Не е точно дека нема Сарс Ков 2 и дека ниту еден вирус никогаш не бил изолиран
Вирусот кој ја предизвикува болеста ковид-19 постои и е идентификуван и изолиран повеќепати од независни истражувачи. Една од првите студии за Сарс Ков 2, првично беше објавена во февруари 2020 година, спроведена од истражувачи на Институтот за вирусологија Вухан, Кина. Изолиран е и вирусот којшто предизвикува инфлуенца и тоа е еден од есенцијалните елементи што придонесоа за да се произведе вакцина. А, вирусот на сипаници, како што пишува ЦДЦ, е изолиран во 1954 година кај 13 годишно момче. Според тоа, тврдењето во објавата дека ниту еден вирус досега не бил изолиран, е неточно.
Вирусот кој ја предизвикува болеста ковид-19 постои и е идентификуван и изолиран повеќепати од независни истражувачи. Една од првите студии за Сарс Ков 2, првично беше објавена во февруари 2020 година, спроведена од истражувачи на Институтот за вирусологија Вухан, Кина. Изолиран е и вирусот којшто предизвикува инфлуенца и тоа е еден од есенцијалните елементи што придонесоа за да се произведе вакцина. А, вирусот на сипаници, како што пишува ЦДЦ, е изолиран во 1954 година кај 13 годишно момче. Според тоа, тврдењето во објавата дека ниту еден вирус досега не бил изолиран, е неточно
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
ДАЛИ ОВА ЗНАЧИ КРАЈ НА “ВИРУСОЛОГИЈАТА” И “ИМУНОЛОГИЈАТА”???
ДАЛИ “ВИРУСИТЕ” И “ВАКЦИНИТЕ” СЕ ДЕЛ ОД ВОЕНА СТРАТЕГИЈА???
“Нема SARS-CoV-2, нема COVID-19 и нема варијанти“
д-р Пурнима Ваг, жена со докторат по вирусологија и имунологија и 20-годишна кариера како лабораториски истражувач и научник, опишува како нејзината лабораторија добила договор од CDC, а потоа се обидела правилно да го изолира SARS-CoV-2
Објавата споделува и видео во кое извесна Пурнима Ваг, која се претставува како како вирусолог и имунолог од Калифорнија, тврди дека околу 100 ласици на кои им инјектирала примероци од SARS-CoV-2 биле во одлична здравствена состојба.
Според наративот, ова е доказ дека коронавирус не постои и никогаш не бил изолиран. Ваг посочува дека ги споделила своите наоди со директорот на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC), Роберт Редфилд, кој наводно коментирал: „Не ме интересира што сте пронашле, наречете го SARS-CoV-2“. Таа, исто така, побарала „примероци од изолираниот вирус“, но била одбиена. Нејзината лабораторија, исто така, била наводно „пребарана од ФБИ“.
Значи, објавата своите тврдења ги темели на исказот на истражувачка која, со својот тим, се обидела да зарази ласици со инјектирање примероци од SARS-CoV-2. Откако ги прогласила за здрави, таа заклучила дека ковид-19 бил измислена пандемија. Притоа, објавата не цитира никаква вистинска студија, туку се цитираат само тврдењата на имунологот Ваг презентирани во видео кое е исто така популарно на Bit Chute, платформа популарна кај теоретичарите на заговор низ целиот свет.
Според Ваг, третиот од Коховите постулати (критериуми што ја утврдуваат причинско-последичната врска помеѓу микроорганизмот и болеста) би бил прекршен:
Секогаш кога чиста култура на микроорганизмот се инокулира во здрав (но подложен на болест) домаќин, болеста се размножува, посочува таа.
Но, овие постулати имаат ограничувања и не можат да се сметаат за апсолутни, без да се земат предвид условите на подложност, времето на инкубација, начинот на кој е потврдено молекуларното присуство на патогенот итн. Догматската – а со тоа и неправилната – употреба на Коховите постулати од страна на теоретичарите на заговор и антиваксерите е одамна позната, пишува Опен онлајн во својата анализа за проверка на фактите.
Вирусот кој ја предизвикува болеста ковид-19, постои и е идентификуван и изолиран повеќепати од независни истражувачи. Постулатите на Кох се сет на критериуми, користени за да се утврди дали микроорганизам, како вирус на пример, е одговорен за предизвикувањето на одредена болест. Постулатите оригинално биле создадени и развиени од страна на германскиот лекар Роберт Кох, кој ја освои Нобеловата награда за медицина во 1905 година за неговата работа поврзана со туберкулозата.
Вирусот што предизвикува ковид-19 е изолиран повеќе пати и вирусологот и професор на Универзитетот Квинсленд, Ијан Мекеј во оваа објава покажа дека бројни научни студии демонстрирале дека Сарс Ков 2 е изолиран независно во многу лаборатории ширум светот. Овие студии кои се јавно достапни се доказ дека вирусот постои и дека не се работи за друг вирус, туку специфичен предизвикувач на ковид-19.
Една од првите студии коишто го карактеризираа Сарс Ков 2, првично беше објавена во февруари 2020 година од страна на Zhou et al. Студијата беше спроведена од истражувачи на Институтот за вирусологија Вухан, Кина, и објавена во списанието „Нејчр“. Авторите го секвенционираа генетскиот код на вирусот од примероци на пациенти со ковид-19, како и вирусни примероци од клеточни култури. Тие обезбедија електронски микроскопски слики од вирусот.
Друга студија обезбеди слики од вирусот што го предизвикува Сарс Ков 2, со користење на техника наречена крио-електронска томографија.
Оваа студија беше објавена од страна на Turoňová et al, група базирана во европската лабораторија за молекуларна биологија во Хajделберg, Германија. Во нивната студија, користеле изолат на Сарс Ков 2 кој го добиле од инфициран пациент во Германија.
Вирусот кој ја предизвикува болеста ковид-19 е само еден пример на изолирани вируси. Наспроти невистинитото тврдење во објавата што ја анализираме, вируси кои причинуваат многу други познати болести, веќе се изолирани во историјата на медицината. На пример, изолиран е и вирусот којшто предизвикува инфлуенца и тоа е еден од есенцијалните елементи коишто допринесоа за да се произведе вакцина.
Вирусот на сипаници, на пример, исто така е изолиран. Како што пишува американскиот Центар за контрола и превенција на болести во 1954 година, Џон Ф. Ендерс и доктор Томас Си Пиблс, собрале крвни примероци од неколку болни студенти за време на епидемија на сипаници во Бостон, Масачусетс. Тие сакале да го изолираат вирусот предизвикувач на сипаници во крвта на студентите и да создадат вакцина. Успеале во изолирање на сипаниците кај 13 годишниот Дејвид Едмонстон.
Има 219 вирусни видови познати дека инфицираат луѓе. Првиот откриен во 1901 е вирусот на жолтата треска, а три до четири нови видови се откриваат секоја година (просечна стапка). Има неоткриени вируси, иако стапката на нивно откривање е пониска како што тече времето.
Неизбежно е дека нови човечки вируси ќе продолжат да се појавуваат, претежно од други цицачи и птици, во догледна иднина, велат научниците.
Поради сите горенаведени факти, објавата која ја анализираме, ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар