Не е точно дека кај нас сè повеќе деца умираат од смртоносни болести предизвикани од вакцини
Наспроти тврдењата во објавата дека сè повеќе деца умираат во С. Македонија, податоците на УНИЦЕФ го покажуваат спротивното. Според анализата на податоци за децата објавена во декември 2023 година, кај стапката на смртност на деца под петгодишна возраст се забележуваат значајни варијации низ годините. Притоа 2016 е годината во која е достигнат десетгодишен максимум – 12,9 смртни случаи на 1.000 деца, со тренд на намалување до десетгодишниот минимум од 2022 година – 3,8 смртни случаи на 1.000 деца под петгодишна возраст, што претставува приближување до просечната стапка меѓу државите членки на ЕУ во 2021, која изнесувала 3,7 смртни случаи на 1.000 деца
Наспроти тврдењата во објавата дека сè повеќе деца умираат во С. Македонија, податоците на УНИЦЕФ го покажуваат спротивното. Според анализата на податоци за децата објавена во декември 2023 година, кај стапката на смртност на деца под петгодишна возраст се забележуваат значајни варијации низ годините. Притоа 2016 е годината во која е достигнат десетгодишен максимум – 12,9 смртни случаи на 1.000 деца, со тренд на намалување до десетгодишниот минимум од 2022 година – 3,8 смртни случаи на 1.000 деца под петгодишна возраст, што претставува приближување до просечната стапка меѓу државите членки на ЕУ во 2021, која изнесувала 3,7 смртни случаи на 1.000 деца
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
V N I M A N I E ! NARODEEEEE SE POGOLEM BROJ DECINJA NI UMIRAAT PO BOLNICITE I BOLEDUVAAT OD SMRTONOSNI BOLESTI KAKO POSLEDICI NA VAKCINITE. NOVIOT MINISTER NA USA USHTE UTRE KE ZABRANI POVEKJE OD 40 VAKCINI BIDEJKI NE BILE DOVOLNO ISPITANI I IMAAT SMRTNI POSLEDICI. DALI NEKOI OD TIE SE VBRIZGUVAAT I VO NASHITE DECA ???? DETSKA PARALIZA, AUTIZAM, NEPLODNOST itn. ??????????. VO MINATOTO IMALO SAMO OKOLU 10 BOLESTI KAJ LUGETO NOOO PO PUSHTANJE NA LABARATOSISKITE: RAK SIDA, EBOLA, VIROSI, itn. ?????? V R E M E E NARODE DA SE VRATIME NA BABINITE BILIKI AKO SAKAME DA SI POZIVEEME I NIE I NASHITE DECINJA. “MAKEDONIJA VECHNA”.
Објавата изнесува сериозни наводи кои не ги поткрепува со никакви докази и факти. Во неа се вели дека сè поголем број деца во Македонија умирале по болниците и боледувале од срмтоносни болести како последицa на вакцините. За вакво нешто да се каже мора да се понудат сериозни факти, бројки, докази или изјави од медицински лица и податоци од медицински установи. Такво нешто во објавата нема.
Наспроти тврдењата во објавата дека сè повеќе деца умираат во Македонија, податоците на УНИЦЕФ го покажуваат спротивното. Имено, според анализата објавена во декември 2023 година, правена врз база на податоци за децата од Пописот на население, домаќинства и станови 2021 и од административни податоци, во однос на стапката на смртност кај деца под петгодишна возраст, се забележуваат значајни варијации низ годините, при што 2016 година е годината во која е достигнат десетгодишен максимум – 12,9 смртни случаи на 1.000 деца, со тренд на намалување до десетгодишниот минимум од 2022 година – 3,8 смртни случаи на 1.000 деца под петгодишна возраст, што претставува приближување до просечната стапка меѓу државите членки на ЕУ во 2021, која изнесувала 3,7 смртни случаи на 1.000 деца (стр.13).

Според податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС), стапката на смртност кај деца под петгодишна возраст бележи тренд на намалување во последните години и таа во 2023 година изнесувала 2,4 смртни случаи на 1.000 деца.

Понатаму, објавата тврди дека сè повеќе деца страдале од смртоносни болести како последица на вакцините. И ова тврдење не е поткрепено со ниту еден доказ или факт. Наспроти тоа, факт е дека имунизацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно придонесува за намалување на морбидитетот и морталитетот од заразните заболувања.
Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу деца и возрасни ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.
Навремената вакцинација во текот на детството е од суштинско значење, бидејќи помага да се обезбеди имунитет пред децата да бидат изложени на потенцијално опасни по живот болести.
Благодарејќи на имунизацијата многу заразни болести кои во минатото претставувале значаен јавно-здрaвствен проблем затоа што предизвикувале висок морбидитет, односно морталитет кај децата и возрасните, или предизвикувале компликации и инвалидитет, денес се елиминирани или ставени под контрола, сведени на поединечни случаи без смртен исход и трајни последици.
Објавата, обидувајќи се да даде некаква тежина на тврдењата, посочува дека новиот министер за здравство на САД (Роберт Кенеди Џуниор) „уште утре ќе забрани повеќе од 40 вакцини бидејќи не биле доволно испитани и имале смртни последици“.
Имајќи предвид дека објавата е од 19 јануари 2025 година и дека новиот американски претседател Доналд Трамп стапи на функција на 20 јануари и до ден денес сè уште нема никаква одлука на неговата администрација за укинување на какво било вакцини, може слободно да се каже дека тврдењето во објавата е лажно.
Имено, како што Вистиномер веќе пишуваше на оваа тема, Трамп најави сериозна проверка на вакцините, но не кажа дека сигурно ќе се укинат.
На прашањето дали би одобрил прекин на програмите за вакцинација за деца, Трамп рече дека ќе има голема дискусија со Роберт Ф. Кенеди, кого го номинираше на чело на министерството за здравство.
Би можело, доколку мислам дека тоа е опасно, ако мислам дека не се полезни. Но мислам дека тоа во крајна линија нема да биде многу контроверзно, рече Трамп.
Што се однесува до тврдењето во објавата дека во минатото имало само 10 болести, а сега од лаборатории се пуштале рак, сида, ебола и разни вируси, и тоа не е поткрепено со никакви факти. Овие болести ги имало и во минатото и никогаш не било утврдено или докажано дека биле направени во лаборатории и потоа намерно пуштани за да се заразуваат луѓе.
На пример, најраните познати описи на ракот се појавуваат во неколку папируси од древниот Египет. Папирусот Едвин Смит е напишан околу 1600 година п.н.е. (најверојатно фрагментарна копија од текст од 2500 п.н.е.) и содржи опис на ракот, како и постапка за отстранување на туморите на дојката со каутеризација, наведувајќи дека болеста нема третман. Хипократ (околу 460 п.н.е. – околу 370 п.н.е.) опишал неколку видови на рак, осврнувајќи се на нив со терминот καρκινος (carcinos), грчкиот збор за ‘рак’ или ‘рак’, како и карцином.
ХИВ вирусот е изолиран на 20 мај 1983 година од страна на вирусолози од Институтот Пастер. Лук Монтание е вирусологот што го откри ХИВ вирусот заедно со членови од неговиот тим на Пастер институтот, меѓу кои и Франсоа Бар Синуси. Монтание и неговиот тим испитувале примероци од пациенти со СИДА во 1983 година и го пронајдоа вирусот кој подоцна е познат како ХИВ.
Научниот консензус дека ХИВ е причинител на СИДА е конклузивен. Тврдењата на оние што го негираат ХИВ се псевдонаука базирана на теории на заговор, погрешни заклучоци, одбирање некои факти, а занемарување на други, како и погрешно претставување на застарени научни податоци.
Како што пишуваат проверувачите на факти на Ју Ес Еј Тудеј, здравствените агенции се согласуваат дека ХИВ е причинител на СИДА и има огромни научни докази за да се докаже тоа. Експертите велат дека долга листа на експерименти и студии покажале каузална врска меѓу ХИВ и СИДА.
Во 1982 година беа објавени првите случаи на ХИВ инфекции во Германија, а за тоа време вирусот се ширеше побрзо и низ целиот свет. Многу познати луѓе починаа од СИДА, вклучувајќи музичари, фотографи и актери.
Ебола е заболување кај човекот предизвикано од вирусот ебола. Иако не се знае со сигурност како се пренела еболата од животните на луѓето, преносот бил направен преку контакт со заболено диво животно (шимпанза, горили, бабуни) или големите лилјаци кои јадат овошје. Животните може да се инфицираат јадејќи овошје што го гризнал голем лилјак кој го носи вирусот. Како природни пренесувачи на ебола, иако не е потврдено, се сметаат лилјаците. Три вида на големи лилјаци (Hypsignathus monstrosus, Epomops franqueti и Myonycteris torquata) го носат вирусот без да се разболат.
Овие вируси и болести се појавиле во природата и истите не биле создадени во лабораторија.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар