Не е точно дека НАТО го урнал авионот на ЈАТ на летот 367
Ниту една од теориите за можните причини за падот на авионот, не го спомнува НАТО, а уште помалку некаде најдовме информација дека НАТО го соборил авионот. Авионот паднал на територија на тогашна Чехословачка, која не била дел од НАТО, туку била дел од Варшавскиот пакт. Според тоа, НАТО не би имал ингеренции да делува во воздушниот простор на Чехословачка
Ниту една од теориите за можните причини за падот на авионот, не го спомнува НАТО, а уште помалку некаде најдовме информација дека НАТО го соборил авионот. Авионот паднал на територија на тогашна Чехословачка, која не била дел од НАТО, туку била дел од Варшавскиот пакт. Според тоа, НАТО не би имал ингеренции да делува во воздушниот простор на Чехословачка
Анализираме објава на социјалната мрежа Тредс која вели:
На денешен ден 1968 над небото на Чехословачка е соборен авионот DC-9 на ЈАТ летот ЈУ326 требаше да слета во Белград од Копенхаген. Истрагата покажа дека НАТО по грешка го соборува авионот,од 28 патници и членови на екипажот само еден преживеа те.стујардесата Весна Вуковиќ.
Објавата прво содржи погрешни технички нформации, односно летот на ЈАТ бил 367, а не 326, авионот полетал од Стокхолм и требало да го заврши патувањето во Белград, по застанување во Копенхаген и Загреб. Но тој се урнал додека летал на релацијата Копенхаген-Загреб и тоа се случило во 1972 година, а не во 1968. Второ, објавата неосновано тврди дека НАТО по грешка го соборил авионот. Докази за ваквите наводи нема.
Авионот на JAT McDonnell Douglas DC-9 експлодирал за време на летот меѓу Копенхаген и Загреб на 26 јануари 1972 година и се урнал во близина на селото Србска Каменице во тогашна Чехословачка. Авионот со кој пилотирале капетанот Лудвик Раздрих и копилотот Ратко Михиќ се распаднал на неколку парчиња и по неколку минути слободен пад завршил во ливада на работ од шумата.
Загинале 27 патници и членови на екипажот, а стјуардесата Весна Вуловиќ по некое чудо го преживеала падот од 10.160 метри и благодарение на тоа влегла во Гинисовата книга на рекорди. Иако југословенските власти веднаш се посомневале дека станувало збор за терористички напад на хрватските националисти, такво нешто никогаш не било веродостојно потврдено. Во западните медиуми се појавиле и теории дека чешката противвоздушна одбрана, поточно воен авион МиГ, по грешка го соборила летот 367 ЈАТ, наведува Нова.рс.
Меѓутоа, по повеќе од 50 години, шведскиот новинар со хрватско потекло Тончи Перцан и телевизиската станица ТВ4 го истражуваа овој случај и во документарниот филм насловен „Бомба на летот 367 на ЈАТ“, утврдија дека екстремистичките организации Хрватскиот национален отпор (ХНО) и Хрватското револуционерно братство (ХРБ) поставиле бомба во авионот.
Од седумтемина идентификувани сторители, еден оттогаш починал од природна смрт, тројца биле убиени од југословенската разузнавачка служба УДБА, а тројца и денес живеат во Шведска. Перцан и ТВ4 успеале да ги дознаат нивните имиња и разговарале со сите тројца, но еден неубедливо тврдел дека не се сеќава на ништо, а двајца негирале дека имаат врска со терористичкиот напад, пишува во текстот вна Нова.рс, објавен во октомври 2024 година.
Летот 367 на ЈАТ полета од Стокхолм и требаше да го заврши патувањето во Белград по застанувањето во Копенхаген и Загреб. Во Копенхаген, еден од патниците го напуштил авионот и најверојатно го оставил својот багаж зад себе. Се покажало дека во неговата чанта имало темпирана бомба. Вуловиќ се качила во авионот во Копенхаген и го забележала нервозниот патник, но до нејзината смрт во 2016 година воопшто не се сеќавала на несреќата. Меѓу загинатите имало претежно југословенски работници во Шведска, главно Хрвати.
Документарецот на ТВ4 понатаму укажува како екстремната хрватска емиграција, која произлезе од усташкото движење, извршила серија терористички напади врз југословенските мисии во Шведска кон крајот на 1960-тите и почетокот на 1970-тите. Перцан додава дека речиси сите од тогашната хрватска емиграција знаеле барем нешто за овие напади, но поради страв од одмазда не сакале да зборуваат за тоа. Своето истражување го продолжил во Државниот архив на Хрватска во Загреб.
Теории на заговор
Во врска со авионот, повремено, во текот на годините, се појавуваа неколку теории на заговор. На пример, во 1997 година чешкиот весник Letectví a kosmonautika објави дека авионот бил соборен по грешка од чехословачката противвоздушна одбрана.
Дискусијата за различните аспекти на несреќата беше повторно отворена на 8 јануари 2009 година, кога германскиот магазин за вести „Тагесшау“ објави извештај од истражувачките новинари Петер Хорнунг и Павел Тејнер. Наводно, врз основа на новодобиените документи главно од чешката управа за цивилно воздухопловство, тие заклучиле дека е „исклучително веројатно“ дека авионот бил по грешка соборен на само неколку стотини метри над земјата од ловец МиГ на чехословачките воздухопловни сили, бидејќи бил помешан со непријателски авион при обид за принудно слетување. Според тоа, сите докази кои сугерираат дека авионот бил уништен на голема височина со експлозив сместен во куфер, би биле фалсификувани од чехословачката тајна полиција.
Цивилната управа за воздухопловство ја отфрлила оваа теоријата на заговор како медиумска шпекулација, која се појавува одвреме-навреме.
Ниту една од теориите за можните причини за падот на авионот, не го спомнува НАТО, а уште помалку некаде најдовме информација дека НАТО го соборил авионот. Авионот паднал на територија на тогашна Чехословачка, која не била дел од НАТО, туку била дел од Варшавскиот пакт. Според тоа, НАТО не би имал ингеренции да делува во воздушниот простор на Чехословачка.
Поради сето погоре наведено, можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме, е невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар