Не е точно дека откако САД излегле од СЗО, почнале да се развиваат лекови против рак
Дел од „револуционерните лекови“ што се споменуваат во објавата покажале ветувачки резултати во лекување на рак кај глувци, дел се само клинички студии, некои од нив се со постар датум… Се потврдува само тоа што беше вистина и кога САД беше внатре во СЗО – дека целиот свет се труди да најде лек против карциномите
Дел од „револуционерните лекови“ што се споменуваат во објавата покажале ветувачки резултати во лекување на рак кај глувци, дел се само клинички студии, некои од нив се со постар датум … Се потврдува само тоа што беше вистина и кога САД беше внатре во СЗО – дека целиот свет се труди да најде лек против карциномите
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
„Лекот за рак одеднаш откриен“ – социјалните медиуми експлодираа со нова теорија.Веднаш откако САД се повлекоа од СЗО, разни земји почнаа да објавуваат „револуционерни лекови“ за рак, па дури и за ХИВ.Шпанија, Кина, Куба, Русија, Јапонија, Австралија и други – сите наводно истовремено пронашле решенија.Луѓето веќе директно прашуваат:Дали е ова случајност… или Америка со години го спречувала развојот за да им угоди на фармацевтските гиганти?
Оваа објава содржи повеќе неточности. Третманот во Шпанија покажа ветувачки резултати во лекување на рак на панкреас кај глувци, но другите наводни лекови или не се од понов датум или се целосно фабрикувани. На пример лекот од Јужна Кореја доаѓа од студија во декември 2024 година, пишува во забелешката од заедницата од платформата „Икс“.
Иако ова претставува интересна тема на социјалните медиуми, едноставно не е точно да се тврди дека лековите за рак некогаш биле потиснати од тоа што Америка била во СЗО и сега одеднаш се објавиле откако Америка се повлече од Организацијата. Всушност, една Фејсбук група со повеќе од 135.000 следбеници неточно прикажа дека лековите за болести како што се леукемија, рак на дебело црево, рак на панкреас и смртоносни тумори на мозокот се медицински прифатени што не е така, пишува „Грин Матерс“.
До истите сознанија дошле и авторите од странскиот медиум Дејли дот.
Имено во 2026 година нова студија на истражувачи во Шпанија покажа дека тројна терапија ги елиминира туморите на панкреас кај глувци. Тоа не значи дека студијата нашла лек против рак на панкреас кај луѓе, ниту пак дека досега немало студии, научни трудови, научни напори итн, во кои се прават обиди да се дојде до лек.
Истражувачите од Корејскиот напреден институт за наука и технологија (KAIST) на 5 февруари објавија дека откриле нов пристап кон третманот на ракот со реверзирање на клетките на ракот, наместо нивно убивање.
Во Кина уште во 2025 година бил пуштен во употреба нов протокол за лекување на колоректален карцином, а на темата се прават и клинички студии.
Наспроти изнесеното во објавата на почетокот на 2026 година, не постои широко одобрен, единствен лек за постоечка ХПВ инфекција, но во развој се значајни достигнувања во терапевтските вакцини и третмани. Мексико нема лек против ХПВ.
За делот од објавата дека во Виетнам се измислил лек за леукемија, проверувачите на факти оттаму пишуваат дека се работи за нешто сосема поинакво – излекувано било 12 годишно девојче и овој пробив не значи пронаоѓање на универзален лек ниту пак е новост!
Технологијата не е нова на глобално ниво: Терапијата со CAR-T клетки за првпат беше одобрена од американската FDA во 2017 година (под брендот Kymriah). Се користи во САД, Европа и други земји со години, пишуваат проверувачите на факти од Виетнам додавајќи дека тоа е третман, а не „гарантиран лек“.
Вистиномер веќе пишуваше дека Европа вложува многу повеќе од Русија во научни истражувања за ракот. Анализата, објавена во списанието „Лансет онкологија“, вклучува речиси 108.000 награди за истражување на ракот доделени глобално помеѓу 2016 и 2023 година, во вкупен износ од 51,4 милијарди долари (44 милијарди евра). Соединетите Американски Држави покриле 57 проценти од овие трошоци (25,2 милијарди евра), додека ЕУ и нејзините земји-членки издвоиле 16,8 проценти (7,4 милијарди евра), а Обединетото Кралство обезбедило 11,1 процент (4,9 милијарди евра) од глобалното финансирање за истражување на ракот.
Точно е дека во Русија има обиди за развој на мРНК-вакцини против рак (на пример, персонализирана мРНК вакцина за меланом), но на ова беше работено и кога САД беа во СЗО.
Сепак ниеден од овие напредоци не е поврзан со излезот на САД од СЗО. Дел од третманите се само клинички студии, дел од нив се со постар датум, и се потврдува само тоа што беше вистина и кога САД беше внатре во СЗО – дека целиот свет се труди да најде лек против карциномите.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар