Не е точно дека не се апсат осомничени за пожарот во Кочани и дека Владата воведува цензура

Фото: meta.mk

Не е точно дека за трагедијата во Кочани нема уапсено осомничени и дека се приведуваат новинари. Како што информира државниот јавен обвинител на 20 март, во статус на осомничени се 28 лица, од кои три се во болница, 18 се притворени во предистражна постапка, а против седум полициски службеници се води истрага и тие се, исто така, во притвор. Владата не сака да воведе цензура, а апелот на една телевизија да не се известува од погребите, не е насока од Владата

Не е точно дека за трагедијата во Кочани нема уапсено осомничени и дека се приведуваат новинари. Како што информира државниот јавен обвинител на 20 март, во статус на осомничени се 28 лица, од кои три се во болница, 18 се притворени во предистражна постапка, а против седум полициски службеници се води истрага и тие се, исто така, во притвор. Владата не сака да воведе цензура, а апелот на една телевизија да не се известува од погребите, не е насока од Владата

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Тредс во која се вели:

Наместо да ги апсат виновниците за трагедијата во Кочани, приведуваат новинари. Претходно во текот на денот прорежимскиот Канал 5 побара од другите телевизии да не известуваат за утрешниот погреб на жртвите на пожарот во Кочани. Власта воведува цензура, што е чекор до диктатура. И, тоа што е најстрашно со помош на “медиуми” врз кои имаат апсолутна контрола.  

Не е точно дека за трагедијата во Кочани нема уапсено осомничени и дека се приведуваат новинари.

Како што информира државниот јавен обвинител на 20 март, во статус на осомничени се 28 лица, од кои три се во болница, 18 се притворени во предистражна постапка, а против седум полициски службеници се води истрага и тие се исто така во притвор.

Доказите се собираат во изјави и во материјален облик, но и во форма на експертизи и стручни мислења од одредени области. Сите овие докази до сега упатуваат на сомневање за основно кривично дело – тешки дела против општа безбедност поради директно загрозување на животот и телото на лица, за што е предвидена казна до 20 години. Истражуваат и давање и примање на мито, незаконитости во набавката на пиротехнички средства, како и неколку други кривични дела, вели Коцевски пренесува МИА.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на прес-конференција на 19 март, информираше дека се приведени 26 лица за 18 лица веќе е определена мерка притвор, и дека истрагата ќе се проширува.

На 20 март, Обвинителството соопшти дека се спровела акција на полициски екипи по наредба на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани за приведување лица за кои постои сомнение за инволвираност во врска со постапката за пожарот во дискотеката „Пулс“. Како што пренесоа дел од медиумите, уапсени биле градоначалникот во оставка на Општина Кочани, Љупчо Папазов, како и поранешните градоначалници Ратко Димитровски и Николчо Илијев.

Значи, не е точно дека не се апсат виновни или осомничени за трагичниот пожар во Кочани, како што тоа сака да го прикаже објавата што ја анализираме.

Што се однесува до приведувањето новинари, за што говори објавата, такво нешто досега немало. Имено, на 18 март, кога на плоштадот Македонија во Скопје, се одржа собир во чест на жртвите од Кочани, како што пренесоа дел од медиумите, двајца новинари на Телевизија 21 и еден новинар на агенцијата „Ројтерс“, државјанин на Република Србија, вечерта биле однесени и задржани во полициската станица „Центар“, бидејќи го снимале со дрон протестот на Плоштадот Македонија во Скопје.

Од Министерството за внатрешни работи, како што пренесе СДК.мк потврдиле дека неколку новинари биле повикани на разговор, бидејќи немале дозвола за снимање со дрон.

Значи, немало никакво приведување, туку тие биле повикани на информативен разговор.

Дека новинарите биле повикани на информативен разговор, а не приведени, потврдија и од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

Потврда дека не биле приведени ниту уапсени, стигна и од самите новинари на ТВ 21 кои во видео на Фејсбук објаснија за што биле повикани на разговор.

Понатаму, објавата тврди дека Владата, со помош на медиум, сакала да воведе цензура за погребот на трагично настраданите во пожарот, што било чекор кон диктатура.

И ова не е точно. Имено, телевизија Канал 5, на 19 март објави апел до сите медиуми,  никако да не праќаат ниту една камера/фотоапарат/микрофон со цел снимање на погребниот процес во Кочани и другите градови во четврток.

Овој апел на Канал 5 телевизија нема никаква врска со Владата и со воведување на некаква цензура. Истиот ден, Владата, во координација со Министерството за внатрешни работи (МВР) и во консултација со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), како и со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), објави протокол за безбедност при известување од погребот на жртвите од страотниот пожар во кочанската дискотека.

За претставниците на медиумите кои ќе известуваат за настанот, полициските службеници ќе обезбедат посебна зона од патот на поворката, на 300 метри од влезот на капелата до градските гробишта во Кочани. Овој простор ќе биде обезбеден од припадници на МВР со цел да се гарантира ред и безбедност во означената област. На оваа зона исто така ќе важи забраната за управување со беспилотни летала (дронови), соопшти Владата.

Значи, Владата во ниту еден момент не забрани да се известува за погребите, односно не воведе цензура, како што тврди објавата.

Со оглед на сето ова, објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција