Не е точно дека нема Бугари во Бугарија и на Балканот
Tврдењето дека „не постојат Бугари на Балканот“ и дека „ги нема ниту во Бугарија“ е невистинито. Последниот попис во Бугарија регистрира повеќе од пет милиони лица кои се изјасниле како етнички Бугари, а лица со бугарска етничка припадност се евидентирани и во други држави од Балканот.
Tврдењето дека „не постојат Бугари на Балканот“ и дека „ги нема ниту во Бугарија“ е невистинито. Последниот попис во Бугарија регистрира повеќе од пет милиони лица кои се изјасниле како етнички Бугари, а лица со бугарска етничка припадност се евидентирани и во други држави од Балканот
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
НЕ ПОСТОЈАТ БУГАРИ НА БАЛКАНОТ … ГИ НЕМА НИТУ ВО БУГАРИЈА . НАЦИОНАЛНОСТА БУГАРИН ТРЕБА ДА БИДЕ ВПИШАНА ПРВО ВО БУГАРСКИОТ УСТАВ .
Тврдењето во објавата дека „не постојат Бугари на Балканот“ и дека „ги нема ниту во Бугарија“ не е поткрепено со факти и е во спротивност со официјалните демографски податоци и пописи на населението.
Според резултатите од последниот попис на населението во Бугарија од 2021 година, објавени од бугарскиот Национален статистички институт (НСИ), 5.118.494 лица се изјасниле како етнички Бугари, што претставува 84,6 проценти од лицата кои одговориле на прашањето за етничка припадност. Во истите податоци се наведува дека 8,4 проценти од испитаниците се изјасниле како Турци, а 4,4 проценти како Роми.
Националниот статистички институт на Бугарија е официјална државна институција задолжена за спроведување на пописите и за обработка на статистичките податоци, при што работи согласно европските статистички стандарди.
Овие бројки недвосмислено покажуваат дека Бугарите не само што постојат во Бугарија, туку претставуваат и мнозинско население во државата. Оттаму, вториот дел од тврдењето – дека „ги нема ниту во Бугарија“ – е директно побиен од официјалните статистички податоци.
Покрај тоа, лица кои се изјаснуваат како Бугари се регистрирани и во други балкански држави. Во Северна Македонија, според резултатите од Пописот во 2021 година, 3.504 жители се изјасниле како Бугари, што претставува околу 0,19 отсто од вкупното резидентно население. Овие податоци се содржани во првиот сет резултати од Пописот 2021 што ги објави Државниот завод за статистика, а се наведени и во прегледот на демографската историја на Северна Македонија.
Лица со бугарска етничка припадност се евидентирани и во други држави од регионот. Во Србија, според Пописот од 2022 година, се регистрирани 12.918 лица кои се изјасниле како Бугари (или 0,2 отсто од вкупното резидентно население, слично како и во С. Македонија), при што најголем дел од нив живеат во општините Босилеград и Димитровград.
Заедници на лица со бугарска етничка припадност, иако значително помалубројни, се евидентирани и во Романија, Албанија и други држави од регионот врз основа на национални пописи и статистички евиденции.
Секако, историските дебати за формирањето на националните идентитети на Балканот се предмет на различни научни толкувања и политички несогласувања. Но, постоењето на современа етничка група што се идентификува како бугарска и која е призната во официјалните статистички системи на државите и меѓународните организации не е прашање на историска интерпретација, туку на проверливи демографски податоци.
„Вистиномер“ пред неколку години пишуваше дека Уставот на Република Бугарија е граѓански устав, кој ја дефинира државата како република со парламентарно владеење, при што се додава и дека „целата државна власт произлегува од народот“.
Во Уставот постојат граѓани и народ, но тоа не значи дека нема Бугари по национално чувство или етничка припадност или дека не постои бугарски народ. Исто како што не би било точно дека нема делови од народот кои се чувствуваат и се самоопределуваат како Роми, Турци, Македонци, Срби, Власи или други, без оглед што се дел од бугарската нација и што не се запишани конкретно во уставот, наведува „Вистиномер“.
Значи, тврдењето дека „не постојат Бугари на Балканот“ и дека „ги нема ниту во Бугарија“ е невистинито. Последниот попис во Бугарија регистрира повеќе од пет милиони лица кои се изјасниле како етнички Бугари, а лица со бугарска етничка припадност се евидентирани и во други држави од Балканот.
Поради сето погоре, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар