Не е точно дека Нобеловата награда за мир ја добиваат само прозападно настроени личности

Нобелова награда за мир Фото: Awalin, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Наградата ја добивале и личности кои во некои западни земји биле сметани за проблематични или субверзивни како: Мартин Лутер Кинг, Мандела, Арафат или Вили Брант, а ја добил и северновиетнамскиот комунистички дипломат Ле Дук Тхо за неговите преговори со САД, против кои тој се борел

Наградата ја добивале и личности кои во некои западни земји биле сметани за проблематични или субверзивни како: Мартин Лутер Кинг, Мандела, Арафат или Вили Брант, а ја добил и северновиетнамскиот комунистички дипломат Ле Дук Тхо за неговите преговори со САД, против кои тој се борел, што не го квалификува како прозападно настроен. Со тоа се урива лажното тврдење во објавата дека Нобеловиот комитет е „филијала на НАТО“, т.е. дека е пристрасен и дека наградува само прозападно настроени личности

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се вели:

Нобеловиот комитет = филијала на НАТО

Објавата е куса, но во коментарите оставени под неа, нејзиниот автор дообјаснува:

Наградите за Мир (Венецуела) и Книжевност(Унгарија) на лица кои се опозиционери на Мадуро и критичари на Орбан кои пак се контра меин стрим политиките на Западните/НАТО

Со тоа се порачува дека Нобеловиот комитет, кој ја доделува Нобеловата награда за мир, е пристрасен и дека наградува само прозападно настроени лица. Во полза на тоа тврдење, се укажува дека овогодишен добитник на наградата е опозиционер од Венецуела, а тоа е Марија Корина Мачадо, која се бори против антизападната власт на Николас Мадуро во таа земја.

Меѓутоа, комитетот бил основан во 1897 г., кога НАТО-пактот не постоел (основан е во 1949 г.), па како може да му биде „филијала“? Дури и некој да тврди дека комитетот подоцна се претворил во таква „филијала“, тоа пак не држи вода, зашто добитници на Нобеловата награда за мир биле и личности, кои биле сметани за проблематични или субверзивни во некои (про)западни земји.

Мартин Лутер Кинг ја добил наградата во 1964 г. за неговата борба за правата на Афроамериканците, заради која бил следен од безбедносната служба ФБИ и нејзиниот шеф Џон Едгар Хувер, кој бил озлогласен по злоупотребите, ригидноста и параноичното барање на комунистички завери во секоја критика на власта. Кинг подоцна ја критикувал и американската војна во Виетнам, па зарем бил поддржувач на политиките на САД и затоа бил награден?

Нелсон Мандела, пак, бил борец за човекови права во Јужноафриканската Република (ЈАР), каде што владеел расистичкиот режим – апартхејдот. Режимот бил и антикомунистички, што на многу западни земји им одговарало, па тие избегнувале остро да го критикуваат и санкционираат за неговиот расизам, дури иако тој не им се допаѓал, а Мандела бил близок со забранетата комунистичка партија и не исклучувал ни вооружена борба, па некои од нив дури го сметале за терорист.

Ова се сменило во 1990-тите, кога апартхејдот бил напуштен, а Мандела ја добил Нобеловата награда за мир и станал претседател на ЈАР, но заради бирократска аномалија, тој останал на црниот список на терористи во САД дури до 2008 г. Зарем тоа е некаков прозападен политичар?

Палестинскиот лидер Јасер Арафат се борел против Израел, па таа држава, но и многу нејзини западни партнери, го гледале Арафат како терорист, а го осудувале и за неговата соработка со комунистичкиот свет. Нобеловата награда за мир тој ја добил во 1994 г. за мировните преговори со Израел, но многумина во таа земја и општо во Западниот свет биле револтирани од тоа, дури и членот на самиот Нобелов комитет, Каре Кристијансен, кој тогаш си дал оставка.

Сепак, Арафат ја делел наградата со израелските политичари Шимон Перез и Јицак Рабин. Вакво делење на наградата меѓу спротивставени страни, кои вложиле напор за постигнување на мир, е типично за Нобеловиот комитет, што покажува дека тој се труди да биде балансиран и непристрасен и да го промовира мирот.

Такво делење на наградата имало и во 1978 г. кога мир склучиле Израел и Египет; потоа во 1993 г. кога Мандела и белиот претседател на ЈАР, Фредерик Вилем Ле Клерк, работеле на укинувањето на апартхејдот; како и во 1998 г. кога наградата ја делеле политички противници од Северна Ирска, Џон Хјум и Дејвид Тримбл.

Во 1973 г. наградата ја добил контроверзниот американски политичар Хенри Кисинџер, но пред некој да рече дека комитетот бил пристрасен, мора да се каже дека неа ја делел со северновиетнамскиот политичар Ле Дук Тхо заради нивните преговори околу Виетнамската војна. Е па, како тоа комитетот е „филијала на НАТО“, а наградил политичар од комунистичка држава, Северен Виетнам, која се борела против САД и нивниот сојузник Јужен Виетнам?

Западногерманскиот лидер Вили Брант бил познат по т.н. Источна политика (герм. Ostpolitik), која подразбирала затоплување на односите со комунистичкиот Источен блок, за која во 1971 г. ја добил Нобеловата награда за мир, но многумина во Западна Германија и пошироко низ Западниот свет го гледале како попустлив или предавник, што не одговара на сликата за типичен западен политичар.

Во 2000 г. наградата ја добил Ким Дае Џунг, кој бил противник на диктатурите поддржани од САД, кои владееле со неговата земја, Јужна Кореја, а под кои тој бил репресиран. Откако таа се демократизирала, тој станал претседател и ја водел т.н. „Сончева политика“ за затоплување на односите со противничката Северна Кореја, заради што бил осудуван како предавник, иако економски ја зајакнал земјата во периодот кога азиските економии биле во голема криза. И тоа ли е типичен прозападен политичар?

Навистина, наградата понекогаш ја добивале личности, кои Западот ги симпатизирал, па во 1975 г. неа ја добил рускиот физичар Андреј Сахаров, кој се борел против репресиите во СССР и се залагал за нуклеарно разоружување, но наградувани биле и западни политичари кои се залагале за тоа како Британецот Филип Ноел-Бејкер во 1959 г., парламентарец кој се борел за мир и соработка во светот, што, сепак, покажува еден баланс.

Комитетот дури минал низ неколку реформи, кои подразбирале во него да не можат да членуваат политичари кои се во активна служба во владата или парламентот на Кралството Норвешка. Значи, напори за постигнување на што поголема независност и објективност имало, но тоа не може да биде идеално, па и самиот комитет признава дека во неговата работа има контроверзи, но мора да се објасни следново.

Создавањето на Нобеловата награда за мир била приватна иницијатива на шведскиот иноватор и претприемач Алфред Нобел (1833 – 1896), кој таа идеја ја финансирал од своето лично богатство. Концептот за сето тоа тој го изложил во својот тестамент, согласно кој членовите на комитетот треба да ги бира парламентот на Норвешка, која тогаш била во унија со Шведска, а неа тој ѝ ги препуштил обврските околу преостанатите Нобелови награди: за физика, хемија, литература итн. Зошто тој така ги поделил работите тој не објаснил.

Се смета дека тој тоа го сторил за обете земји од таа унија да имаат удел во процесот, а Норвешка ја одбрал да одлучува за наградата за мир најверојатно затоа што земјата тогаш се сметала за подемократска, помирољубива и понепристрасна од Шведска. Но, оттогаш многу нешта се промениле и не знаеме дали Нобел би бил задоволен од сегашната работа на комитетот.

Како умен човек, тој веројатно сфаќал какви последици може да има вмешувањето на политиката во целата работа, т.е. дека тоа може негативно да влијае врз објективноста, но како што тој посакал – така било сторено, па авторот на објавата нема што да замерува.

Нобеловата награда била приватна иницијатива, која Нобел си ја осмислил како знаел и умеел, a комитетот сепак се трудел да биде непристрасен и се здобил со високо меѓународно реноме. На списокот на наградени се неоспорни величини како споменатите Кинг, Мандела или Сахаров.

Земајќи го предвид сето досега наведено, заклучуваме дека објавата е манипулативна и дезинформаторска, па ја оценуваме како невистинита.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција