Не е точно дека Макрон кажал оти Македонија го прифатила францускиот предлог

Фото: Kremlin.ru, CC BY 4.0 , via Wikimedia Commons

Макрон јасно кажа дека за усвојувањето на предлогот ќе бидат потребни консултации во Скопје, а не дека Македонија го прифатила францускиот предлог,како што се тврди во постот и во насловот на текстот споделен  во оваа објава на Фејсбук

Макрон јасно кажа дека за усвојувањето на предлогот ќе бидат потребни консултации во Скопје, а не дека Македонија го прифатила францускиот предлог, како што се тврди во постот и во насловот на текстот споделен  во оваа објава на Фејсбук

 

(Напомена: рецензијата се однесува на ФБ пост од четврток, 30 јуни 2022 година, објавен пред прес конференциите на власта и опозицијата и изјавите изнесени на нив, како и другите изјави и настани кои се случија утредента на 1 јули 2022 година)

 

Пост на Фејсбук (од четвртокот, 30 јуни 2022 г.), кој се осврнува на спорот меѓу Македонија и Бугарија и францускиот предлог за надминување на истиот, споделува напис со неточен наслов:

ВОНРЕДНИ ВЕСТИ: МАКЕДОНИЈА го прифати „францускиот предлог“, тврди МАКРОН.

Ваквиот наслов не е точен и тоа може да се потврди и од содржинскиот дел на самиот напис.

Мислам дека најдовме компромис околу спорот меѓу Бугарија и Македонија за Преговарачката рамка за влез во ЕУ, изјави францускиот претседател Емануел Макрон на маргините на самитот на НАТО во Мадрид.

Макрон не соопшти детали околу можниот компромис, но можно е тој да не опфаќа експресно решение, туку начин и македонската страна да се изјасни за договореното преку консултации и во Собранието во Скопје, стои во објавениот текст.

Во него нигде не се спомнува дека С. Македонија го прифатила предлогот, дека има потврда за такво нешто, уште помалку дека Макрон рекол такво нешто, туку, како што е посочено македонската страна треба да се изјасни за договореното преку консултации во Скопје.

Понатаму текстот го спомнува соопштението на Владата во кое се наведува дека францускиот предлог стигнал и дека следат широки консултации.

Ова претставува основа за отворање на широк консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со Претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата, соопштуваат од владата.

Штом ќе има конултации, па потоа изјаснување, не може да стане збор за веќе прифатен предлог. Впрочем и Макрон не рекол такво нешто, како што се тврди во насловот.

За време на прес-конференцијата на самитот на НАТО во Мадрид, Макрон изрази надеж дека „разгледувањето на предлогот од двете страни во наредните денови ќе го потврди“ фактот дека предлогот се однесува на сите чувствителни прашања за двете страни, пренесе БГНЕС, јави А1 он.

Уште од овој момент претседателот и премиерот на Бугарија потврдија дека го прифаќаат предлогот. За усвојувањето ќе бидат потребни консултации во Скопје. Оваа одлука носи предвидливост и сигурност за надминување на споровите наследени од минатото, изјави францускиот претседател Емануел Макрон додавајќи верува оти е најдено компромисно решение за преговарачката рамка за членство на Северна Македонија во Европската унија, во која е вклучена и Бугарија.

Макрон јасно кажал дека за усвојувањето на предлогот ќе бидат потребни консултации во Скопје, а не дека С. Македонија го прифатила францускиот предлог.

Според тоа, можеме да заклучиме дека постот што го рецензираме  е невистинит.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција