Не е точно дека Калиопи рекламирала препарат за слабеење

Лажна Фејсбук реклама за препарат за слабеење го зло(употребува) логото на Сител телевизија, ликот на пејачката Калиопи, а исто така, се повикува на недостапна научна студија и објавува фотографии што не припаѓаат на лицата претставени во текстот

Лажна Фејсбук реклама за препарат за слабеење го зло(употребува) логото на Сител телевизија, ликот на пејачката Калиопи, а исто така, се повикува на недостапна научна студија и објавува фотографии што не припаѓаат на лицата претставени во текстот

 

Фејсбук објава со која се промовира производ наречен „SlimFast“, тврди дека со употребата на овој препарат е можно губење до 27 килограми за 34 денови, а како доказ се користи наводно интервју со македонската пејачка Калиопи Букле, потоа изјави од експерти и фотографии од луѓе кои ослабеле. По анализа на содржината се утврди дека повеќе елементи кои се состојат во истата се лажни и манипулативни.

Најнапред, рекламата визуелно се претставува како медиумска содржина и го користи логото на Сител телевизија, што може да остави впечаток дека станува збор за легитимен новинарски прилог, медиумска препорака или реклама. Во минатото и самата Сител телевизија предупредувала за злоупотреба на нејзиното име и појава на лажни профили и содржини што немаат никаква врска со медиумот.

Дополнително, во текстот се наведува дека „студија на Универзитетот во Скопје“ потврдила ефикасност на производот. Но, не се наведени автори, научно списание, година на објавување или линк до истражувањето. Со пребарување не е пронајдена јавно достапна студија што ги потврдува наведените тврдења за губење масти „преку столицата“ или за слабеење од 27 килограми за нешто повеќе од еден месец.

Рекламата користи и фотографии како наводен доказ за успешноста на производот. Но, проверката преку Google Lens покажува дека тие не соодветствуваат со лицата претставени во текстот.

На самиот почеток на рекламниот текст споделен во Фејсбук објавата – рекламата, има фотографии во кои се користи ликот на пејачката Калиопи, но е очигледно дека тие се дигитално обработени за да го прикажат наводниот ефект од употребата на чудотворниот препарат за слабеење.

Не е првпат Калиопи да биде злоупотребена во измамничко рекламирање, таа се најде и во лажна реклама за наводен чудотворен лек за враќање на слухот.

Фотографијата на наводната нутриционистка Анета Христова, чие сведоштво се користи во рекламата за слабеење, се поврзува со актерката и продуцентка Rita Wilson, меѓутоа и оваа фотографија е дигитално обработена.

Како доказ за резултатите од производот, е (зло)употребена и фотографија на холандската пејачка Trijntje Oosterhuis.

Последната фотографија претставена како „доказ за слабеење“, е идентична со фотографија од Фејсбук-промоција за црн костим за капење, објавена на 1 мај 2025 година на страница за продажба на долна облека „Sun Vihen Swimwear“ лоцирана во САД.

На крајот од рекламниот текст има и кратка анкета од 3 прашања:

  1. Колку килограми сакате да изгубите?
  2. Кои делови од телото сакате да ги коригирате?
  3. Колку години имаш?

По одговарањето на овие прашања производот можe да се нрача за 1.200 денари

 

 

 

 

Рекламата е споделена од Фејсбук профил Dr Jovan Specjalist, со што се создава впечаток за медицинска поддршка на производот. Но оваа страница е формирана на 5 март, има само 302 следбеника и нема објави.

Проверката на фотографијата на Фејсбук-профилот на „доктор Јован, преку алатките на Google, покажува дека таа не припаѓа на лекар со такво име, туку се совпаѓа со фотографии на доктори кои работат во американската држава Охајо.

Ова дополнително го засилува сомнежот дека во рекламата се користат фотографии и медицински авторитети извадени од нивниот оригинален контекст или претставени на начин што може да ги доведе читателите во заблуда.

Користење украдени фотографии, непроверливи медицински тврдења и претставување реклами како медиумска содржина е чест модел кај измамничките реклами за препарати за слабеење на социјалните мрежи.

Од сето ова можеме да заклучиме дека лажна Фејсбук реклама за препарат за слабеење го зло(употребува) логото на Сител телевизија, ликот на пејачката Калиопи, а исто така, се повикува на недостапна научна студија и објавува фотографии што не припаѓаат на лицата претставени во текстот. Поради тоа, објавата ја оценуваме како невистинита.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција