Не е точно дека луѓето не умираат од Ковид-19

Користејќи намонтирана изјава на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, објава на Фејсбук ја дезинформира јавноста дека луѓето не умират од коронавирусот, а истовремено шири и теории на заговор за масовни труења на населението од небо

 

Користејќи намонтирана изјава на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, објава на Фејсбук ја дезинформира јавноста дека луѓето не умират од коронавирусот, а истовремено шири и теории на заговор за масовни труења на населението од небо

 

Во пост на Фејсбук, кој се атрибуира на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, се тврди дека луѓето не умираат од Ковид-19 туку од отрови, кои, наводно, ни ги пушта Организацијата на обединетите нации (ООН) преку авиони над секоја држава во светот како план за депопулизација на планетата до 2030 година!

Постот, кој во моментот кога е пишуван текстот е споделен 175 пати, е поткрепен со фотографии без извор, кои, пак, доколку се постават во пребарувачот Гугл за фотографии, водат до постови кои се од 2016 година и до видеа на Јутјуб во кои се тврди дека фотографиите се од авиони кои испуштаат отровни хемикалии за да му наштетат на населението.

Меѓутоа, според неколку извори, фотографиите кои се претставуваат како да се хемикалии натоварени во авиони со цел да го ,,трујат” населението, од страна на елитистички кругови, што претставува една конспирациска теорија, всушност, се објавени во повеќе книги од шеесеттите и од деведесеттите години. Овие буриња, всушност, претставувале симулација за патници на некои рани тест летови во втората половина на минатиот век. Тие воопшто не содржеле никакви хемикалии.

Сосема е невистинито тврдењето во постот дека луѓето не умираат од коронавирусот. Според последната статистика објавена од Министерството за здравство (05.10.2020), во Република Северна Македонија до 5 октомври 2020 година имало 760 смртни случаи како последица на Ковид-19. Во светот, до овој датум имало над 1.04 милиони починати лица.

 

Во последните 24 часа се направени 539 тестирања, а регистрирани се 83 нови случаи на ковид-19 во:

-Скопје 34…

Posted by Венко Филипче on Monday, October 5, 2020

 

Невистинито е и дека претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, некогаш изјавил оти луѓето умираат од отровите што ООН ги пушта во воздухот последните 20 години како план за депопулизација до 2030 година. Ваква изјава претседателот на Белорусија никогаш не дал, иако е делумно точно дека на почетокот на пандемијата со коронавирусот тој во неколку наврати одбиваше да воведе рестриктивни мерки, тврдејќи дека ,,нема вирус во Белорусија”. Кога тој самиот се зарази со коронавирус, Лукашенко тврдеше дека како и 97 проценти од популацијата во Белорусија, тој вирусот го прележал на нога асимптоматски и на работното место. Тој на почетокот на пандемијата изјави дека од коронавирус во Белорусија нема да почине никој, туку доколку смртта настапи, таа ќе биде резултат на коморбидитети како дијабетес и срцеви заболувања.

Форбс објави студија според која, панел од 76 хемичари и научници од Универзитетот Ирвин, Калифорнија, одговориле дека никогаш не дошле до докази оти постојат големи програми за хемиско прскање од авиони, со цел да се наштети на здравјето на граѓаните и со цел да се влијае на атмосферата.

Оваа теорија на заговор е актуелна од појавата на интернетот. Уште може да пронајдете бројни интернет страници кои го промовираат овој вид на псевдонаука. Нашето истражување покажа дека научната заедница не се согласува со тврдењата оти владата, армијата, авиокомпаниите и други субјекти се здружиле во широка мисија да ја отрујат планетата со прскање преку авиони, вели Стивен Дејвис, професор и научник од универзитетот Ирвин во Калифорнија.

Според ова истражување, причината поради која трагите од авионите остануваат видливи е зашто тие летаат на поголеми височини отколку порано, што резултира со кондензациски траги кои траат подолго време. Тоа што трагите од авионите се вкрстуваат е само и единствено доказ дека има зголемена фреквентност на авиосообраќајот, односно дека има многу повеќе авиони кои учествуваат во авиосообраќајот, што е и примарната причина што некои од нив мора да летаат и на поголеми височини.

Следствено, на ниеден начин не може да се доведуваат во корелација овие конспирациски теории за наводни масовни труења од воздух, со коронавирусот, а уште помалку тоа да се прави на начин што ќе се намонтира изјава на претседателот на Белорусија која тој никогаш не ја дал.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција