Не е точно дека медиумите не известиле за протестите во Цирих
Македонските медиуми ја пренесоа веста за протестите во Цирих поради Светскиот економски форум во Давос и тоа може многу лесно да се провери на Гугл или на агрегаторот за вести Тајм.мк. За овие протести во Цирих известуваа и светските медиуми
Македонските медиуми ја пренесоа веста за протестите во Цирих поради Светскиот економски форум во Давос и тоа може многу лесно да се провери на Гугл или на агрегаторот за вести Тајм.мк. За овие протести во Цирих известуваа и светските медиуми
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која споделува видео од протести и вели:
ЗОШТО МЕДИУМИТЕ НЕ ИЗВЕСТУВААТ ЗА ОВА?
Другата страна на Давос и Светскиот економски форум – Масовни протести и судири со полицијата во Цирих против глобалистичкиот собир.
Не е точно дека медиумите не известувале за протестите во Цирих поради Светскиот економски форум во Давос, како што тоа го тврди објавата.
Македонските медиуми ја пренесоа оваа вест и тоа може многу лесно да се провери на Гугл или на агрегаторот за вести Тајм.мк.
Така на пример, Телевизија 24 на својот Фејсбук профил објави видео од протестите:
Со протести на улиците и тензии на агендата, во Давос стартува Светскиот економски форум под мотото „Духот на дијалогот“. Но дијалогот почнува во сенка на криза – Доналд Трамп ја предводи најголемата американска делегација досега, додека Данска целосно го бојкотира форумот.
Слободен печат објави:
Околу две илјади луѓе демонстрираа вчеравечер, во Цирих, по повик од левичарски партии и организации, во знак на протест против доаѓањето на американскиот претседател на форумот во Давос, држејќи транспарент на кој пишуваше „Трамп не е добредојден!“.
Државната новинска агенција МИА, исто така, извести за протестите во Цирих:
Илјадници луѓе протестираа во центарот на Цирих против американскиот претседател Доналд Трамп и неговото учество на Светскиот економски форум во Давос, обвинувајќи ги швајцарските власти дека даваат легитимитет на „авторитарна и плутократска политика“. Група демонстранти се движеа низ централните градски улици со слоганот „Трамп не е добредојден!“ и го запалија американското знаме. За време на протестот имаше мали судири меѓу полицијата и демонстрантите.
За протестите во Цирих во пресрет на Светскиот економски форум во Давос известуваа и светските медиуми.
Еуроњуз објави напис со наслов: „Судири меѓу демонстрантите и полицијата за време на протестите во Цирих против Форумот во Давос“.
Бунтовни демонстранти, го запалија американското знаме и ги вандализираа американските бизниси во Цирих пред посетата на претседателот Трамп на Давос за Светскиот економски форум поради неговите напори за стекнување на Гренланд, објави Њујорк пост.
За протестите во Цирих информираше и Фокс њуз:
Насилни протести избувнаа во неколку швајцарски градови, додека американските знамиња беа запалени, а полицијата се судри со демонстрантите пред пристигнувањето на претседателот Трамп во Давос, Швајцарија, за Светскиот економски форум.
Од сето ова можеме да заклучиме дека не е точно оти медиумите не известиле за протестите во Цирих по повод Светскиот економски форум во Давос. Извештаи за ова имаше, како во домашните, така и во странските медиуми.
Поради тоа објавата што ја анализираме ја оценуваме како неточна.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар