Не е точно дека осигурителни фирми не исплаќаат животно осигурување за починати од ковид
Во постот се тврди дека француски суд одредил дека осигурителна компанија во Франција е во право кога не сака да исплати животно осигурување на семејството на човек кој починал од вакцина против ковид-19. Но, ваков случај не постои во Франција и станува збор за вирална измислена дезинформација, којашто има за цел да ја дискредитира вакцината. Од Министерството за правда на Франција за „Ројтерс“ изјавиле дека не знаат за ваков наводен случај, во кој француски суд поддржал одлука на осигурителна фирма да одбие да исплати животно осигурување поради смрт што настапила после вакцинација против ковид -19
Во постот се тврди дека француски суд одредил оти осигурителна компанија во Франција е во право кога не сака да исплати животно осигурување на семејството на човек кој починал од вакцина против ковид-19. Но, ваков случај не постои во Франција и станува збор за вирална измислена дезинформација, којашто има за цел да ја дискредитира вакцината. Од Министерството за правда на Франција за „Ројтерс“ изјавиле дека не знаат за ваков наводен случај, во кој француски суд поддржал одлука на осигурителна фирма да одбие да исплати животно осигурување поради смрт што настапила после вакцинација против ковид -19
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се тврди дека вакцините против ковид-19 се третираат како убиство или самоубиство од страна на осигурителните компании кои, наводно, според изнесеното во постот, одбиваат да им исплатат животно осигурување на членовите на семејствата на лица вакцинирани, а починати.
Убиства и самоубиства. Како долгогодишен здравствен работник не се чудам на тие што убиваат, се чудам на тие што свесно себе се убиваат како и своите деца. Дали знаете што содржи ков вакс и кои се последиците на краток и долг рок? Зошто не истражувате? Читајте и истражувајте независно од тоа дали сте работник, лекар, медицинска сестра, професор, директор, пратеник, министер, премиер, претседател. Иако тие со титули, за мене се едно големо ништо. Ништо арно не сторија! Уништија деца и илјадници животи! Пораката е да помислат како човек која иднина им ја оставаат на своите деца и внуци? До кога со лаги и деструкција? Дали знаете дека преку експерименталната ковид вакцина станувате генетски модифициран организам односно мутант, ако преживеете? Прочитајте што значи трансхуманизам или расчовечување. На толку многу информации во светот, зарем единствениот медиум во светот остана телевизорот? Срамота! Никогаш светот не бил затворен и уништен како овие две години и се оди на полошо. Дали знаете дека за промена на полот е бесплатно и експресно а за операција од малигна болест може и да ве одбијат но со мито и некако да ве протнат? Да згрешиш, еднаш, двапати, но да ја повторуваш грешката до смрт, не е само убиство туку идиотизам, се вели во постот кој го рецензираме.
Понатаму, во него е споделено видео на германски јазик, но со српски превод, во кое се наведува дека осигурителна компанија во Франција, одбила да му исплати парични средства од животното осигурување на семејство на човек кој починал од вакцина против ковид-19, со образложение дека смрт после вакцинација против ковид-19 е еквивалентна на смрт после самоубиство и дека таква одлука наводно донел суд во Франција. Образложението на осигурителната компанија, според наведеното во видеото била, дека вакцините не се докажано безбедни па затоа смртта на човекот претставува доброволно соучество во експериментот на вакцинација, на сопствена одговорност. Можните последици меѓу кои и смрт, ги прифатил на своја одгворност и затоа се работи за сопствена кривица, се вели во видеото во склоп на постот и се поставува прашањето, што би значело ако вакцинацијата стане задолжителна од страна на државата.
Кои се фактите? Прво за тврдењето дека со вакцинацијата против ковид-19 се расчовечува човекот односно се влегува во процес на трансхуманизам, „Вистиномер“ веќе целосно го дебанкираше тоа тврдење и може да ја прочитате таа рецензија на следниот линк.
Што се однесува, пак, на тврдењата дека француски суд одредил дека осигурителна компанија во Франција е во право кога не сака да исплати животно осигурување на семејството на човек кој починал од вакцина против ковид-19, ваков случај не постои во Франција и станува збор за вирална измислена дезинформација, којашто има за цел да ја дискредитира вакцината. Ниеден од оригиналните написи во Франција, не споменуваат име на осигурителна компанија која не сакала да исплати животно осигурување врз основа на вакцинален статус. Нема француски суд што пресудил дека смрт од вакцина се смета за самоубиство. Нема документ за таков случај.
Не е споменато името на човекот кој наводно починал од вакцина, името на осигурителната компанија или пак кој судија и суд донел таква „одлука“. Доколку постоеше француски суд што донел таква одлука, тоа ќе беше топ вест на сите големи мејнстрим медиуми ширум светот. Но, затоа што случајот никогаш не се случил, само неколку мали антивакцинални сајтови ја споделуваат ваквата дезинформација.
Министерството за правда на Франција не знае за ваков наводен случај во кој француски суд поддржал одлука на осигурителна фирма да одбие да исплати животно осигурување поради смрт што настапила после вакцинација против ковид -19, велат оттаму за „Ројтерс“.
Наспроти релевантни докази како судската одлука на пример за овој „случај“, во овие мали сајтови со антивакцинални агенди, се споделуваат две писма од осигурителни компании комплетно неповрзани со темата.
Во првото, осигурителната фирма „Techniker Krankenkasse“ кажува дека какви било несакани ефекти од вакцината против ковид-19 не се покриени од нивното здравствено осигурување (не животно осигурување туку здравствено осигурување) поради тоа што државата ги обезбедува вакцините и таа ќе покрие такви трошоци.
Во второто писмо, „Die Haftpflichtkasse“ пишува дека нивното осигурување од несреќи (повторно потенцираме, ова не е животно осигурување) не покрива сајд ефекти од вакцинацијата против ковид-19.
Вакцинацијата против ковид-19 не влијае на исплатата на животното осигурување. Институцијата одговорна во Франција за животно осигурување на државно ниво (The Insurance Control and Resolution Authority of France -ACPR) изјави дека „условите на смртта на осигуреникот немаат ефект за плаќањето на тој што го добива осигурувањето“.
Има само две можности исплатата на животното осигурување да биде одбиена, а тоа е ако осигуреникот се самоубие или ако се докаже дека тој што треба да ги добие парите од животното осигурување, го убил осигуреникот за да се стекне со материјална корист.
The Insurance Control and Resolution Authority of France -ACPR за францускиот весник „Либерасион“, појасни:
Исклучоците не се многубројни и разновидни и ниеден договор според тоа што го знаеме не содржи клаузули што би направиле да биде возможно да се исклучи од плаќање смрт предизвикана од вакцинација или од медицински третман препишан од доктор.
Со други зборови, осигурителните фирми во Франција не можат да одбијат да исплатат отштета за животно осигурување базирано на тоа дека некој починал од вакцина или медицински третман!
Но, дезинформацијата е толку распространета што канадските тела мораа да објават официјален демант во кој објаснуваат дека вакциналниот статус не е причина да се одбие исплата на нечие животно осигурување. Осигурителните фирми никогаш не ја нарекувале смртта од вакцина „самоубиство“ како што невистинито и непоткрепено со факти се тврди во постот што го рецензираме.
Американскиот совет за животно осигурување наведува дека осигурителните фирми плаќаат бенефиции за полисите за животно осигурување кога осигуреникот ќе почине независно од причината за смртта освен во многу ограничени околности. Вакцина против ковид-19 не е основа да се одбие бенефицијата, велат оттаму.
Значи, во постот што го рецензираме се користи една манипулативна тактика – да се повикува јавноста на проверка и на истражување, а притоа да ѝ се сервираат лажни и претходно дебанкирани дезинформации кои немаат втемеленост во реалноста. Па така, се тврди дека граѓаните кои се вакцинираат се во опасност да се „самоубијат“, и на тој начин се сака што повеќе луѓе да се одвртат од идејата да примат вакцина, лажно сугерирајќи им дека регулаторни тела во светот смртта после вакцинација ја сметаат за самоубиство и за учество во експеримент на сопствена одговорност, што не е точно.
Поради сите горенаведени факти, постот го оценуваме како невистинит.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар