Не е точно дека на руските гимнастичари им е забранет престојот на СП во Холандија поради „завист и омраза“
Одлуката на холандската влада е од политичко-безбедносен карактер. Две од одбиените гимнастичарки претходно имаат јавно демонстрирано силна поддршка за руската воена инвазија во Украина и носеа воени симболи (буквата „Z“), што ги крши безбедносните и визните протоколи на дел од земјите во Шенген зоната
Одлуката на холандската влада е од политичко-безбедносен карактер. Две од одбиените гимнастичарки претходно имаат јавно демонстрирано силна поддршка за руската воена инвазија во Украина и носеа воени симболи (буквата „Z“), што ги крши безбедносните и визните протоколи на дел од земјите во Шенген зоната
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Само што се вратија на спортските терени, но како доликува, подготвени, со име, знаме, химна, Русите почнаа да освојуваат злата, рушат светски рекорди и први, пак, да ја поместуват границата на човековата способност.
Затоа и беа забранети, ја истакнуваа немоќта на забранувачите, како што и денес не им беше одобрен престој на руските гимнастичари на СП во Холандија. Љубомора, завист, омраза.
Објавата тврди дека руските спортисти се вратиле на меѓународните терени со своето име, знаме и химна, каде веднаш почнале да освојуваат злато и да рушат светски рекорди, додека нивното неодамнешно блокирање на Светското првенство (СП) во уметничка гимнастика во Холандија е резултат на „љубомора, завист и омраза“. Објавата содржи микс од точни информации, преувеличувања и дезинформации.
Тврдењето дека руските спортисти повторно настапуваат со своите државни обележја е точно, но само за одредени спортови, бидејќи во глобалниот спорт сè уште нема единствен став.
Во текот на 2026 година, неколку влијателни спортски организации целосно ги укинаа санкциите. Светската пливачка федерација (World Aquatics) во април 2026 година донесе одлука да им дозволи на руските сениорски пливачи натпреварување без никакви ограничувања – со сопствени униформи, знаме и химна. Истото го сторија и Светската гимнастичка федерација (World Gymnastics) во мај 2026 година и Европската гимнастичка федерација во јули 2026 година.
Главните спортски инстанци сè уште држат рампи. Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) во јули 2026 година ги олесни рестрикциите дозволувајќи им на Русите учество во тимски спортови и квалификации за Летните олимписки игри во Лос Анџелес во 2028 година, но строго го задржа ветото за руското знаме, химна и национални бои. Слични рестрикции се на сила и во други спортови како атлетиката.
Русија поседува врвни спортисти кои освојуваат медали во спортовите каде што им е дозволен пристап (пливање, гимнастика, борење). Сепак, тврдењето дека масовно „рушат светски рекорди“ по враќањето е претерано. Во атлетиката, каде традиционално се мерат егзактни светски рекорди, Русите сè уште немаат пристап до големите светски митинзи.
Тврдењето дека на руските гимнастичари им бил забранет престојот на СП во Холандија поради „љубомора, завист и омраза“ е манипулација.
Холандските власти одбија визи само за три конкретни руски гимнастичарки (Ангелина Мелникова, Викторија Листунова и Ана Калмикова). Како што пренесува Форбс, остатокот од руската делегација која аплицираше навреме доби визи за учество.
Одлуката на холандската влада е од политичко-безбедносен карактер. Две од одбиените гимнастичарки претходно имаат јавно демонстрирано силна поддршка за руската воена инвазија во Украина и носеа воени симболи (буквата „Z“), што ги крши безбедносните и визните протоколи на дел од земјите во Шенген зоната.
Дополнително, на ова конкретно првенство во Ротердам, поради строгите закони на земјата домаќин, одобрените руски спортисти мораат да се натпреваруваат под неутрален статус (како тим „World Gymnastics 2“), а не со своето име, знаме и химна.
Објавата користи селективни вистини (фактот дека некои светски федерации ги вратија руските обележја во 2026 година) за да пласира лажен и манипулативен наратив. Не е точно дека Русите се комплетно вратени со државни обележја во сите спортови (ИОК сè уште го забранува тоа), а блокадата на трите гимнастичарки во Холандија е резултат на санкции поради поддршка на војната, а не поради спортска „љубомора“ на Западот.
Поради сето ова, објавата ја оценуваме како делумно неточна.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар