Сарс Ков 2. Регистрирани сe 11.610 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, со зголемување од 4,5 проценти во однос на претходната недела. Односно за една недела позитивни биле 11.115 лица во државата.  Процентот на позитивност таа недела се движел од 23,6 отсто до 34,4 отсто, просечно 29,1 отсто. Во овој период вкупно се пријавени 1.559 реинфекции, со зголемување од 25 проценти во однос на претходната недела и регистрирано е зголемување на инциденцата во сите градови.

Освен тоа, на 26 јануари 2022 година, Министерството за здравство во соопштение за медиумите информираше дека има зголемен број на граѓани кои бараат хоспитализација, поради што беа реотворени дополнителни болнички капацитети во ковид центрите кои порано беа во функција. Во соопштението се вели:

На состанокот на Комисијата за заразни болести на кој присуствуваше министерот за здравство, д-р Беким Сали беше разгледана актуелната епидемиолошка состојба со Ковид–19 во земјава. Заради континуираниот пораст на бројот на новозаболени и со цел проширување на болничките капацитети, Комисијата препорача од клиниките кои претходно работеа како ковид-центри во рамки на првата фаза, Клиниката за кожни болести и Клиниката за неврологија во Скопје во наредните денови да продолжат со работа како ковид центри и да се отвори дополнителен ковид оддел во ГОБ „8 Септември”. За ова сите три јавни здравствени установи веднаш се известени за преземање на сите неопходни активности. Согласно дневните извештаи од инфективните одделенија и ковид центрите, во моментот се хоспитализирани вкупно 573 лица, од кои 180 во Скопје и 393 лица на инфективни одделенија во државата. Воедно, Министерството за здравство ги задолжи универзитетските клиники, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза кај децата Козле-Скопје и Специјалната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“, при зголемување на бројот на новозаболени, а на кои им е потребна хоспитализација  да бидат организациски подготвени за спроведување на здравствениот третман на пациентите болни од Ковид-19. Во однос на медицинскиот персонал, јавните здравствени установи се известени и задолжени да назначат лица – среден медицински кадар за вклучување во работата на КИБФС (медицински сестри и болничари).

И од ова соопштение произлегува дека не се намалувал бројот на лица на кои им треба хоспитализација во државава, како што кажа министерот за здравство Сали, туку напротив, нивниот број се зголемува поради што  се отворени нови ковид капацитети во клиниките.

Поради овие наведени податоци, изјавата на министерот за здравство, доктор Беким Сали дека во државата изминатите денови се регистрира „намалување на бројот на новоинфицирани и на бројот на лежечки ковид хоспитализирани пациенти“, ја оценуваме како невистинита.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Мирослава Бурнс

 

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција