Не е точно дека мамографијата предизвикува рак на дојка
Научните докази покажуваат дека дозата на радијација од мамографија е многу ниска и не претставува значаен ризик за предизвикување рак.Таа е безбеден, нискорадијациски, клинички докажан метод кој спасува животи
Научните докази покажуваат дека дозата на радијација од мамографија е многу ниска и не претставува значаен ризик за предизвикување рак. Таа е безбеден, нискорадијациски, клинички докажан метод кој спасува животи
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Со мемографијата се предизвикува рак на дојка.
Ваквото тврдење не е поткрепено со никави медицински аргументи и докази.
Не е точно дека мамографијата предизвикува рак на дојка. Научните докази покажуваат дека дозата на радијација од мамографија е многу ниска и не претставува значаен ризик за предизвикување рак. Десетици години истражувања не покажале дека мамографијата предизвикува рак. Напротив, таа спасува животи, затоа што открива рак во многу рана фаза кога е најлесно излечив.
Мамограмот, или рендгенското снимање на дојката, во моментов останува златен стандард за рано откривање на рак на дојка. За време на мамограмот, ткивото на дојката се компресира за да се намали дебелината на дојката со цел да се добијат висококвалитетни рендгенски слики. Ниту компресијата на дојката потребна за мамограм, ниту количината на зрачење што се користи во скрининг мамограмот не предизвикуваат рак или предизвикуваат ширење на ракот. Всушност, според Националниот институт за рак, придобивките од раното откривање на рак на дојка преку мамографија далеку ги надминуваат сите потенцијални ризици.
Дозата на зрачење при мамографија е толку мала и регулирана што не постои доказ за тоа дека предизвикува рак.
Количината на зрачење од мамографија е многу ниска, споредлива со еден авионски лет од 4,5 до 6 часа.
Придобивките од раното откривање далеку го надминуваат минималниот ризик од изложеност на зрачење, вели Стефани Вудард, доктор по медицина, вонреден професор и раководител на одделот за снимање на дојка на Одделот за радиологија.
Мамограмите се исто така нискодозни рендгенски снимки на ткивото на дојката, но тие ги изложуваат пациентите на повеќе зрачење отколку обичната рендгенска снимка на градниот кош.
Сепак, ризикот од штета од оваа изложеност на зрачење е мал, велат од Националниот институт за рак.
Експертите и организациите за превенција од рак препорачуваат мамограми за скрининг на рак на дојка, со некои разлики за возраста кога треба да се прави скринингот. Американското здружение за рак, Американскиот колеџ на акушери и гинеколози, Националната сеопфатна мрежа за рак и Работната група за превентивни услуги на САД препорачуваат мамографски скрининг за рак на дојка.
Скрининг мамограмите водат до порана фаза на дијагностицирање, а ракот во порана фаза има подобра прогноза, може да го намали потребниот третман и да го подобри квалитетот на живот, вели за Политфакт д-р Елеонора Теплински, раководител на одделот за дојка и гинеколошка медицинска онкологија во „Вали-Маунт Синај Комплекс Канцер Кер“.
Д-р Скајлер Б. Џонсон, доцент по радијациона онкологија на Институтот за рак Хантсман на Универзитетот во Јута, и Теплински изјавиле дека не се запознаени со експерти или организации за спречување на рак кои советуваат против мамографии.
Сепак, може да има различни препораки меѓу организациите во врска со возраста на започнување и фреквенцијата на мамографии, како и размислувањата за индивидуалните фактори на ризик, каде што може да се препорачаат дополнителни/други алатки за снимање или дијагностика, рекол Џонсон.
Од сето ова можеме да заклучиме дека мамографијата не предизвикува рак на дојка, како што тоа го тврди објавата што ја анализираме. Таа е безбеден, нискорадијациски, клинички докажан метод кој спасува животи.
Поради сето ова, објавата ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар