Не е точно дека немало медиумско известување за Данела Арсовска и дивоградбите во Чаир

Фото: Принтскрин видео официјален ФБ профил на градоначалничката Данела Арсовска

Не е точно дека медиумите не го покривале и не известувале за ловот на дивоградби што градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска го почна со преноси во живо на Фејсбук. Од првиот ден кога Арсовска обвини за дивоградби во Чаир медиумите екстензивно ја покриваат темата и со прилози и со вести во низа, секој ден со опфатени различни агли, како постапувањето на полицијата, одговорите од Општина Чаир… Во медиумите има интервјуа со Арсовска, а беше покриен и настанот кога таа достави докази до Обвинителството

Не е точно дека медиумите не го покривале и не известувале за ловот на дивоградби што градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска го почна со преноси во живо на Фејсбук. Од првиот ден кога Арсовска обвини за дивоградби во Чаир медиумите екстензивно ја покриваат темата и со прилози и со вести во низа, секој ден со опфатени различни агли, како постапувањето на полицијата, одговорите од Општина Чаир… Во медиумите има интервјуа со Арсовска, а беше покриен и настанот кога таа достави докази до Обвинителството

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

За Danela Arsovska и нејзиното справување со градежната мафија немаше прилог на ниеден медиум, а тоа доволно кажува колку власта сака овој проблем да го пикне под тепих. Ќутат како риби, дури и на лични закани врз Арсовска.
Објавата е од 28 мај 2025 година. Токму на тој ден во бројни телевизиски прилози, но и на друг вид медиуми (портали) екстензивно е известувано за акцијата на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која во живо се вклучи на социјалната мрежа Фејсбук од терен во општината Чаир каде пред целокупната јавност изнесе наводи дека во оваа општина имало дивоградби.
Таа се вклучуваше од самите градежни локации, заедно со цел тим од општината во лајв стримови кои траеа по неколку часа во повеќе наврати. Така, наспроти изнесеното во објавата, на 28 мај 2025 година за кога се тврди дека „немало прилог на ниеден медиум, баш на тој датум на „ТВ 24“ има екстензивен прилог на темата. Истиот може да го погледнете овде и датиран е на 28 мај 2025 г.,  а проследен е и со видеоматеријал кој беше емитуван во вестите на истата телевизија. На истиот датум, бројни медиуми ја пренесоа и изјавата на градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски кој даде поддршка на Данела Арсовска за нејзиното обелоденување на спорните објекти.
И во пошироки анализи како онаа на „Дојче Веле“ од 28 мај 2025, има дел односно поширок пасус за акцијата на Данела Арсовска за лов на дивоградби во Чаир. Уште 1 ден пред објавата што ја рецензираме (27 мај), телевизија „Телма“ имаше прилог и извештај на сајтот за акцијата на скопската градоначалничка. Известувањето на „Телма“ продолжува и на 28 мај, како вест. И порталот „Инфомакс“ на 28 мај има известено дека Арсовска обвинува за дивоградби во Чаир кои наводно биле внесени за легализација во Агенцијата за катастар на недвижности со фалсификати. Порталот „Сакам да кажам“ на 28 мај пренесува како институциите постапуваат за конкретниот предмет. На 27 мај 2025, порталите Независен, „Сакам да кажам“, „Скопје инфо“, „Вечер“ меѓу другите имаат известување за темата.
„Слободен печат“ има известување во низа, спротивно на изнесеното во објавата што ја рецензираме дека немало медиумска покриеност за ловот на дивоградби во Чаир. Уште на 21 мај „Сител“ известуваше за првата дивоградба што Арсовска ја посети тој ден. Известувањето продолжи наредните денови од различни агли, односно вклучувани беа и инцидентите пред зградата на Град Скопје каде на полноќ беше истурен камион со ѓубре. 
Целото известување на темата продолжи секој ден екстензивно, а „ТВ 24“ на Арсовска ѝ правеше интервју кое го пренесоа и други медиуми, а во кое таа кажа дека имала закани по животот поради зафаќањето со темата за дивоградбите. Медиумите известуваа и кога Јавното обвинителство после ова интервју ја повика Арсовска да достави докази до нив за дивоградбите и да дојде на распит за таа тема и заканите по живот за ОЈО да може да ги провери сите наводи. Известуваа и кога Арсовска се одзва на повикот и истиот ден, само неколку часа после јавниот повик од Обвинителството, ги однесе документите кај дежурен јавен обвинител во скопското јавно обвинителство.

Исто така, медиумите ги пренесуваа и одговорите на Општина Чаир во врска со обвинувањата на Арсовска.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција