Не е точно дека мајка платила казна во Германија оти одбила да го облече синот како девојче

Старо видео кое беше актуелно во 2022 година сè уште шири дезинформации, иако жената којашто е снимена на него веќе објасни дека не била казнета зашто не сакала синот да го облече како женско. Таа за „Време“, кажа дека погрешно го споменала Сојузното министерство во Германија и дека 263-те евра што морала да ги плати не биле „казна“ туку надомест за неоправдано отсуство од училиште.

Старо видео кое беше актуелно во 2022 година сè уште шири дезинформации, иако жената којашто е снимена на него веќе објасни дека не била казнета зашто не сакала синот да го облече како женско. Таа за „Време“, кажа дека погрешно го споменала Сојузното министерство во Германија и дека 263-те евра што морала да ги плати не биле „казна“ туку надомест за неоправдано отсуство од училиште

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал и пишува:

Унија на злото.

Во склоп на видеото снимена е жена која на српски јазик вели:

Добар ден јас живеам во Германија, имам 8-годишен син. Ни стигна писмо од Министерството дека во вторник, ако имаме син треба се облече во фустан, а ако имаме ќерка да се облече како момче. Да, за да децата осознаат дали се од машки или од женски пол зашто веќе нема „син или ќерка“ туку „деца“ кои сами може да одлучат од кој пол се. Бидејќи на наставничката ѝ кажав дека не сакам синот да го облечам во фустан зашто тој секој ден сака да се облекува во некој дрес од Роналдо, Меси и знае со сигурност дека е момче и сака да игра фудбал и дека нема потреба да облекува фустан за да размисли дали е женско или не, морав да платам казна 263 евра зашто синот не ми одеше како девојче во училиште. И затоа сакам да се вратам зашто не сакам детето да ми биде нешто што не е.

Видеото беше актуелно уште во 2022 година, кога на социјалните мрежи во повеќе балкански држави беше презентирано и предизвика големо внимание. Тогаш проверувачите на факти од цел регион почнаа да ја проверуваат „приказната“ на извесна Милка.М од Ниш. Хрватски Фактограф ја провери и ја оцени оваа приказна како апсурдна, невозможна и погрешна.

Фактограф контактирал со Сојузното министерство за образование на Германија, бидејќи таканаречената Милка М. го повикува „министерството“. Ги интересирало дали испратиле такво писмо до основните училишта, со упатства за задолжително облекување, дали има и дали може да има казни за родителите, како онаа за која зборува оваа жена и дали е можно самите училишта да одлучат дека децата мора да се пресоблечат во облека од спротивниот пол. Исто така, прашале дали знаат дека  некои покраински или локални образовни власти самите да издале упатство коешто би можело да се помеша со „писмо од министерството“ и дали добиле поплаки од родители во врска со ова.

Како што пишува Фактограф, од Сојузното министерство за образование и истражување најпрво им објасниле дека во Германија сојузните покраини се одговорни за училишното образование. Одлуките во образованието ги донесува Постојаната конференција на покраинските министри за образование (KMK), на која потоа Фактограф ѝ се обратиле.

Во Сојузна Република Германија, одговорноста за образовниот систем е одредена со федералната структура на државата. Освен ако Основниот закон (Grundgesetz) не ѝ доделува законодавни овластувања на Федерацијата, покраините имаат право да донесуваат закони. Во рамките на образовниот систем, ова се однесува на училишниот сектор, секторот за високо образование, образованието за возрасни и континуираното образование. Управувањето со образовниот систем во овие области е речиси исклучиво прашање на покраините“, објаснува KMK, обезбедувајќи линк за повеќе информации за структурата на самиот образовен систем.

Оттаму, велат дека тврдењето дека „Министерството за образование“  нешто преземало,  е погрешно. Во Германија, нема такви овластувања за сојузното министерство за образование.

Тие исто така ја отфрлаат можноста училиштата или покраинските власти, под закана од казни да ги принудат децата да ги променат своите улоги во училиштата:

Училиштата се толку сензибилизирани за темата што се чини дека она што се кажува е невозможно, дури и на училишно ниво. Наредба од покраинското министерство за образование би била целосно апсурдна, велат од КМК за Фактограф

Всушност, некои училишта во Германија навистина практикуваат ден на замена на улогите помеѓу момчињата и девојчињата, за што известуваат на своите веб-страници со прилично весели тонови. Регулатива што би го наметнала ова на покраинско или федерално ниво под закана од финансиски казни сигурно би имала одек прво во Германија, а потоа и пошироко, пишува Фактограф.

Српскиот весник „Данас“ пренесува изјава на медицинска сестра која живее во Карлсруе, Германија, која вели дека не чула за случаи во кои се бара децата да се облечат во облека од спротивниот пол, по што се наплаќа казна ако тоа биде одбиено.

Пред две години, имаше акција „Walk in her shoes“ со цел да се промовира еднаквоста на половите и правата на ЛГБТИ заедницата, па децата беа повикани да понесат на училиште штикли од своите мајки, сестри, тетки или баби. Потоа беше организирана трка во штикли на 50 метри. Целта беше низ шега на децата да им се приближи идејата за еднаквост и да се промовира различноста. Немаше никакви принуди или казни, тоа беше сосема доброволно, а учесниците добија награди, вели медицинската сестра за „Данас“ 

Во подоцнежно интервју за „Време“, Милка.М (жената од видеото) призна дека погрешно го споменала министерството и дека 263-те евра што морала да ги плати не биле „казна“, туку надомест за неоправданото отсуство на детето  од училиште.

Синот има блага форма на аутизам, поради што посетува училиште за деца на кои им е потребно посебно внимание. Во тоа училиште, кое го води Ѓаконското здружение на Евангелската црква, има само осум деца во класот.

„Кога ми кажаа дека добивме место во тоа училиште, се расплакав од среќа. Тоа училиште е најдоброто нешто што можеше да им се случи на моето дете и мене“, вели Милка.

Таа тврди дека добила флаер од училиштето со кој ги информира родителите дека се организира некаков вид недела на толеранција и дека еден ден – а беше вторник, тврди Милка, како во клипот – момчињата можат да носат фустани, а девојчињата можат да носат машка облека. Нема писмени докази или траги за ова на интернет презентацијата на училиштето, пишува Време повикувајќи се на жената од видеото и интервју што го направиле со неа.

Самата акција не би била ништо чудно бидејќи повремено се организирала во одредени германски училишта. Се нарекува „Промена на улогите“ (Rollentausch) или „Ден на девојчињата и момчињата“, а судејќи според фотографиите, сè изгледа како карневал каде што спротивниот пол е карикатуриран.

Милка за Време вели дека дури и позајмила фустан што нејзиниот син не сакал да го носи тоа утро.

Искрено, на крајот не го однесов на училиште затоа што се скаравме за неговата облека, па ми беше полесно воопшто да не одам, отколку подоцна да ме викнат од училиште затоа што е нервозен и прави проблем, изјави таа за Време.

Облекувањето не било ниту задолжително, ниту наложено од Баварското министерство за образование (во Германија, покраините се одговорни за образованието). 

Имено, трошоците за скапото специјално училиште во голема мера ги сноси градот, но самите родители мора да платат за деновите кога нивното дете не доаѓа без причина. „Облекувањето во фустан не е задолжително – тоа е проект. Присуството на детето во училиште е задолжително“, објаснува Милка.

Објавата е искористена за антизападен наратив против ЕУ која погрешно е наречена „унија на злото“.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција